Достапни линкови

Лекциите од бегалската криза да се стават во функција на евенталниот нов бран


Македонските власти тврдат дека се подготвени да одговорат на можен нов нелегален бегалски бран од Авганистан. Грција постави 40 километарска жичана ограда. Невладините организации велат дека лекциите од бегалската криза се научени.

Малкумина успееа легално да го напуштат Кабул и среќни да пристигнат на безбедно тло. Но, во градот и околината останаа уште многу исплашени луѓе кои изминативе денови се обидуваат да побегнат поради страв дека Талибанците ќе бидат безмилосни кон нив, откако пред една недела тие ја презедоа власта. Дел од Авганистанците како и досега својата среќа ќе ја бараат на европско тло по илегалните канали во кои спаѓа и познатата Балканска рута.

Балканската рута пред нов бран бегалци од Авганистан?

Невладините организации предупредуваат дека Македонија како дел од Балканската рута за нелегален транзит на бегалците мора да се подготви за можен миграциски бран. Власта вели дека ја научила лекцијата од бегалската криза во 2015 година и дека овој пат е подготвена за нов можен нелегален бегалски бран од Авганистан.

Националниот владин координатор за гранично управување Владимир Пивоваров вели дека во досегашниот бран на нелегални мигранти кои транзитираат низ Македонија со помош на криумчари спаѓаат луѓе кои најчесто доаѓаат од Авганистан и Пакистан. Тој објаснува дека соработката со сите безбедносни служби мора да биде на високо ниво затоа што во светот не постои херметички затворена граница. Според него, клучната оператива на службите сега е насочена кон борба против организираниот криминал со криумчарење на мигранти.

„Мигрантите сами по себе не можат да се движат по рутите, затоа што не го знаат патот, ниту пак правци на движење, затоа тие се тие криумчарите кои се водичи и пренесувачи преку граница. Секако ако има потреба ќе бидат зголемени безбедносните сили кои се наоѓаат на граница, јужната граница, знаете и армијата ја обезбедува, како дополнение на полицијата. Така да, не очекувам дека ќе имаме некои сериозни проблеми во однос на зголемениот број на луѓе кои се очекува како што и се предвидува. Добро е што Грција ги пушти во употреба новите 40 километри жичана ограда, затоа што нас најголем проблем ни е доаѓањето на мигранти од јужната граница. Мислам дека сме подготвени да одговориме во коалиција со нашите партнери“ изјави Пивоваров.

Пивоваров: Лошата проценка во Авганистан може да донесе илегални бегалци
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:58 0:00
Директен линк

Турција и Грција се договорија дека нема да бидат порта кон Европа за бегалци од Авганистан. Грција, која е една од првите земји на ЕУ во која бегалци влегуваат од Турција, соопшти дека може да ги врати сите Авганистанци кои илегално влегуваат во земјата.

Универзитетскиот професор Трпе Стојановски вели дека новите состојби во Авганистан многу веројатно е дека ќе продуцираат бегалски и мигрантски бранови кои ќе се движат по веќе воспоставените рути како што е и Балканската. Главната задача на властите треба да биде следење на состојбите и да се учествува во проекциите и плановите на Европската Унија која, како што вели тој, иако е трома во делувањето, сепак е конзистетна во тој сегмент и да ги детектира почетните состојби.

„Во таа ситуација треба да се учествува интегрирано, одговорноста и надлежностите да бидат поделени. Присуството на странски полициски службеници во Република Северна Македонија на јужната граница секако дека е предност од повеќе аспекти, особено што тоа ќе значи значи учество во глобалните одговори на земјите од Унијата, и во таа смисла она што се презема досега и научените лекции од досега треба да продолжат со зголемен интезитет“ вели тој.

Прва на удар од нов бегалски бран се очекува да биде Турција и првенствено треба да се следат случувањата таму, вели Стојановски. Тој додава дека она што е научено од граѓанските организации кои се справуваа со првиот бегалски бран ќе треба да се стави во фунција и да им се понуди помош во нивното делување.

Некои траси на Балканската рута се покомплицирани отколку што беа пред пет години, а мигрантите се принудени да поминат низ тежок терен за да ги избегнат граничните бариери и зајакнатите патроли.

Од невладината организација Легис која во изминативе неколку години се справуваше и помагаше во давање помош на бегалците велат дека Балканската рута никогаш не престана да биде активна. Мерсиха Смаиловиќ од граѓанската организација „Легис“, која има своја канцеларија во прифатните кампови Табановце, Винојуг во Гевгелија и во селото Лојане вели дека лекцијата во справување со нелегални мигранти и бегалци е научена и дека и невладините и државата се подготвени за можен нов бран.

Но, таа вели дека една од работите која државата треба да ја спроведе сега е да се подготви за одобрување на апликациите за азил.

„ Досега има тројца Авганистанци во нашата држава од кој еден има супстидијарна заштита за една година, додека имаме една жена која е во голема опасност и чија апликација воопшто не е одобрена и година дена веќе седи во Македонија“, вели Смаиловиќ.

Законот е јасен, ако доаѓаат од земја во која има војна тие се бегалци и треба да им се даде бегалски статус, а со тоа и да се измени досегашната пракса. Односно, како што објаснува Смаиловиќ ,треба да се стават во функција законот за меѓународна привремена заштита како и примената на меѓународното право.

Во 2015 година, стотици илјади мигранти и бегалци го минаа Балканот во колони, пристигнувајќи на полуостровот преку Грција пред да тргнат кон север. Рутата беше официјално затворена според договорот меѓу Брисел и Турција во 2016 година. Но, во реалноста, движењето никогаш не запре. Иако бројките се помали, десетици илјади сè уште поминуваат низ регионот годишно, бегајќи од војната и сиромаштијата од Азија, Средниот Исток и Северна Африка.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG