Достапни линкови

Подготвени ли се државите за отворен Балкан од 2023 година?


Александар Вучиќ, Зоран Заев и Еди Рама на Економски форум за регионална соработка, Скопје 29 јули 2021
Александар Вучиќ, Зоран Заев и Еди Рама на Економски форум за регионална соработка, Скопје 29 јули 2021

Има опасносност и за зголемено движење на безбедносно интересни лица, но тие и досега безбедно се движат, коментира поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов за тоа дали ќе се зголемат криминалните активности по отворањето на границите меѓу Македонија, Србија и Албанија.

Дали е преамбициозна идејата за отворен Балкан од први јануари 2023 година и што се треба државите да направат за да осигураат безбедно кревање на граничните рампи е прашањето што се поставува по најавата од лидерите на Македонија, Албанија и Србија дека тоа ќе се случи за помалку од година и пол. Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ не ја криеја разочараноста од бавниот пат на трите балкански земји кон Европската унија, а во регионалното поврзување гледаат начин за зголемена соработка.

Но, дали постои опасност и од „зголемена соработка“ на шверцерските и други криминални групи? Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник од владејачкото мнозинство Павле Трајанов во изјава за Радио Слободна Европа на прашањето што треба да се направи за од 2023 година да се контролираат и криминалните активности меѓу трите држави одговара- па и сега никој не ги контролира границите, а граѓаните од трите земји минуваат само со лични карти.

„Има опасносност и за зголемено движење на безбедносно интересни лица, на терористи, на криминалци, но тие и досега безбедно се движат, добиваат пасоши од легални институции, или фалсификувани итн. Значи, тој криминал и натаму ќе постои, мора да се организираме и да се бориме, но заради претпоставки дека криминалците исто така полесно ќе се движат не можеме да го блокираме демократскиот и економскиот развој на балканските држави“, вели Трајанов.

Директен линк

Тој смета дека за да се надминат евентуалните проблеми треба да се преземат веќе изградените системи од Европската унија во која големи држави ги отворија границите и нема контрола меѓу нив. Трајанов потстетува дека и досега со сите држави Македонија има договори за соработка во сузбивање на тешкиот облици на задграничен криминал, дека постои и центар за борба против организиран криминал во Букурешт и додава дека треба да се направат уште некои преструктуирања.

Инаку досега, Македонија со двете соседни земји има потпишано низа договори за соработката во борбата против криминалот. На пример на први јуни годинава македонското и албанското обвинителство за гонење на организиран криминал потпишаа меморандум за соработка, а договор за основање и функционирање заеднички контакт центар за полициска соработка двете земји имаат уште од 2012 година.

Година претходно, во 2011 година, тогашните министри за внатрешни работи на Македонија и на Србија Гордана Јанкулоска и Ивица Дачиќ потпишаа билатерален договор за полициска соработка, а двете земји исто такаа имаат други договори, како на пример за радмисија. Пред две години со Србија, Македонија потпиша и договор за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе и криумчарење мигранти.

Договорите за меѓусебни соработки ги споменува и аналитичарот од Асоцијацијата за демократски иницијативи Алберт Муслиу. Тој нагласува и дека трите држави се членки на ИНТЕРПОЛ. Според него, трите држави повеќе работа ќе имаат во усогласувањето на економските политики за да обезбедат непречено движење на стоките.

„Според мене ќе треба да има промена во данокот на додадена вредност, даночните закони, верувам дека цела низа на работи ќе треба да се сменат, но ако веќе се посветиле веројатно се сериозни за тоа што го ветуваат“, вели Муслиу.

Заев, Рама и Вучиќ на економскиот самит кој се одржа во Скопје неделава ветија заеднички регионален пазар кој ќе понуди подобар живот на граѓаните и многу поволности за нив, како на пример нула минути чекање на границите, а да не постојат царини меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија. Рокот кој си го зададоа истекува на први јануари 2023 година.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG