Достапни линкови

Печен е за директор, ќе научи низ работа


Илустрација
Илустрација

Од 116 именувања направени по парламентарните избори во 2020 година, 55 отсто од кандидатите имаат минимум искуство во раководење, покажува анализата на Институтот за демократија – Социетас цивилис. Лепењето плакати е главното искуство што се бара, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Песимистот вели дека половина од директорите на јавните претпријатија се назначени без искуство, оптимистот вели дека половина се со искуство, а реалистот вели дека се назначени партиски.

Во анализата „Кој тоа таму управува?“ на Институтот за демократија – Социетас цивилис (ИДСЦС) се наведува дека работните позиции, особено оние на повисоките раководни функции, се делат преку ноќ, зад затворени врати.

ИДСЦС анализирал 116 именувања направени по парламентарните избори во 2020 година, а анализата покажува дека 55 отсто од кандидатите имаат минимум искуство во раководење што ќе овозможи независно и ефикасно да ја исполнат задачата. За да се заобиколат процедурите за именување, во половина од случаите биле назначувани в.д. директори.

Во анализата се наведува дека процесот на избор е онолку штур, колку што е потребно за основачот да го избере посакуваниот кандидат, без разлика дали тоа е најдобриот. Не е важно да се искусни, важно е да не пркосат.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи иронизираат дека лепењето плакати е најбитното искуство што се бара.

Едни велат дека се назначуваат „директори – девици“, додека да научат што им е работа ќе им заврши мандатот, други, пак, потсмешливо прашуваат како ќе стекнат искуство во директорување ако не ги назначат.

Дел од граѓаните иронизираат дека ако ги стават способните за директори, нема кој да остане да ја заврши работата во администрација.

Некои потсетуваат дека Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски добија високи функции пред да наполнат 30 години, други пак реплицираат затоа сме на ова дереџе.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG