Директорката на Фондот за пензиско осигурување, Билјана Јовановска во неделното интервју на РСЕ им порачува на пензионерите да бидат спокојни, Пензискиот фонд, вели, е во стабилна состојба и пензиите, како и досега ќе продолжат со редовна, навремена исплата. Јовановска исто така им порачува на лицата кои се блиску до пензија да си го проверат стажот навреме.
Реакциите на нашата ФБ страница покажуваат недоверба и кон оваа институција. Никола Стамков со прецизни податоци: „Токму така, пензионерите да бидат спокојни со измените на Чл.37 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2018 год. кога го укинавте усогласувањето согласно растот на платите, па сега ќе добијат усогласување од само 1,2 отсто, а животните трошоци се зголемени за околу 30 проценти“. И го завршува својот коментар со алузија: „Сѐ е исто само него го нема!!!!“ Во врска со пораката оние кои се блиску до пензија да си го проверуваат стажот има повеќе реакции. Благица Нанева смета дека во Фондот се кратело од стажот и вели: „Зошто да се проверува стажот? Па затоа се платени тие од Фондот“, а Наумов Бобан коментира: „Граѓаните треба да работат и да наполнат 64 години. А вие како институција треба да си ја работите својата работа и да го известите граѓанинот за почеток на пензионерските денови!“ и ги нарекува вработените во Фондот „неработници“.
Пратениците го изгласаа Законот за изградба на автопати без тендер, претседателот на државата го потпиша, а на ФБ страницата на РСЕ порој од негативни реакции. Цитираме само некои од нив. Мики Јовановиќ вели: „Со тендер не се изградија, а сега без тендер“, а Влатко Пан вели: „Грујо не чинел, ноќе закони носеше и споменици монтираше. Овие бетер од нив. Народот е крив што ги трпи.“ Горица Андреева порачува: „Го засилувате криминалот на најјако. Затоа ништо не направивте досега, не ви се исплатеше“, а Николчо Петров вели: „А бе, ова они за да не ги обвинуваме за местење тендери. НЕМА ТЕНДЕР, НЕМА МЕСТЕЊЕ“. Гоце Стојановски уште поостар: „Ако се гради без тендер, тогаш и в затвор ќе се оди без судење. Со европско знаменце. Ало, од Месечината ви се гледаат намерите“.
Репатрирани се 23 македонски државјани од Сирија и Ирак, од кои четворица се водат како странски терористички борци, по кои по претходно обезбедени докази од страна на МВР беше распишана меѓународна потерница. Коментарите вообичаено се искомбинирани со алузии на коалиционата влада, провејуваат меѓуетничките односи и се со непримерен јазик. Дејан Давков, на пример, порачува: „Одма у влада“, а Силвестер Ќосев постирал: „Само директори на јавни претпријатија или заменици министри нека ги турат...“