Достапни линкови

Осип, пролив, конјуктивит - колку е добра водата за капење во реките и езерата


Илустративна фотографија/ Некогашниот камп и езеро Треска
Илустративна фотографија/ Некогашниот камп и езеро Треска

Среде лето, на пеколни температури, голем број граѓани спас од жештината бараат на реките и езерата. Капачи има, ама водата на многу места е толку загадена што претставува сериозна опасност по здравјето.

Секое лето во скопски Аеродром, од страната на Керамидница, може да се забележи поголема група деца и млади кои секојдневно се капат во реката Вардар. Капачи има и на Треска, во близина на Матка, но и по течението на Пчиња која е едно од поомилените места близу Скопје каде може да се „фати“ природна ладовина.

По социјалните мрежи честопати се бараат идеи за тоа каде може да се отиде на капење, а предлозите варираат, од топлите вирови на Дошница, поголемите езера, па се до реките во околината на Скопје. И тука се вклучува алармот за тоа колку езерата и реките во Македонија навистина се добри за капење, ако се има на ум дека тие честопати служат како депонии.

Нора Калики од Скопје вели дека никогаш не би им дозволила на своите деца да се капат во реките околу Скопје. Како мајка на четири деца одамна е свесна дека тоа е огромен ризик. Вели дека нечистотијата е видлива и со голо око. Затоа наместо уживање близу дома, викендите мора внимателно да ги планира.

„Жално е да се каже дека во главен град, ние како родители нема кај да ги носиме децата. Обично за викенди планираме некаде подалеку да одиме, да патуваме, нема место каде што безбедно може да си одиме со децата, да уживаме во тоа. Ние промовираме цело време туризам ама гледаме дека околу нас се е загадено и не е чувано и од страна на граѓаните, но и од власта“, разочарана е таа.

Фекалии влечат реките околу Скопје

Дека капењето во реките во околината на Скопје е сериозен ризик потврдува и доктор Љупчо Костадиновски, раководител во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Скопје. Годишно од ЦЈЗ земаат 70-тина мостри од Вардар, Треска, Лепенец и Пчиња. Последното испитување направено минатата недела покажало дека хемиското загадување на овие реки е меѓу трета и највисоката петта класа, додека бактериолошки сите се класифицирани во најлошата- четврта класа.

Капењето во вакви води, вели докторот, носи од осипи по телото, проблеми со очите и ушите, па се до проливи или хидрични епидемии ако некој случајно се напие од речната вода. Затоа алармира, луѓето мора да бидат одговорни.

„Не можеме да бидеме ние докторите рамнодушни затоа што тој истиот капач пак ќе дојде на лекар кај нас, ние ке му дадеме некои апчиња, или капки за очи за уво, некој осип , некои проливи, значи повторно тој ќе не ангажира бидејќи не дека не знае, меѓутоа недостасуваат и табли дека е забранета водата за капење, да се истакнат на видно место за луѓето да ги знаат последиците коишто им следуваат ако се капат во овие нечисти води“, укажува докторот.

И навистина, таблите на кои пишува „Забрането капење“ се вистинска реткост. Вардар е најчист кај изворите во Вруток. Минувајќи низ Гостивар и Тетово почнува да се загадува, за во Скопје загадувањето да стане алармантно.

Ништо подобро не е ниту во долното течение, од Велес кон Гевгелија. Ова го потврдуваат и најновите мерења во велешкиот ЦЈЗ кои исто така утврдиле највисоко ниво на бактериолошка загаденост. Состојбата е алармантна и кај останатите реки во овој реон како Тополка и Бабуна. Мострите земени од нив пред вливот во Вардар покажале трета класа на бактериолошка загаденост што значи дека и тие се забранети капење. Нешто подобра е ситуацијата на Црна река, каде загадувањето е од втора класа, со што таа е единствената поголема река на овој потег каде граѓаните може да се искапат без поголеми грижи.

Уште една река каде состојбата е добра за капење е Пена во Тетово, ама само во горниот дел, кај местото Бањиче. Иако водата е ладна бидејќи доаѓа од Шар Планина, сепак е познато место за капење на тетовци. Но во подолното течение на реката шутот, ѓубрето и водите што истекуваат во неа, ја прават опасна за капачите.

Водата во езерата „одлична“ за капење

Состојбата со езерата е нешто подобра споредено со поголемите реки. Мострите испитани годинава од Охридското и Дојранското покажале дека и двете езера се со „одличен“ квалитет на вода.

Така, водата во Охридското езеро на скоро сите мерни места е клацифицирана како „одлична“ според бактериолошката анализа, односно во прва класа по хемискиот состав. Исклучок, според последното мерење на ЦЈЗ Охрид е кај пристаништето и плажата Сараиште, каде хемиски е втора класа, исто како и во каналот Студенчишта и мостот кај Струга каде и бактериолошката клацификација е едно ниво полоша.

Земените примероци вода од пречистителните станици во Љубаништа и Градиште пак покажале дека фекалната вода во Љубаниште е директен загадувач на езерото, додека во Градиште тоа не е случај, појаснува докторката Лидија Симоноска, од ЦЈЗ Охрид.

Анализите на Хидробиолошкиот завод направени за време на летната сезона во минатата година, пак покажаа високо ниво на фекално загадување со бактерии познати како фекални колиформи, фекални стрептококи, Ешерихија коли. Најпогодени од фекалното и органското загадување се водите на Охридското Езеро во близина на населбите и речните устија, при што состојбата е најзагрижувачка во делот на Трпејца и вливот на реката Грашница, близу плажата Мизо. Овде пред три години во јули беше поставен знак „Забрането капење“, поради фекалии во водата.

Состојбата годинава е одлична и во Дојранското Езеро, барем според мострите испитувани од ЦЈЗ Велес. Така во однос на присуството на фекалните бактерии таа е прва и втора класа. Сепак, како што се наведува во извештајот полоши резултати има во однос на матноста, заситеноста со кислород, присуството на амонијак. Сепак од ЦЈЗ заклучуваат дека водата е „одлична“ за капење, а отстапувањата се резултат на составот на самата вода.

Дојранското езеро доби забрана за капење во јули 2016 година поради тоа што мострите од неколку плажи покажаа загадување и физичко-хемиско и со фекални бактерии . Меѓутоа во истиот период се смени правилникот за управување со водите за капење, па така тоа што дотогаш се класифицираше како трета категорија небезбедна вода за капење, стана втора категорија која е класифицирана како безбедна за луѓето.

Загадувањето на Дојранското Езеро беше нотирано и во анализата на Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“. Анализата беше објавена на крајот на минатата година и утврди дека водите од Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро се класифицираат во Класа 4, која се однесува на силно еутрофична, загадена вода, која не еупотреблива за ништо, без претходна обработка. Овој мониторингот на квалитетот на водите од трите езера го спроведе Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Последните испитувањата на ЦЈЗ Велес пак покажале дека нема проблем за капење во Тиквешко Езеро, а како безбедно е наведено и езерото „Младост“.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат - ДЗСИ за РСЕ велат дека „во моментов до ДЗСИ нема стасано информација за небезбедни води за капење“.

Нема систем за информирање за чистотата на водите

Според Правилникот за води за капење доколку има проблем, мора да биде известен ДЗСИ кој ќе алармира за лошиот квалитет на водите за капење. Истовремено, како што е наведено во Правилникот за водите за капење од 2016 година, Министерството за животна средина има обврска обврска да ја информира јавноста за состојбата на водата за капење преку веб страницата. Ажурирани информации од годинешен мониторинг на површинските води не успеавме да најдеме на сајтот на ова Министерство.

Како можно решение на проблемот беше најавено воведувањето на т.н водна книга, но и овој процес засега тапка во место, забележува Кирил Ристовски од Центарот за еколошка демократија Флоразон.

„Водата за капење и тоа како мора да биде означена, односно квалитетот на самото водно тело, согласно актуелната класификација за квалитет на води. Зошто тоа не се прави - поделени ингеренции и надлежности помеѓу различни институции, меѓутоа и на некој начин ниска свест кај локалните субјекти коишто и тоа како имаат надлежности во делот на означувањето“, смета Ристовски.

Загадувањето во реките и езерата доаѓа главно од човекот. Најголем дел од отпадните води непречистени се испуштаат во водотеците, а поради немањето пречистителни станици и колекторски системи сета канализација од повеќето градови директно оди во реките или езерата. Ако на тоа се додаде загадувањето од индустријата, но и несовесното однесување на граѓаните кои фрлаат се и сешто во водните корите, станува јасно зошто се загадени водите во Македонија.

Доктор Костадиновски вели дека решенијата за ова се познати, само треба да почнат да се применуваат.

„Камерите се иднината. И казните. Нашиот народ сака да биде казнет“, вели докторот.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG