Албанскиот јазик, традиција и култура се она што ја интересира дваесет и петгодишната Сузана Мариќ од Нови Сад, град на северот на Србија. Поради ова, таа пред шест месеци одлучила да се пресели во Приштина на Косово и да се запише на студиската програма Балканистика на Филолошкиот факултет.
„Албанологијата во Белград е организирана да се учи албански (јазик), а ние (на Балканистика во Приштина) учиме албанска култура, јазик, литература. Има јазичен и културен пристап“, вели Сузана за Радио Слободна Европа (РСЕ), објаснувајќи зошто одлучила да се пресели во Приштина, која е оддалечена над 450 километри од нејзиниот роден Нови Сад.
Студиската програма Балканистика трае четири години. Ваквата програма на Универзитетот во Приштина е отворена во 2021 година, со цел, меѓу другото, да ја промовира интерлингвистичката и интеркултурната комуникација во Косово и регионот на Западен Балкан. Покрај албанскиот, студентите учат и други балкански јазици како српски, босански, хрватски или македонски.
Во учебната 2022/2023 година на балкански студии се запишаа петнаесет студенти.
Сузана вели дека како тинејџерка го засакала албанскиот јазик преку музика и дека за неа тоа бил „јазикот на соседот за кој ништо не знаеме“.
Во меѓувреме, таа почнала сама да го учи јазикот и барала начин да отиде во Косово, каде што Албанците го сочинуваат мнозинството од населението.
Првите впечатоци од Косово
Сузана, првпат го посетила Косово во 2019 година, кога учествувала на мултиетнички камп организиран од граѓанскиот сектор. Тогаш ја запознала Пранвера, која сега е нејзина најдобра пријателка.
Таа вели дека тогаш не знаела многу за Косово, но верувала дека „не е толку страшно како што се прикажува во медиумите (во Србија)“.
„Откако за прв пат дојдов на Косово, имав многу убаво искуство, а потоа доаѓав цело време, затоа што стекнав пријатели, Пранвера, а преку неа запознав и други пријатели. Доаѓав на секои три месеци“, вели Сузана.
Таа истакнува дека и е драго што нејзината прва посета на Косово била преку програма на граѓанскиот сектор и што била дел од мултиетнички камп и имала можност да ја запознае „другата страна на Косово“.
„Имаме ние туристички организации (во Србија) кои организираат тури низ Косово. Можеби ако на тој начин (прв пат дојдев на Косово) немаше да дојдам повторно. Тие ве носат низ енклавите (српските заедници во Косово ), се извинувам, ама не ми се допаѓа таквиот пристап“, вели Сузана Мариќ.
Со учење на јазик до толеранција
Косовското општество беше поделено по воените настани во 90-тите години од минатиот век, а Приштина и Белград водат дијалог за нормализација на односите повеќе од десет години.
Сузана Мариќ смета дека токму учењето на јазикот ќе им помогне на младите од српската и албанската заедница да ги надминат пречките што стојат меѓу нив.
„Преку јазикот ја учиме традицијата, културата, обичаите и ги запознаваме ставовите. Можеме да научиме многу повеќе ако го зборуваме јазикот на нашите соседи“, смета Сузана.
Таа вели дека за неа „различната култура, традиции и јазици на луѓето на Балканот се убавина, а не проблем“.
Инаку, вереникот на Сузана, кого го запознала во Хрватска, е косовски Албанец. Низ насмевка вели дека Гент поради неа се вратил на Косово, откако таа решила таму да студира балкански студии.