Новите даночни оптоварувања само ќе ги дотепаат фирмите кои се уште не излегле од корона-кризата, се жалат бизнисмени по најавените даночни реформи со кои државата треба да собере најмалку уште 54 милиони евра од граѓаните и стопанството. Други, пак, велат дека уште поважно е за што ќе се потрошат тие пари. Ако се инвестираат во развој на економијата, бизнисот ќе плати уште толку, но ако само се крпат дупки, тогаш ништо не сме направиле, вели бизнисменот Мендерес Кучи.
Министерството за финансии најави даночни реформи во данокот на добивка и данокот на доход, преку кои ќе се соберат дополнителни 54 милиони евра во буџетот. Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека не се планира зголемување на даночните стапки, туку проширување на даночната основа. Тоа значи дека сега ќе се даночат и работи што досега не се даночеле или ќе се укинат одредени даночни ослободувања.
Прогресивниот данок сè уште е отворено прашање, за кое ќе се разговара.
Бизнисменот Мирче Чекреџи вели дека ова ќе биде голем удар за малите и средни претпријатија.
„Во ова кризно време, наместо да се помогнат компаниите да се извлечат од кризата и да почнат попродуктивно да работат, државата реши дополнително да ги оптовари и сметам дека тоа е голема грешка. Некои ќе отпуштат работници, некои ќе зголемат цени, ако пазарот им прифаќа, не може да се каже дека сите подеднакво ќе реагираат“, вели Чекреџи.
Од друга страна, стопанственикот Мендерес Кучи вели дека отпуштање на работници нема да има, зашто на фирмите им недостигаат работници. Тие што прават профит, треба и да платат данок, тоа не е спорно, вели тој.
„Ако владата ги троши тие пари во нешто што ќе мотивира развој на економијата, тогаш е нешто друго, но ако само сакаат да закрпат дупки и да купат мир во куќа, тогаш не е во ред, затоа што тие мерки нема да вродат со плод“, вели Кучи.
Со измените кои треба да стапат во сила од почетокот на наредната година се предвидува укинување на даночното ослободување по основ на реинвестирана добивка. Ќе се оданочуваат и донациите во спортот. Даночно олеснување се предвидува само за реинвестиции во енергетиката, дигиталната трансформација и зелената агенда.
Исто така, се укинуваат даночните ослободувања за третиот пензиски столб, животното осигурување и на приватното здравствено осигурување за работниците, што досега не беше случај.
Се размислува и за оданочување на нефинансиски бенефиции од менаџерски договори.
Се воведува данок од 1 отсто за малите фирми кои имаат добивка до 6 милиони денари годишно, а кои досега беа ослободени од оваа обврска.
Се предвидува и да се плаќа 10 отсто данок на каматите на штедните влогови, преку што ќе се соберат уште 7 милиони евра.
По седум години, владата повторно ја враќа идејата хонорарците да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување.
Исто така се размислува и за зголемување на прагот до кој се плаќаат придонеси за здравствени и пензиско осигурување. Сега, луѓето што имаат екстремно високи плати, без разлика на приходите, плаќаат придонеси на максимум 16 просечни плати.
Се предвидуваат и промени во ДДВ, односно укинување на некои повластени стапки и даночни ослободувања.