Достапни линкови

Нова сезона „Имам став“


Илустрација - „Детски парламент“ во Собрание во 2018 година
Илустрација - „Детски парламент“ во Собрание во 2018 година

Младите преку програмата „Имам став“ ќе имаат можност да се едуцираат за работата на Парламентот.

Парламентарниот институт, како посебна организациона единица во рамките на Собранието, ја реализира новата сезона на програмата „Имам Став“. Програмата има цел едуцирање на младите за работата на Парламентот. Заинтересираните млади за оваа програма може да се пријавуваат на parl.inst@sobranie.mk или на телефонскиот број 02/31 82 227.

„Имам Став“, како што информираат од Парламентарниот институт, преставува симулација на законодавниот процес, законодавната постапка, парламентарната дебата и процесот на тоа како еден предлог станува закон.

„Младите кои ќе се пријават да учестуваат во програмата на Парламентарниот институт „Имам став“, најпрво ќе се подготвуваат на часовите во училиштата, а потоа пријавените ќе продолжат со едукација во Собранието, каде ќе се реализира симултана пленарна седница, на која ќе се расправа и ќе се одлучува, врз основа на понудени решенија во Собранието. На крајот од програмата, учесниците во „Имам став“, ќе имаат можност да ја разгледуват и зградата на Собранието, со тоа што ќе ги запознаат и функциите на објектот низ времето, како и за просториите каде работат и одлучуваат пратениците“, посочуваат од Парламентарниот институт.

Оттаму наведуваат дека младите играат значајна улога во креирањето на политиките во државата и придонесуваат за развојот на демократската свест и култура.

„Модерните демократии имаат обврска да промовираат култура на отвореност преку доближување на процесот на работа до младата популација, разјаснувајќи ја улогата на пратениците во Собранието и објаснувајќи ги процедурите на неговата работа“, потенцираат од Парламентарниот институт.

„Имам став“, како што информираат од Собранието, ги стимулира учесниците да развиваат сопствени ставови во врска со актуелни политички теми и истите да ги бранат со аргументи пред останатите учесници, со цел изнаоѓање на решение кое ќе биде прифатено и поддржано од мнозинството на учесници. Истата е подготвена по примерот на едукативната активност „My Point of View“, организирана од страна на Сојузниот парламент на Швајцарската Конфедерација.

XS
SM
MD
LG