„Денешнава Влада нема интерес за македонскиот народ... Ако ЕУ е искрена и го следеше тоа што го проповеда, треба да го активира член 7 од договорот за ЕУ и да ја суспендира Бугарија, член 7 постои токму поради тоа и Бугарија упорно ги нарушува основните вредности на ЕУ“. Ова го пишува Никола Јосифовски, чиј коментар на ФБ страницата на РСЕ е еден од над стотината постови по информациите за седмиот ден масовни протести во Скопје против францускиот предлог за симнување на бугарското вето од почетокот на пристапните преговори за членство на Македонија во Унијата.
На протестот во неделата пред Владата и Собранието беше упатен повик за поголема масовност и протести во другите градови. Франк Рејнолдс објавил: „Масовност да си барате со СМС пораки, пошто обичниот народ за вас се провокатори и хулигани, а Таша Рангел го надополнува: „Кој бе обичен народ, сè се партиски војничиња“. Агим Бајрами објавил фотографија на автомобил со бугарски таблици, од чиј прозорец се вее македонското државно знаме, а во аголот слика на Гоце Делчев како се фаќа за глава.
Во редовниот директен пренос на протестите на нашево Радио, при што, патем, се забележуваат и недоброј знамиња со ѕвездата од Вергина, има 137 коментари – сите негативни за Владата и францускиот предлог. Рада Цветковиќ е една од многуте гледачи која извикува: „Секоја чест бранители на Македонија, патриоти само напред нема отстапка!“, како и Мунир Ахмед кој живее во Венеција: „Браво Македонијо, само напред и големо НЕ!“. Мустафа Исмаил со објава: „Само напред, и ние Ромите сме со вас“. Талат Весели, пак од Женева со порака: „Чудно како може толку лесно да се манипулира со овие индивидуи, опасни се политичките партии“. Тања Брсјак напишала: „Ниедна партија нема право да си ги присвојува протестите, а најмалку Мицко и остала багра од ДПШЕ“. И Лидија Спасеска на истата линија: „Што има да бара ДПМНЕ, ние народот ќе бараме, тие бараат да си обезбедат фотелји“.
Еден куп коментари собрала и нашата информација за одлуката на Судот на Сашо Мијалков да му се одземе имотот:„Станови, дуќани, плацеви...“ Хусо Куба Кастро постирал: „Сè додека има овци ќе има и волна, малку ни е, требало повеќе да украде“, а Весна Заревска со порака: „Цела Македонија ја купил со милијарди од народот. Сè да му се одземе!“ Џим Глиг меѓутоа смета: „Нема ни да сети дека му фали нешто“. Тина Акаша прашува: „Сега јасно ви е колку се крадело и се краде!? Не ги заработил овие капитали сигурно, а штом овој толку се нафатирал за другите да не збориме ич“. Дончо Николов со друго мислење: „Штом се спрема ново предавство се активира дежурната тема Мијалков, Орце Камчев, не ви проаѓа...“ Лазо Трајчев постирал: „Е нели беа чисти со батко му Груевски, а сега се пазари за да не лежи многу години затвор. Све да му се одземе!“