Достапни линкови

Мицкоски нема да бара предвремени избори ако Ковачевски го одбие францускиот предлог


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и премиерот Димитар Ковачевски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и премиерот Димитар Ковачевски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара од премиерот Ковачевски да го отфрли предлогот или да издејствува да бидат избришани 4 члена од предложените документи. Ковачевски е категоричен дека овој предлог е поволен и не задира во македонскиот идентитет

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара од премиерот Ковачевски да го отфрли предлогот или да издејствува да бидат избришани 4 члена од предложените документи. Ковачевски е одлучен дека овој предлог е поволен и не задира во македонскиот идентитет

Отфрлање на францускиот предлог или бришење на четири члена од понудениите документи во францускиот пакет, а за возврат откажување од барањето за предвремени избори и прекин на активната блокада на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Ова го побарал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од премиерот Димитар Ковачевски на денешната лидерска средба, посветена на францускиот предлог за тргање на бугарското вето и формално отворање на процесот на преговори на Македонија со ЕУ.

„Му понудив да излезе и да го отфрли ова, а јас да се повлечам од барањето за предвремени избори и од активна блокада во Собранието. Само треба да го отфрли предлогот и да рече НЕ“, изјави Мицкоски по средбата со Ковачевски.

Другата работа што му ја понудил рече тој, е дека ако навистина верува дека е обезбеден идентитетот во делот од заклучоците од првата меѓувладина конференција, да се избришат членовите 11 и 14 и две точки од Преговарачката рамка.

„Му предложив да се избришат членот 11 и членот 14 од Протоколот, а потоа во преговарачката рамка каде имаме принципи врз кои се водат преговорите да ги избришат членовите каде се годишните прегледи и делот каде се повикуваат на протоколот на првата меѓувладина конфенреција. Нека ги избришат ако ова обезбедува европска иднина, еве нека ги тргнат овие четири точки. Нека останат Копенхагеншките критериуми како за сите земји, рече Мицкоски.

Во меѓувреме, тој повторно ги повика граѓаните да кажат НЕ на предлогот преку протест вечерва пред македонската Влада.

Премиерот Димитар Ковачевски пак, остана на ставот дека предлогот е историски момент и единствена можност за исполнување на стратешката цел, односно полноправно членство во ЕУ.

„Во однос на тезите кои ги постави Мицкоски сите тие не задираат во третманот на јазикот, ниту во идентитетот и самобитноста на македонскиот народ. Тој е мултиратерален документ кој е усогласен со ЕУ и којшто на нас ни обедбедува да почнеме преговори со ЕУ“, рече премиерот.

Нема договор меѓу власта и опозицијата за францускиот предлог за ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:58 0:00

За разлика од Мицкоски кој тврди дека предлогот не е пoчеток на преговорите, Ковачевски уверува дека истиот значи безусловен старт на преговорите.

„Ветивме дека ќе се избориме да ги задржиме клучните црвени линии кои со месеци ги повторуваме и за кои Собранието усвои Резолуција и тоа го направивме и тоа го правиме. И тоа се уште го правиме и ќе го правиме во секој следен чекор од овој процес“, рече премиерот.

На обвинувањата на Мицкоски дека предлогот е понижување за македонскиот народ, односно асилмилација и бугаризација во ЕУ, премиерот со одговор:

„Никој досега не го асимилирал македонскиот народ, ниту тоа некогаш ќе се случи. Ние сме горди на историјата јазикот, идентитетот со сите аспекти. Така било, така е и така ќе биде“, вели Ковачевски.

Во однос на стравувањата дека ќе биде тешко да се обезбеди двотретинското мнозинство за уставните измени кои ќе следуваат во натамошната фаза по отварањето на преговорите, Ковачевски очекува сите партии да се однесуваат државнички и да бидат на висина на задачата.

Премиерот Ковачевски информираше дека во текот на утрешниот ден ќе ги продолжи консултациите со останатите опозициски партии и со претседателот на Собранието, што е последната инстанца која треба да се изјсни за понудениот предлог преку соодветната процедура.

Пендаровски: Ова не е судбинска дилема да се биде или не, но предлогот ја крева бугарската блокада

На лидерската средба и претходеше седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.

Одлуката да го прифатиме нема да биде историски триумф или историски дебакл. Со овој предлог имаме само можност да ги отвориме преговорите и со него остануваме на европскиот колосек кој е долг, но до овој момент не губиме, ама баш ништо.

Ова е ставот на претседателот Стево Пендаровски по одржувањето на денешната Седница на Советот за безбедност на која беше разговарано за францускиот предлог отстранување на пречките за старт на преговорите на Македонија.

Тој вели дека не е точна перцепција кај дел од јавноста, дека оваа е судбинска дилема да се биде или не и дека деновиве треба да донесеме одлука за нашата судбина, ако го или ако не го прифатиме францускиот предлог.

Според шефот на државата, станува збор за транзициски предлог и затоа, како што рече, негов став е дека треба да се прифати само како одлука државата да ги отвори преговорите за членство во ЕУ.

„Со него ја креваме бугарската блокада и дозволува формално отворање на преговорите. Тој овозможува скрининг процес пред отварање на кластерите и трето со ништо не го поткопува македонскиот идентитет, бидејки има чиста формулација за македонскиот јазик без фусноти“, вели Пендаровски.

Тој додаде дека очекува заклучоци на Владата, ако таа го прифати предлогот, дека мора да ја содржат реченицата:

„Од денот кога ќе ги отвориме преговорите до нивното завршување, ако има дополнителни обиди за спомнување влез во дискусиите македонски јазик и македонска историја, во истиот момент ние да се повлечеме од преговорите“.

Пендаровски вели дека нема гаранции дека во процесот на преговорите нема да има нови обиди од блокада од Бугарија или некоја друга земја членка, но дека таквите обиди како што вели ќе бидат драстично намалени.

„Откако предлогот ќе стане европска рамка ќе се редуцира можноста за чисти национални блокади“, тврди Пендаровски.

Со францускиот предлог, рече тој, историјата не е услов и има само една една реченица и во предлогот и во протоколите, која се однесува на почесто среќавање на историчарите.

Во однос на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека неприфаќањето на овој предлог може да создаде меѓуетнички тензии, Пендаровски вели дека не очекува безбедносни ризици, особено затоа што и порано имало случаи на одбивање и разочарувања во делот на евроинтеграциите, а тоа не предизвикало конфликт.

Инаку оваа рамка се усвојува истиот ден кога ние ќе кажеме „да“ за документот. Со новиот предлог, преговорите ќе започнат пред уставните промени.

Владата завчера го објави модифицираниот предлог од Франција, кој треба да се прифати како услов Бугарија да го тргне ветото и да се отворат преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG