Достапни линкови

Мицкоски и Заев во изолација, новинарот Михајловски хоспитализиран


Бројот на новозаразени од коронавирусот се зголемува. Меѓу заболените е и новинарот на Канал 5 Гоце Михајловски, а од синоќа и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Мицковски се во самоизолација, бидејќи биле во контакт со новинарот.

Бројот на заразени од коронавирусот во земјава продолжува да расте. До денеска до 10 часот се регистрирани 48 новозаразени и 4 излекувани пациенти. Меѓу новозаразените е и еден новинар кој неодамна ги интервјуирал лидерот на СДСМ и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, поради што и тие од синоќа се во самоизолација. Новинарот е хоспитализиран, но е во стабилна здравствена состојба.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната вонредна прес конференција изјави дека резултатот од тестот на Мицкоски бил негативен, но дека тој сепак ќе биде во изолација.

„Резултатот на Мицкоски кој беше изработен доцна синоќа е негативен, но тој ќе биде во задолжителна самоизолација до истекот на 14 дена од последниот контакт со заболениот. Во овој момент нема потреба од посебни епидемиолошки анкети. Се чека резултатот на претседателот на СДСМ Зоран Заев кој ,исто така, е ставен во домашна изолација“, рече Филипче.

Негативен е тестот и на Заев, како што соопшти Филипче, на втората прес-конференција денеска илидерот на СДСМ ќе биде во самоизолација во времетраење од седум дена, со оглед на тоа што периодот на инкубација е 14 дена, а тој со Михајловски имал средба пред една недела.

Филипче порача дека со оглед на тоа што двата теста се негативни, нема ризик и нема потреба да се тестираат луѓето кои биле во контакт со нив, ниту пак да се самоизолираат.

Телевизијата Канал 5 испрати соопштение во врска со овој случај. Оттаму велат дека во соработка со Министерството за здравство, телевизијата ќе ги превземе сите чекори за брзо надминување на оваа несреќна здравствена состојба.

„Свесни сме за тежината на актуелната ситуација, поврзана со светската пандемија на коронавирусот, која зема замав и за жал , исклучок не беше и еден наш колега, Гоце Михајлоски. Како професионална и одговорна компанија, која сигурно ќе го надмине и овој сериозен предизвик, потенцираме дека и ние самите сме изненадени од ваквиот развој на настаните, поради фактот што првиот тест кој го изврши колегата Михајлоски беше негативен“, се вели во соопштението од Канал 5 телевизија.

Со пораки до јавноста упатени од своите фејсбук профили се јавија и Заев и Мицковски, порачувајќи дека се во добра здравствена состојба.

„Би сакал да ве информирам дека во текот на минатата недела имав ТВ интервју со новинар, за кој неодамна се утврди дека е позитивен на КОВИД-19. Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот, по што ќе се утврдат следните чекори“, напиша Заев на фејсбук.

„Поврзано со информациите кои произлегоа за мојата здравствена состојба сакам да информирам дека до овој момент сум во одлична здравствена и физичка кондиција. Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни. Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место“, напиша Мицкоски.

Во меѓувреме, дел од членовите на Владата имале контакт со Заев, а дали ќе бидат тестирани ќе добијат информација од министерот за здравство, изјави денеска министерката за финансии, Нина Ангеловска.

„Во Владата секако дека на дневно ниво сме во релација и ова на долг рок нема да го издржиме да бегаме еден од друг и во овој период мора да се заштитиме и затоа и кога ги имаме состаноците сите седиме на два метра и сите носиме маски. Ако погледнете целата влада е адаптирна да ја држиме таа дистанца и да ги почитуваме сите препрораки и се што треба да преземеме“, рече министерката Ангеловска.

Инаку од денеска попладне до понеделник наутро македонските граѓани на територија на цела држава ќе живеат исклучиво во своите домови. Почнува најдолгиот полициски час, кој ќе трае 61 час, од денеска од 16 часот до понеделник до пет часот.

Ваквите мерки ги донесе владата во обид за спречување на коронавирусот. Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, Армијата, здравствените работници. Аптеките работат непречено.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG