Достапни линкови

Медиумски фестивал Скопје со фокус на жените во медиумите


Плакатот за Медиумски фестивал Скопје
Плакатот за Медиумски фестивал Скопје

Со „Жените во медиумите“ како главна фестивалска тема, бројни говорници од земјава и странство, работилници и интересна филмска програма, од 5 до 8 октомври, ќе се одржи петтото издание на Медиумскиот фестивал Скопје чиј потписник е ПИНА - Платформата за истражувачко новинарство и анализи.

Она што навидум беше промислена иницијална идеја, полека станува традиција. И, згора платформа за идни исчекори. По четири успешни изданија на Истражувачки филмски фестивал Скопје, организаторите на случувањето ПИНА - Платформата за истражувачко новинарство и анализи, првата половина декада ја заокружуваат со еден очекуван потег – преименување на настанот со мисла да вклучи што повеќе теми од променливиот свет на современите медиуми. Согласно на ова, годинава од 5 до 8 октомври на урбано и само мислечко Скопје и на сите заинтересирани за актуелни и акутни теми ќе им се случува Медиумскиот фестивал на кој ќе биде видливо присуството на бројни говорници од земјава и од странство, неколкуте работилници и соодветно ќе биде емитувана интересна филмска програма. Сето тоа, односно богатата фестивалска програма ќе се одвива и ќе може да се следи на Фејсбук страниците на ПИНА и МФС, а македонската публика во трите дена и нешто потоа ќе има можност да проследи и низа филмски остварувања преку фестивалската платформа на Cinesquare.net на CutAway и сајтот mfs.mk.

Толку околу основните податоци, а она што е побитно е фактот што овојпат главната фестивалска тема е насловена „Жените во медиумите“ и таа ќе се обиде да фрли малку повеќе светлина на позицијата на жените во медиумската сфера и предизвиците со кои се соочуваат новинарките денес. Впрочем и воведната дискусија беше посветена токму на оваа тема, а во неа учествуваа Сане Терлинген , истражувачка новинарка од Холандија и Елиса Муњос, раководителката на Меѓународната медиумска фондација на жените (IWMF).

Темата „Жените во медиумите“, беше логичен избор за нас и за петтото фестивалско издание на Медиумскиот фестивал Скопје. По четири години работа во ПИНА- Платформата за истражувачко новинарство и анализи на теми поврзани со новинарките, претставувањето на жените во медиумите како и позицијата на жените во медиумската сфера, петтиот фестивал во наша организација го посветивме токму на овие важни теми за кои говориме последните неколку години. Жените во медиумите слично како и жените во доста други области и сектори, се уште се борат за еднакви можности но и се соочуваат со специфични предизвици за кои малку се говори кај нас и тоа секако се дополнителни причини за да се фокусираме на овие теми, вели Кристина озимец од ПИНА.

Таа и со дополна дека во духот на водечката фестивалска тема ќе се анализираат повеќе аспекти поврзани со локалната новинарска сфера, со новинарки од домашната медиумска сцена, а ќе гостуваат и интересни говорнички од повеќе земји.

Кристина Озимец, ПИНА

Згора на ова, организаторите со информација дека на Медиумскиот фестивал Скопје ќе ја претстават и Катрин Гишеру, наградувана новинарка од Кенија, која ќе зборува за вмрежувањето новинарки од неколку држави во Африка овозможувајќи им квалитетно известување во време на светска пандемија и услови за професионално напредување.

Како што велат, за својот успех ќе говори и младата холандска режисерка Миријам Гутман, чија идеја за студентски краток филм прерасна во документарна серија гледана ширум светот. Нејзиниот „Семе на измама“ ќе се прикажува во рамките на Фестивалот.

Инаку, од ПИНА и со појаснување дека во богатата филмска програма се вклучени дури осум ( во случајов македонски) премиери каде фокусот разбирливо е ставен на жената, а провејуваат и уште неколку актуелни теми. Така тука се остварувањата како „Лучадорас“ за жените во боречките рингови во Мексико, „Пејсажи на отпорот“, патување низ спомените на партизанката Соња; „Фемократија“, за подемот на политичарките во Германија; „Игра на сенки“, филм за голготата на бегалците низ Европа, сниман експериментално во тек на три години; „Нејзината социјалистичка насмевка“ за активистката Хелен Келер; „Зад насловите“, ексклузивен увид во работата на истражувачките новинари од „Зиддојче Цајтунг“; „Дипломати на продажба“ за злоупотреба на дипломатски пасоши; краткиот „Драг-манифест“ и холандскиот добитник на „Еми“ и кандидат за „Оскар“ за најдобар документарен филм „Ме викаат Бабу“.

Публиката ќе може да проследи работилница за продуцирање поткасти каде Сузане Клингнер од Германија ќе ги воведе учесниците во основните правила за успешен аудио-производ за современиот пазар, а работилницата, како и останатите фестивалски настани е бесплатна за публиката.

Ко ова само уште потсетување дека Медиумскиот фестивал Скопје ПИНА годинава го реализира во партнерство со Канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт Скопје како и со Холандската амбасада во Скопје, заедно со поддржувачите УНХЦР Скопје и меѓународната организација Цивил Рајтс Дефендерс.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG