На крајот од „Гледам црвени луѓе“, документарен филм од 2018 година, кој ја следи потрагата на една млада Бугарка за комунистичкото минато на нејзиното семејство, мајката на режисерката ја прекорува својата ќерка. „Мојата вистина“, вели таа, „не ти припаѓа тебе“.
Во тој момент, односите меѓу режисерката Божина Панајотова и нејзината мајка Милена Макариус се на дното по откритието, во текот на снимањето, дека нејзината мајка била наведена во државните архиви како соработничка на тајната полиција од времето на комунизмот.
Сега, четири години по објавувањето на филмот, Макариус ја раскажува својата страна од приказната со објавувањето на книгата „Досие Жана“, повикувајќи се на кодното име што и го дале во Бугарската државна безбедност. „Книгата не е само одговор на филмот, таа е испровоцирана од филмот“, изјави Макариус за РСЕ.
Во книгата, Макариус, научник за средновековна француска книжевност, која предава на Универзитетот во Лимож во Франција, пишува дека бара одговори на прашања што не си ги поставила пред филмот на нејзината ќерка - и за себе и за луѓето околу неа.
На осум години кога падна Берлинскиот ѕид во 1989 година, Панајотова со нејзината мајка и татко сликар се преселила во Франција. Враќајќи се во Бугарија неколку пати во 2010-те, филмот го документира немилосрдното преиспитување на Панајотова за минатото на нејзиното семејство во комунизмот, што кулминира со откривање на досието на нејзината мајка.
Високо чувствителна тема во поранешната комунистичка земја, архивите на бугарската тајна полиција беа отворени дури во 2006 година, многу подоцна од многу нејзини соседи од Централна и Источна Европа.
Додека отворањето на државните архиви беше поздравено од многумина како алатка за откривање на злосторства извршени под комунистичкиот режим, други стравуваа дека премногу луѓе би можеле да бидат лажно вмешани, најмногу поради навиката на тајната полиција да го зголемува бројот на соработници и доушници.
Како студент во доцните 1970-ти во Софија, Макариус работела како преведувач и редовно се среќавала со странци, особено во француската амбасада. Нејзиниот управувач за кој мислела дека е само пријател со кој ќе пие кафе еднаш месечно, ја регистрирал како соработничка со кодното име Жана. „Одвратно“, вели Макариус во документарецот додека ѝ го покажуваа досието.
Не беше запрепастувачко самото откритие дека нејзината мајка можеби е шпион што доведе до тензии во семејството, туку и нештедливата желба на Панајотова да долови сè на филм, дури и кога вистината е непријатна.
„Бидејќи овие откритија ги направивме ние двете заедно, правејќи го филмот, во рамките на филмот, бев многу свесна дека ако се повлечам од филмот тоа ќе биде...самоинкриминирачко, ќе биде како да држам знак кој ја рекламира мојата вина“, вели Макариус.
И мајката и ќерката се согласиле дека нема да се сретнат без вклучена камера додека не заврши филмот. Но, до крајот на филмот, Макариус беше вознемирена, нејзиното трпение се истроши и не сакала да разговара со својата ќерка на Скајп, бидејќи се плашела дека ќе биде снимена. Таткото на режисерката, кој е разведен од Макариус, ја обвини својата ќерка дека е фанатична.
Петков - Апсењето на Борисов покажува дека никој не е над законот
Со учеството во филмот на нејзината ќерка, Макариус вели дека била принудена да се соочи со прашања кои претходно ги избегнувала. „Во времето кога живеев, за времето на социјализмот, не размислував за тоа, бидејќи бев млада и бев зафатена со други работи. Ја живеев мојата младост“, вели таа.
Откако се преселила во Франција, брзо го заборавила животот во Бугарија. „Им свртев грб на овие работи“. Овој филм ме натера да се вратам во минатото, веќе целосно свесна… и некако да преиспитам сè“, вели таа.
За неа, клучна тема што се појави за време на снимањето на филмот, а подоцна и кога ја пишуваше книгата, беше стравот.
„Не знаев дека живеам во страв. За прв пат сфатив дека живеам во општество каде што стравот беше дел од воздухот што го дишевме. Толку е присутен што се зема здраво за готово. Не го гледаш, тој е внатре во тебе, не пред твоите очи“, вели таа.
Покрај досието во државната безбедност, Макариус открила и приказни за роднините кои страдале од комунистичкиот режим, детали кои таа никогаш претходно не ги знаела.
„За читателот не е само интересно да прочита друга приказна за друга жртва на тоталитарниот режим, туку ќе има можност да види како некој се соочува со овие приказни денес, како тие одекнуваат во свеста на жена како мене“.
Филмот, а во продолжение и книгата на Макариус, фрла светлина врз генерациските разлики во тоа како Бугарите го гледаат комунистичкото минато.
„Знам дека вашето досие е трага од ова време на лаги“, ѝ пишува Панајотова на својата мајка на крајот од филмот. „Но, за да оди напред, мојата генерација мора да се соочи со ова минато, дури и ако тоа нè прави несовршени деца и навредени родители“.
„Бев изненадна кога видов колку добро [филмот] беше прифатен во Франција. Една од причините не беше толку многу што луѓето не знаеја за оваа земја и тоталитаризмот, туку токму оваа [човечка] димензија, дијалогот меѓу генерациите“, вели Макариус.
Во различни делови од книгата, Макариус е критична кон она што таа го гледа како екстремен пристап на нејзината ќерка кон снимањето филмови. Таа се уште е неодлучна за прашањата на нејзината ќерка. Од една страна, ништо не треба да се крие, бидејќи тогаш следните генерации ќе останат во темнина.
Дали бугарското МВР работи со луѓе како Динко, „ловецот на бегалци“?
„Не може да се прекине преносот на меморијата и историјата“, вели таа. Меѓутоа, ако некој „само ја фрли вистината наоколу“, тоа може да биде многу тежок товар, вели Макариус.
Таа потсетува на тезата на Цветан Тодоров, бугарски историчар, филозоф и литературен критичар, кој вели дека доколку луѓето кои ги претрпеле најлошите последици од тоталитаризмот им кажале на своите деца што им се случило, нивните деца немаше да можат да живеат свој живот.
„Мислам дека нема единствен одговор, но прашањето е интересно и важно е да се постави“, вели Макариус.