Достапни линкови

Македонија е сигурна и безбедна, засега нема директна закана од Русија


Македонска армија во НАТО
Македонска армија во НАТО

Земјава е безбедна оти како членка на НАТО е посветена на одбрана и одвраќање. Алијансата прави сè да ја спречи натамошната ескалација на војната во Украина, велат од македонското Министерство за одбрана по најавата на Путин за мобилизација на руските резeрвисти. Ги следиме состојбите и адектватно ќе реагираме на можниот развој на настаните, велат од Кабинетот на претседателот на државата.

Сигурна и безбедна е земјава, велат од Министерството за одбрана, за тоа какви би биле ефектите за нас, како земја членка на НАТО, по декретот што го објави рускиот претседател Владимир Путин за делумна мобилизација во војната против Украина.

„Русија во Украина се бори против Западот“, рече Путин и порача дека не блефира.

Москва по почетокот на војната со Украина веќе ја стави Македонија на листата на земји кои „вршат непријателски дејствија“ против Русија.

Од Министерството за одбрана, во одговор за Радио Слободна Европа, велат дека НАТО сојузниците остануваат посветени на една од клучните задачи на НАТО, а тоа е одбрана и одвраќање. НАТО е одбранбена Алијанса, која не се конфронтира со Русија и прави сè да ја спречи натамошната ескалација, се додава во одговорот.

„Како и многупати досега, повикуваме на разум и на прекин на воените дејствија кои однесоа премногу човечки животи и преголемо уништување. Единствениот пат до конечно и одржливо решение е дијалогот кој мора да ја добие својата шанса“, одговорија од Министерството за одбрана за Радио Слободна Европа.

Од Кабинетот на претседателот на државата и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски велат дека одлуката на Русија предизвикува загриженост и истата не придонесува за деескалација на состојбите.

„Како членка на НАТО сме во постојан контакт со нашите стратешки партнери и ја следиме состојбата со внимание. Во тоа својство ги добиваме и сите неопходни и расположиви информации. Ги следиме состојбите и адекватно ќе реагираме на можниот развој на настаните. Северна Македонија е дел од демократскиот свет и е во групата од над 140 држави што уште во март ја осудија руската агресија врз Украина“, се вели во одговорот од Кабинетот на претседателот.

Директни закани за Македонија нема, но ќе има последици

Македонија не е директна закана за Москва, оти кога се води војна има приоритети, а земјава не е еден од нив. Во оваа фаза не се очекуваат директни последици врз земјава од руската инвазија на Украина, но ефекти ќе има, особено ако работите тргнат на полошо, вели професор Методи Хаџи-Јанев, кој предава на воената академија Генерал Михаило Апостолски во Скопје, на Правниот факултет во Штип и на Државниот универзитет во Аризона.

„Колку е опасно за остатокот од Европа, толку ќе биде опасно и за Македонија и затоа сметам дека не постои директна опасност во оваа фаза. Доколку, не дај боже, се распламтат дејствата и тргнат во насока во која никој не сака да тргнат, тоа значи дека ќе треба да бидат инволвирани и други страни коишто ќе треба да и помогнат на Русија, оти Русија очигледно нема капацитет сама да пробива фронтови“, вели Хаџи-Јанев.

Директен линк

Делумната мобилизација што ја најави Путин беше предвидлив чекор. Со декретот тој покажа дека воената специјална операција во Украина, како што ја нарекуваат, пропадна и мора да преземат дополнителни чекори, дополнува Хаџи-Јанев. Во Русија сега ќе се мобилизира резервниот состав што апсолутно ќе ги смени работите на терен и ситуацијата може да ескалира во многу поголем конфликт, вели тој.

Путин во оваа војна е спремен на сè

Рускиот претседател се закани дека ќе ги искористат сите средства што ги имаат, нотирајќи дека имаат различни средства за уништување, некои помодерни од они кои ги имаат водечките земји на НАТО, за да го заштити својот народ.

„Не е блеф“ - Путин за нуклеарната закана
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

„Путин во оваа војна е спремен на сè, бидејќи ова за него е битка на сè или ништо, зошто знае дека ако после сегашната мобилизација излезе поразен од оваа битка или од оваа војна, во тој случај тоа е крах и за Русија и тука веќе лежи опасноста од она што некои стравуваат, а тоа е дека може да употреби и оружје за масовно уништување доколку се почувствува загрозен“, вели Хаџи-Јанев.

Македонија е дел од НАТО од 2019 година, и по руската инвазија на Украина во февруари годинава, ја осуди војната и застана на страна на земјите кои воведоа санкции кон Русија. Поради тоа во март Русија ја стави Македонија на листата на непријателски држави, заедно со сите земји од ЕУ, САД и Црна Гора. Листата потоа беше надополнета и со други земји.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG