Современите еколошки концепти кои се однесуваат на заштита и чување на природниот екосистем: зголемување на свесноста за припрадноста на човекот во природата, неговото влијание врз неа преку разните активности, реципрочниот меѓусебен однос и обидите за создавање на живот усогласен со животната средина, претставуваат движечка сила и мотивација за создавање на најновиот сликарски циклус на академската уметница Бојана Артиновска Трпческа. Воодушевена од древната кинеска мудрост – фенг шуи таа создава боени апстрактни пејзажи, поделени во две фази: зелена и кафена. Зелената фаза е насловена „Зародиш на бујноста“ и неа ја сочинуваат апстрактни пејзажи во кои изобилуваат тонови на зелената боја – метафора за создавањето на животот, дарежливоста и плодноста на земјата. Кафената фаза ја сочинуваат боени апстракни композиции во кои преовладува широк спектар на кафени тонови и нијанси: тргнувајќи од транспарентни окер тонови и финиширајќи со интензивни кафено-виолетови нијанси. Во оваа втора фаза кафената боја ја симболизира темнината, стабилноста и потпората.
Ова во својот текст за актуелната поставка „Земја“ на уметничката Бојана Артиновска Трпческа, што е планирано да се одржи од 20 мај до 2 јуни во Ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе го напише историчарката на уметност Викторија Димеска.
Таа и со дополнување дека „Трпческа создава воодушевувачки композиции во коишто се отелотворува женскиот принцип“ и дека „дополнително, овие апстрактни пејзажи со еколошки асоцијации претставуваат и боени интервенции кои делуваат на внатрешниот амбиент во просторот“.
„Зародиш на бујноста“, акрилик на платно
А, Бојана Артиновска Трпческа во своето појаснување за „Земја“, истакнува дека на изложбата се претставени дваесеттина дела, платна во техника акрил и масло, цртежи – акрил на хартија и една позадина 5х3 метра каде публиката ќе може да влезе, да ја почувствува и да се фотографира. Таа, пак, истражувајќи какво влијание има бојата во просторот, дошла до древната кинеска практика Фенг шуи, според која, секој од основните елементи има особено влијание и моќ да го лекува протокот на енергија во просторот, во зависност од страната на светот на која е поставен.
Верувам дека уметноста може да лекува. Не само авторот кој создава низ процесот, туку и самото дело влијае во просторот, вибрирајќи со одредена фрекфенција, делува врз физичкото, менталното и емоционалното тело на човекот.
Освестувајќи ги сензациите од околината, стануваме присутни во сегашниот миг, свесни и одговорни за себе и за животната средина. Земјата е елемент најблизок до мојот сензибилитет и природа, затоа одбрав да се посветам на неа. Сакам да ја изразам мојата благодарност и почит кон мајката од која доаѓа се, и се повторно кон неа се враќа. Таа е симбол на физичка сензација и раст и манифестација на материјата.
Учам да ги слушам земјените енергии и оставам да ме водат. Открив нови тоналитети, форми и бои кои резонираат со чувството кое се раѓа во мене додека сум во контемплација со овој елемент, сите нијанси на кафеава, окер, зелена и црна. Сакам да преовладува густа , топла атмосфера, со цврсто структурирана композиција, вели Артиновска Трпчевска.
Уметничката ќе рече и тоа дека „се* е игра на петте елементи“. Дека „елементите во нас се едно со елементие надвор од нас“. Таа смета дека земјата ни е заедничка. Дека е жива. И затоа ако сме свесни оти „во себе ја носиме оваа прекрасна и дарежлива планета“, тогаш со таква свест „поинаку ќе чекориме, поинаку ќе се грижиме и целосно ќе се вљубиме во неа“.
Ја оставам раката сама да го пронајде гестот додека ја барам структурата на земјата низ атомите на мојата градба. Ја чувствувам бујноста , стабилноста, рамнотежата. Храбро понирам во темнината, во длабочината на земјината утроба каде животот го пронаоѓа својот пат. Не размислувам , само се опуштам , го следам својот инстикт, својата интуиција. Оставам убавината да ме допре, да помине низ мене. Јас престанувам да постојам. Заборавам која сум, каква сум, што имам , што немам. Полека станувам свесна за совршеноста на своето постоење.
Да се биде во слава на природата - тоа е целосно духовно искуство!
Моите слики не се креација, тие се продолжение на животот, низ мене повторно се раѓаат земјата, оганот, водата , воздухот … објаснува таа.
Инаку, родена во Велес во 1977 година, Бојана основното и средното училиште ги завршува во родниот град. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во класата на проф. Родољуб Анастасов, на отсек сликарство и сценографија. Од почетокот на 21 век и во наредните три години живеела и работела како слободен уметник во САД, а првата самостојна изложба насловена „Во мене“ ја одржала во август 2008 година, во Музејот на НОБ во Крушево, во рамките на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ . Во 2011 во Ликовната галерија во Прилеп ќе ја постави „Гозба“, своевидно ретроспективно видување на нејзината дотогашна работа, а третата самостојна изложба „Трепет“ ја имаше пред две години во Ниш, соседна Србија. Лани ја изненади прилепската публика со интерактивната изложба „Позадини“ на која присутните можеа да станат интегрален дел од самите дела, за да потем го започне актуелниот циклус „Земја“, чија следна станица ќе биде Културно-социјалниот центар Јадро во Скопје, во октомври годинава.
Бојана Артиновска Трпческа од 2005 година е член на Друштвото на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ), половина декада подоцна и на Друштвото на ликовни уметници од Прилеп, а од пред две години и на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Конечно таа живее во Прилеп и во повеќе прилики соработувала како надворешен соработник на НУЦК „Марко Цепенков“ и Театарска работилница за изработка на костими, сценографија и шминка за бројни проекти и претстави.
Конечно, напоредно со сликарството и со сценската уметност истражува и во полето на фотографијата.