Достапни линкови

Косово со амбасада во Ерусалим, дали Србија ќе ја премести од Тел Авив?


Косовски работник го влече црвениот тепих покрај знамињата на Косово и Израел, изложени за време на церемонијата во седиштето на Министерството за надворешни работи во Приштина, 1 февруари 2021 година
Косовски работник го влече црвениот тепих покрај знамињата на Косово и Израел, изложени за време на церемонијата во седиштето на Министерството за надворешни работи во Приштина, 1 февруари 2021 година

Косово и Израел формално воспоставија дипломатски односи според договорот постигнат со посредство на САД, а како дел од договорот за разговорите меѓу Приштина и Белград. Договорот го вклучува и залогот Косово да отвори амбасада, а Србија да ја премести својата амбасада во Ерусалим.

Приштина ќе отвори амбасада во Ерусалим и тоа ќе биде само трета дипломатска мисија во тој град, чиј источен дел беше освоен од Израел во Шестдневната војна во 1967 година, а потоа и анектиран.

Отворањето на амбасадата се предвидува во заедничката декларација што деновиве ја потпишаа косовскиот министер за надворешни работи Мелиза Харадинај-Стубла и нејзиниот израелски колега Габи Ашкенази.

Бајден за решение што ќе доведе до меѓусебно признавање на Косово и Србија

Церемонијата се одржа преку интернет во Ерусалим и во Приштина поради пандемијата на коронавирусот. Документите беа скенирани и испратени по електронска пошта за време на церемонијата, на која беше прикажана и плакета што ќе биде поставена во амбасадата на Косово во Ерусалим. Мисијата се очекува да биде отворена во јули.

Израелските медиуми претходно објавија дека Израел засега нема да отвори амбасада во Приштина и дека ќе назначи нерезидентен амбасадор.

Харадинај-Стубла истакна дека воспоставувањето дипломатски односи „нема да беше можно без благословот и силната посветеност на Соединетите држави“.

„Израел станува 117. земја што го признава Косово како независна и суверена држава. Нашиот народ има пријателски односи, а од денес ги започнуваме односите како две држави“, рече таа за време на церемонијата, на која присуствуваше и заменик помошникот секретар на САД Метју Палмер.

Ашкенази, кој истакна дека е првпат две нации да воспостават односи преку интернет, им се заблагодари на Соединетите држави за напорите „да го промовираат мирот низ целиот свет“, повикувајќи на воспоставување дипломатски односи меѓу Косово и Израел како „уште еден важен, возбудлив и историски чекор“.

Палестина загрижена за можното преместување на српската амбасада во Ерусалим

Ашкенази наведе дека „Израел сака стабилен Балкан“, додавајќи дека „ја смета Србија за важен партнер на Балканот“.

Во септември, поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги собра лидерите на Косово и Србија на самит во Белата куќа, со цел да се работи кон нормализирање на врските меѓу соседите.

Самитот донекаде беше во сенка на соопштението на Белата куќа дека Косово се согласило да го признае Израел.

На состанокот, Белград, исто така, се согласи да ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Но, досега Србија не стори ништо јавно за трансфер на амбасадата, а во октомври лани во Ерусалим отвори заедничка канцеларија на Владата на Србија и Српската стопанска комора.

Драгослав Рашета, истражувач во невладината организација Нов трет пат верува дека официјален Белград ќе го избегне преместувањето на српската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, за кој крајниот рок е 1 јули годинава.

„Само преместувањето на амбасадата е релативно мало. Ние ќе бевме скоро единствената земја во светот што го стори тоа. Постои голем притисок од Европската унија да не го стори тоа. Постои можност претседателот Вучиќ да рече: „Тие го признаа Косово, ние нема да ја пренесеме амбасадата“ и оваа сага да заврши таму “, вели Рашета.

Во декември лани, израелскиот амбасадор во Србија, Jахел Вилан изјави дека очекува Договорот од Вашингтон меѓу САД и Србија да биде целосно „материјализиран“ и дека Србија ќе ја премести амбасадата во Ерусалим.

Додик бара селење на амбасадата на БиХ во Ерусалим

Вилан изрази убеденост дека Србија ќе го исполни потпишаното и оти амбасадите се наоѓаат во главните градови на секоја земја.

Администрацијата на Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел кон крајот на 2017 година и ја премести амбасадата на САД таму во мај 2018 година.

Одлуката предизвика критики од Палестинците, повеќето земји со мнозинско муслиманско население, а многу држави во Европа загрижени дека тоа ќе ги поткопа изгледите за решение на две држави за израелско-палестинскиот конфликт.

Минатата година Трамп посредуваше во низа зделки за воспоставување дипломатски односи меѓу Израел и арапските држави, вклучувајќи ги Бахреин, Мароко и Обединетите Арапски Емирати.

Сепак, арапските страни во договорите тврдат дека нивните дипломатски мисии во Израел ќе бидат во Тел Авив.

Повеќето западни нации ја признаа независноста на Косово, но Србија, нејзините сојузници Русија и Кина не.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, девет години откако НАТО спроведе 78-дневна воздушна кампања против Србија за да се запре крвавата акција против етничките Албанци на Косово.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG