Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски минатата недела беше во фокусот на вниманието на печатените и електронските медиуми, па разбирливо е што и на нашата ФБ страница има прилично коментари во врска со информацијата дека ќе треба да плати прекршочна казна зашто не ја почитувал самоизолацијата, а бил позитивен на Ковид-19, и во Скопје приватно направил нови тестирања кои се покажале негативни.
Жаклина Лазароска веднаш постирала: „Па за здравјето негово се работи. Сигурно дека ќе оди на лекар“. Потпишан со Рис Мит Натали со поостар пост: „Оваа игротека нит била ниту ќе биде државааа“ Потоа следуваат навредливи зборови и клетви кон власта. Маир Османи смета дека 300 евра прекршочна казна за Димитриевски е малку „кога за обичен граѓанин е 3 илјади евра“. Љупчо Михајловски прашува: „А тоа што е негативен, кој ќе одговара?“ Петре Николовски проникливо забележува: „И Максим отиде курбан, ќе го менуваат, зборуваше против своите“.
Тоа дека полицискиот час во Србија ќе биде продолжен за 1 Мај наидува на различни реакции кај посетителите на ФБ на РСЕ. За Тоше Цветковски „Сѐ е забегано“, а Александар Пенчик со краток пост: „У Македонија живееме“. Ацика Китаноска препорачува: „Гледајте си за Македонија не за Србија или фотокопир е работава“.
Информацијата од министерот Филипче во неделата дека 126 лица се оздравени од заразата наидува на подбив во коментарите. Рамис Рушидов прашува: „Како вака наеднаш почнаа да оздравуваат?“ Па додава: „До завчера имаше многу починати, а малку излечени“. Зоки Богдановски порачува да не се лажело, а Перица Василев со инсинуација: „Одеднаш почнаа да оздравуваат. Мафија!“ „Интересно нѐ лажете, а ние интересно ви веруваме“ – го постирал своето мислење Ердоган Ашик Кадриевски. Сенадин Елези се чуди „како има оздравени, а сѐ уште нема пронајдено лек. Како оздравуваат овие?“ Зоран Јововски и Зоран Цветановски со оптимистички реакции: „Ќе ја биде, се гледа крајот“ и „За денеска (во неделата) најубава вест“.
Се поништува тендерот за најавените 31 респираторна машина зашто двете компании што го добиле тендерот нема да можат да ги испорачаат, објави министерот Филипче, а Сашко Столевски со напад: „Земи пари па поништи тендер“. Душко Влачески пишува дека „милиони евра се одвоија од буџетот и до ден денешен ги нема, ѓоа имало застој во Турција“.
Нашата фотогалерија со фотографии на диви животни и птици што ги „освојуваат“ тивките градови заради забраните за движење поради коронавирусот, Игор Димов го предизвикало да коментира: „Поарно диви животни отколку луѓе. Луѓето се поштетни“. За Гиго Вета фотографиите биле лажни: „Колку убаво позираат... па и фотографии од места каде што е забрането сликање. Доста со тие манипулации дека правиме добро на Планетава со тоа што седиме дома“. Димитри Пантекоски со позитивна мисла: „Тоа било нивно место, нивна земја. Планетата им ги враќа нивните места, само што ние уште сме при очи слепи“.