Достапни линкови

Ковид вакцини има, ама нема кандидати за нивно примање


Илустративна фотографија/ Вакцинација за Ковид 19
Илустративна фотографија/ Вакцинација за Ковид 19

Во земјава има 380 000 дози вакцини за Ковид 19, но мал број граѓани доаѓаат на пунктовите за вакцинација. Најголемиот дел од нив примаат трета, односно бустер доза вакцина. Надлежните пресметуваат колку од најавените половина милион вакцини за 2022 година навистина ќе ни бидат потребни.

Месецов требаше да стигне првата транша од половината милион Фајзер вакцини против Ковид 19 коишто ги најави Министерството за здравство за 2022 година. Сепак, како што појаснуваат оттаму за РСЕ, во моментов се прават проценки и најверојатно нема да биде набавена целата количина вакцини. Меѓу нив се и првично најавените 10 илјади детски дози кои пак требаше да бидат испорачани до крајот на март.

„Во тек е постапка за набавка на дополнителни количини вакцини за деца и за возрасни, согласно проценките од страна на стручните лица за интересот и потребите“, стои во кусиот одговор на Министерството за здравство.

Цената на чинење на овие вакцини останува деловна тајна, потврдуваат од Министерството. Велат дека во моментов државата располага со 380 илјади дози вакцини, за кои потенцираат дека се „со добар рок на траење од производителот Фајзер“.

Според јавно достапните информации, вакцините на Фајзер имаат рок на траење од девет месеци. На првите транши од оваа вакцина беше впишан фабрички рок од шест месеци, но подоцна стигна препорака на производителот дека тој може да се продолжи за уште три, што пак ги подгреа сомнежите кај дел од граѓаните дека им се аплицираат вакцини со поминат рок.

Инаку, поради поминат рок, на депонијата Дрисла во Скопје до крајот на февруари беа уништени 300.000 дози Фајзер вакцини. Министерот за здравство Беким Сали тогаш рече дека уништувањето на вакцинините не е голем товар за државата ако се земе во предвид важноста на вакцинацијата. Според неговите тогашни проценки, уништувањето една вијала со шест дози вакцини, државата ја чини околу 0,29 денари.

Од миниситерството за здравство немаат конкретни информации и за тоа со каква динамика ќе тече набавката на новите вакцини. Во нивниот одговор стои само дека јавноста навремено ќе биде информирана по финализирање на процедурите, како и дека нивниот фокусот останува на промоција на имунизацијата.

Слаб интерес за вакцини

Намалувањето на бројките на новозаразени, заедно со укинувањето на вакциналните сертификати што беа потребни за влез на повеќе места, доведе до голем пад на интересот за вакцинација за Ковид 19. Така, процентот на целосно вакцинирани од вкупното население заглави нешто над 40%, при што скоро 870 000 граѓани имаат примено барем една доза вакцина. За целосно вакцинирани се сметаат граѓаните кои имаат примено две дози вакцини.

На пунктот за вакцинација во поликлиниката Букурешт последниот период дневно доаѓаат по дваесетина граѓани. Летоска, на пример, кога имаше најголем интерес за вакцините на истиот пункт секојдневно се вакцинираа по 1000 граѓани, бројка која знаеше да стигне и до 1700 се потсетува Силвана Миркоска, одговорна сестра во овој вакцинален пункт.

„Во моментов навистина бројката е значително намалена и се движи на дневно ниво помеѓу 15 и 25 имунизирани граѓани. Со тоа што бројката за третата, бустер доза е поголема во однос на онаа за првата доза каде што се движи помеѓу еден, два или три граѓани на дневно ниво“, вели Миркоска.

Пунктот сè уште работи во две смени, од 8 до 19 часот. Миркоска забележува дека секогаш кога бројките на новозаразени се намалуваат, и на пунктот се забележуваат помалку граѓани кои доаѓаат за вакцини. Со оглед на тоа што добар дел се вакцинирале само за да добијат сертификат, смета дека нивното укинување дополнително влијаеше врз интересот за примање вакцина. Не крие дека е загрижена од малиот опфат на вакцинирани за Ковид 19, бидејќи пандемијата сè уште не е завршена.

„Сметавме и се уште сметаме дека имунизацијата е една од најзначајните превентивни мерки против сите заразни заболувања“, вели Миркоска.

Првите случаи на новиот коронавирус SARS-nCoV-2, кој ја предизвикува болеста Ковид 19 беа забележани во Кина на крајот на 2019 година. Бројките брзо растеа, па беше прогласена пандемија набрзо се прошири низ целиот свет. Вакцините стигнаа една година подоцна, прво во богатите држави.

Кај нас првата транша од околу 5000 вакцини на производителот Фајзер дојде од Србија во февруари 2021 година кога започна вакцинацијата на медицинските лица, за да продолжи со оние кои имаат над 77 години. Интересот за вакцинација тогаш беше огромен, но недостигаа вакцини. Голем дел од македонските граѓани по вакцини одеа во Србија, која дозволи тие бесплатно да им бидат аплицирани и на македонските граѓани.

Интересот за вакцинација властите го поттикнаа и со воведување на вакциналните сертификати лани во август, по примерот на повеќето западни земји. Ова значеше дека без покажување документ за примена вакцина, нема влез во повеќе објекти како ресторани, културни инститиции, затворени трговски центри итн. Тоа се совпадна со појавата и на новиот сој на вирусот Омикрон, кој за разлика од претходните се ширеше многу побрзо, но и полесно го заобиколуваше имунитетот настанат од вакцините или прележувањето на болеста.

Бустер дози за најранливите граѓани

Така, стигна и препораката за ставање трета или бустер доза вакцина. Прво за лицата над 60 години, здравствените работници и оние со хронични болести, а потоа и за сите оние коишто сметаа дека се изложени на ризик од Ковид 19.

Третата доза во Македонија се дава исклучиво од производителот Фајзер, независно од претходно примените ковид вакцини кои ги прават неколку различни компании. Во моментов, неа ја имаат примено помалку од 10% од македонските граѓани. Во Данска на пример, каде се вакцинирани над 80% од граѓаните, бустер примиле повеќе од 60%.

Злате Мехмедовиќ, од Комисијата за заразни болести вели дека никој не може да предвиди во која насока ќе се развива пандемијата, па затоа смета дека мора да сме подготвени за сите сценарија. Посочува и дека Комисијата внимателно ги следи сите случувања на светско ниво, па остануваат отворени сите опции, како онаа за додавање втора бустер вакцина.

„Не можеме да кажеме сега во моментов дали ќе има 4 доза, односно втор бустер којшто би требало да се аплицира. Тоа кога би се случило би било во одредени групи, не би било во целокупната популација. Најверојатно за луѓе коишто имаат најголем ризик од компликации како резултат од Ковид 19, тоа би биле над 65 години коморбидитети, имунокомпромитираните лица, тоа се тие лица кои евентуално би можеле да ги размислуваме за четврта доза, меѓутоа сеуште немаме дефинитивна одлука околу тоа дали треба или не“, појаснува Мехмедовиќ.

Во моментов вели, се разгледуваат повеќе опции за стимулирање на процесот на вакцинација преку позитивни кампањи координирани од Министерството за здравство. Верува дека тоа ќе помогне за подобрување на процентот на вакцинирани.

„Тоа е неопходно, затоа што навистина не можеме да предвидиме дали во наредниот период ќе се појави некоја варијанта којашто ќе се пренесува исто толку брзо или ќе биде со можност да го избегнува имунитетот создаден по пат на вакцини или по пат на природно прележување на болеста. Така што вакцинирањето во наредниот период треба да ни биде нешто што е фокус и така ќе биде од Министерството за здравство од каде што ќе бидат организирани такви позитивни кампањи“, вели Мехмедовиќ.

Иако се чека пристигнува на детските дози вакцини, наменети за тие на возраст од 5 до 12 години, од Комисијата засега нема препораки за вакцинација на оваа возрасна група. Во моментов таа е препорачана за тие над 12 години.

Со оглед на мирната епидемиолошка состојба, комисијата пред неколку дена ги укина скоро сите задолжителни превентивни мерки за заштита од Ковид 19. Остана замо обврската за носење маска во аптеки и болници, домови за стари лица и јавен превоз.

Покрај вакцините на Фајзер, во земјава пристигнаа ковид вакцини и од повеќе други производители. Голем дел од граѓаните ја примија кинеската вакцина Синовак од која држвата набави 500 000 дози. Помал дел примија од другата кинеска вакцина Синофарм, руската Спутник и британската Астра Зенека. Последната се даваше само на повозрасните граѓани, поради зголемен ризик од згрутчување во крвта кој беше забележан кај помладите.

Од почетокот на пандемијата во Македонија се регистрирани скоро 310 илјади лица позитивни на новиот коронавирус, меѓу кои и над 9 000 починати.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG