Властите во кинескиот град Вухан, освен сите летови и возови исто така ги суспендираа јавните автобуси и метрото, наредувајќи им на 11-те милиони жители да не го напуштаат градот „без посебна причина“.
Градскиот оддел за туризам и култура ги откажа сите групни тури до 8 февруари, а се откажани и сите јавни настани за Лунарното новогодишно празнување што во Кина започнува в петок.
Задолжително е и носење маска на јавни места.
Во центарот на напорите за спречување на ширење на вирусот се здравствените работници кои им помагаат на инфицираните.
Запрашанa дали таа и нејзиното семејство се уплашени Џијанг Веи, медицинска сестра на одделение за интензивна нега, вели:
„Тие се загрижени за состојбата на нашата работа овде и уште повеќе се загрижуваат кога ќе ги видат вестите секој ден. Јас секогаш велам дека е добро, бидејќи ние сме добро заштитени. Всушност, само го кажувам тоа за да ги смирам. Ние, всушност, се плашиме и сме загрижени. Но, сè додека сме на должност, нашето чувство за мисија ќе нè поддржува да ја завршиме работата“.
Жу Тинигсуан, медицинска сестра пак вели:
„На крајот на краиштата, сè уште сме млади, па затоа од дното на срцето, можеби се чувствуваме изгубени, уплашени или загрижени. Членовите на нашето семејство исто така се загрижени. Но, кога ќе ја облечеме оваа униформа веќе не сме“.
Вухан се смета за епицентарот на појавата на епидемија и тоа на пазарот на морска храна каде што нелегално се продавале и диви животни.
Коронавирусот предизвика паника поради неговата сличност со САРС, тежок акутен респираторен синдром што ја зафати Кина во почетокот на овој век.
Како и САРС-от, короновирусот се пренесува меѓу луѓето преку дишење, а кинеските здравствени работници соопштија дека тој може да мутира и да се шири понатаму.
Првиот случај на новиот вирус беше потврден на 31 декември, а оттогаш се откриени случаи во Јапонија, Макао, Јужна Кореја, Тајван, Тајланд и САД.
Светската здравствена организација во средата ја одложи одлуката дали да прогласи глобална здравствена вонредна состојба - редок инструмент кој се користи само за најтешки епидемии.
По состанокот на комисијата за вонредни состојби во Женева, шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејзус ги пофали „многу силните мерки на Кина“ за спречување на епидемијата.
Денеска Светската здравствена организација соопшти дека смртоносниот вирус во Кина сè уште не е глобална здравствена закана.
Одлуката на СЗО не треба да се сфати како знак дека не ја сметаме ситуацијата за сериозна, речегенералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејзус.
Од СЗО велат дека е премногу рано да се разгледува како глобален итен случај. Претходно како глобални вонредни состојби беа прогласени појавата на вирусот Зика во Америка, пандемија на свински грип и детската парализа.