Дел од демонстрантите маскирани со фантомки гаѓаа со камења, полицијата возврати со шок бомби и го растури протестот против пресудите за Монструм во Скопје.
Протестниот марш почна околу 13 часот во Чаир, а беше најавено дека ќе заврши пред владата, но полицијата постави кордон кај Стоковната куќа 26 јули и не им дозволи да продолжат понатаму. На протестот присуствуваа неколку стотици луѓе.
Според полициски извори има најмалку седуммина повредени полицајци, а имаше и уапсени демонстранти.
Насобраните носеа албански знамиња, а можеа да се забележат и американски и знамиња на Голема Албанија. Тие скандираа „Али предавник“ алудирајќи на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и „правда, слобода“, „УЧК“ и „Етничка Албанија“, „Долу диктатурата“ а на полициските штитови залепија голем постер со фотографиите на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, поранешниот премиер Никола Груевски, премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со натпис Криминалните влади на Северна Македонија.
Десетици млади луѓе со фантомки фрлаа камења и бекатон плочки кон полицијата, додека организаторите на протестот се обидуваа да ја смират ситуацијата и да ги задржат работите под контрола.
Била нападната и новинарската екипа на државната новинска агенција МИА.
На протестот присуствуваше поранешниот пратеник Хисни Шаќери, а со демонстрантите дојде да разговара и пратеникот Скендер Реџепи од опозициската Алтернатива и Елми Азири од Алијанса за Албанците, по што организаторите ги повикаа насобраните да се разотидат.
По завршувањето на протестот, најголемиот дел од присутните се разотидоа, додека маскираните ја нападнаа полицијата која возврати со шок бомби и ги потисна до Бит-пазар.
Протестот е во организација на семејствата на осудените за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро во 2012 година. Беа убиени четири млади момчиња и 45-годишен рибар, сите етнички Македонци. Петмина етнички Албанци во вторникот беа осудени за тероризам, од кои тројцата директни извршители на убиствата на доживотен затвор, а двајца помагачи на долгогодишни затворски казни. Семејствата на осудените тврдат дека тие се невини и дека случајот е монтиран.