Со зголемувањето на температурите ова лето граѓаните очекуваат да стане минато долгото чекање на итната помош што е проблем и за Скопје, а особено во помалите места каде најмногу се чувствува заминувањето на здравствениот кадар од државата.
Беа вложени пари за набавка на нови возила, но од тоа граѓаните се уште не почувствуваа поголеми подобрувања затоа што недостига персонал. Еден од проблемите е што и претседателските избори го одложија спроведувањето на огласите за вработување, а од Брзата Помош поголем број на вработени заминаа во пензија.
Во Скопје, како најголема општина во државата, засега има шест екипи кои работат на терен и примаат покани од ургентна природа. И покрај неодамнешното зголемување на бројот на возила, лекарите веќе подолг период велат дека сме далеку од европските стандарди според кои на 15 000 жители има еден тим. Директорот на Здравствениот дом Скопје доктор Злате Мехмедовиќ очекува проблемите наскоро да бидат надминати со засилување на персоналот. Тој вели дека сега во завршна фаза е реализацијата на двата конкурса кои беа објавени од Здравствениот Дом Скопје во однос на примања на нов персонал кој ќе ги задоволи потребите и на итната медицинска помош.
„На првиот конкурс беа распишани пет работни места за лекари по општа медицина кои ќе работат меѓу другото и во итна медицинска помош а на вториот конкурс беа распишани 20 места за доктори кои ќе работат во итна медицинска помош. Тоа е кадарот кој моментално е најдефицитарен во итната помош и поради тоа веќе подолг период итната помош има потреба од ваков кадар за да се реши проблемот. Ги распишавме конкурсите, едниот беше пред Нова година каде баравме пет доктори, другиот беше пред изборите кога баравме 20 доктори. Поради претседателските избори не можеше да се спроведе конкурс, кога завршија изборите продолживме да го реализираме конкурсот и сега тој е реализиран, одлуките за првиот конкурс се донесени. Во овие денови очекуваме да донесеме одлука за тоа кои доктори ќе бидат примени на вториот конкурс. Во многу кратко време ќе ги има лекарите кои се потребни за да ги пополнат испразнетите места во итната медицинска помош“, изјави доктор Мехмедовиќ.
Тој вели дека во изминатиот период иако имале намален број на персонал во итната помош тие успевале да одговорат на сите повици на граѓани кои се со реална итност.
Инаку во изминатиот период имаше проблеми и со дотраени возила, но тоа беше решено и со преземањето на осум возила од Министерството за земјоделие кои беа пренаменети само за транспорт на пациенти. Инаку, од новите 12 возила, освен скопската, возниот парк го обновија и службите за Брза помош во Струга, Дебар, Кичево, Крива Паланка, Берово и Крушево.
Но лекарите постојано се жалат дека недостигот од кадар особено се чувствува во помалите градови како што се Демир Хисар, Македонски Брод, Гостивар и други.
Доктор Зорица Манчевска-Трајчулеска, директор на Здравствен дом - Крушево, вели дека тие планираат да распишат конкурс за еден лекар.
„Здравствениот Дом Крушево располага со пет екипи во итната помош. Имаме сосема добро организирана служба. И покрај тоа што се организираат натпревари како параглајдинг засега ние сме добро опремени и со возила и со санитетски материјал за да ги покриеме и тие манифестации. Мислам дека сега засега функционираме добро. И во лето и во зима се случуваат постојано манифестации кои имаат потреба да бидат покриени од итната помош. Ние ќе бараме барем уште еден доктор и во кратко време ќе направиме оглас за вработување на еден доктор“, вели доктор Трајчулеска.
Инаку според препораките на Светската здравствена организација, на 50.000 жители треба да има по едно возило на брза помош.
Осврнувајќи се на проблемот на заминување на лекари од земјава од лекарските здруженија предупредија дека за седум години 1.200 млади лекари ја напуштиле Македонија. Непотизмот, клиентелизмот и корупцијата во здравството, младите лекари ги наведуваат како главна причина за заминувањето. Министерот Венко Филипче рече дека со подобрување на условите во кои работат младите лекари тие ќе се мотивираат да останат да работат во земјата.