Достапни линкови

Новите вработувања во здравството ќе ги покријат само првичните потреби


Македонско здравство
Македонско здравство

Од септември во Здравствениот дом - Скопје ќе се вработат 40 лекари и друг медицински персонал. Најмногу лекари ќе се примат во итната помош, домашната посета и превентивните тимови. Директорот, доктор Мехмедовиќ, очекува да се обезбеди минимум за квалитетна заштита. Потребни се натамошни вложувања.

Новите вработувања во Здравствениот дом во Скопје што ги најави Министерството за здравство од септември се чекори кои ќе ги покријат само првичните проблеми, но потребни се идни вложувања, вели директорот на Здравствениот дом во Скопје, доктор Злате Мехмедовиќ во интервју за РСЕ кое ќе го објавиме во недела.

Подолго време Здравствениот дом се жали дека има голем недостиг од лекари, особено во итната помош, домашната посета и превентивните служби, но оти недостасуваат и медицински персонал како медицински сестри, лаборантски техничари, фармацевтски техничари и друг профил кој е неопходен за нормално функционирање.

Доктор Мехмедовиќ вели дека новите вработувања од кои 40 се лекари, не се доволни и оти ова, како што му предочил на министерот Венко Филипче, треба да бидат вработувања од прва фаза кои ќе ги задоволат минимум потребите на Здравствениот дом за да даде квалитетна услуга.

„Така и беше договорено. Вработувањата во прва фаза ќе ги покријат сите дупки создадени изминатите години со одлевање на кадарот од Здравствениот Дом и на тој начин ќе ги покриеме само иницијалните потреби на домот. Понатаму ќе разговараме за потребните вработувања кои ќе го подигнат и квалитет на здравствената грижа во домот. Во рамките на систематизацијата за нормално функционирање на одредени специјалистички служби во две смени вработувања кои ќе треба да бидат направени во втора и трета фаза ќе треба да ги дуплираат вработувањата кои се во прва фаза. Најмалку 200 вработувања се потребни во моментот за да имаме квалитетна здравствена услуга“, вели доктор Мехмедовиќ.

Меѓу експертите постои согласност дека земјите со силен систем на превентивна здравствена заштита осигуруваат подобар здравствен исход за жителите. Кај нас показател за тоа во каква состојба се наоѓа овој систем се податоците дека во изминатиот период Итната помош во Скопје функционира со само 10-тина тимови и десетина возила од кој дел се дотраени. Алармантна е ситуацијата и во превентивните тимови кои се одговорни за имунизацијата, затоа што се преполовени.

Доктор Мехмедовиќ вели дека дел од 40-те лекари кои ќе бидат вработени од септември ќе бидат наменети за превентивните тимови. Недостиг на кадар има и во патронажната служба за бебиња, но последните 10 месеци, како што вели директорот на Здравствениот дом, работено е на едукација за подигање на квалитетот на здравствената услуга во овој домен.

Примарната здравствена заштита треба да претставува квалитетен водич за пациентите низ здравствениот систем во првичната распределба на здравствените услуги. Делотворноста на превенцијата е основа на одржлив и достапен систем на здравена заштита зашто се рационализира работата во здравствената потрошувачка.

Освен кадар, недостасува и опрема и организација

Граѓаните имаат различни видувања за делотворноста на превентивната заштита. Некои сметаат дека воведениот концепт на избран лекар добро функционира, но оти е потребно јакнење на примарната здравствена заштита во земјата и подобра организација и опременост.

„Единствено некако функционира „Мој термин“, некако, кај матичен лекар е добро, но во болница тоа е срамота. Прво хигиената.“

„Матичните се лекари кои пишуваат како што им е наметната функцијата. Носам од специјалист извештај и ми го пишува лекот. Мислам дека треба во Министерството да има тим кој ќе има повеќе разбирања и ќе ги согледа сите проблеми на терен и да направи реорганизација и еден добар план. Прво да не се малтретираат пациенти, ако ми треба упат за патофизиологија, само за упат не може упат од матичен да се добие за патофизиологија, треба да се оди на интернист па потоа. Тоа е губење на време.“

„Матичните се добри. Кај матичната не чекам многу освен кога има гужва. Апчиња не ми дава, ми вели еве упат оди во болница ќе видат што е. Кога одам на клиника на психијатрија чекам докторката да оди на доручек па дали ќе се врати дали не по паузата.“

„Супер пријател е матичниот лекар кој ме усмерува секаде понатаму, понатаму е без коментар и политика. Мојата лекарка ми е и психијатар и психолог и пријател.“

„Приморани сме во приватни ординации да се лечиме, амбулантите немаат добра апаратура не се обезбедени како што треба“, велат дел од граѓаните.

Во врска со идните чекори во примарната здравствена заштита во Скопје директорот на Здравствениот дом доктор Мехмедовиќ вели дека со доекипирањето на кадарот во септември треба да се овозможи минимално функционирање, а оти во втората фаза на вработување ќе се размислува и за реорганизација на дел од службите.

Тој смета дека новина во Здравствениот дом во Скопје е воведената дијагностика со магнетната резонанца и дека сите термини креирани преку „Мој термин“ се пополнети за една недела, а оти пациенти доаѓаат од цела Македонија.

Тој дополни дека е потребна регионализација на здравствениот систем за да може пациентите да не патуваат во Скопје.

Во меѓувреме последиците од недостигот на лекари, освен во Скопје особено се чувствува во региони во внатрешноста со помалку жители.

Министерот за здравство Филипче најави нови огласи за вработување во септември. Најголеми потреби од кадар има во Здравствениот дом во Скопје, а исто така разгледано е и барањето на штипската клиничка болница за вработување на 100 медицински лица. Во врска со недостатокот на лекари во Тетовската болница, Филипче најави дека овој проблем ќе се решава со реорганизација, односно дополнителна работа на лекарите.

Експертите нагласуваат дека делотворната превентивна здравствена заштита е основа на одржлив и достапен систем за здравствена заштита и оти добрата кадровска обезбеденост е во директна врска и со ниската смртност на новороденчињата, а и помала смртност на населението како последица на хипертензија, мозочен удар и други заболувања.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG