Достапни линкови

Инвестиции во енергетиката сега - за мирна глава со години


Контролната соба во РЕК Битола
Контролната соба во РЕК Битола

Хидроелектраната Чебрен треба да биде императив, вели професор Константин Димитров од Машинскиот факултет. Според најповолното сценарио, оваа електрана треба да произведува над 1000 гигаватчаса струја годишно, што е речиси колку сите други хидроцентрали заедно. Се проценува дека изградбата ќе чини меѓу 600 и 800 милиони евра. Македонија користи само една четвртина од хидропотенцијалот за производство на струја.

Изградба на гасни електрани кои може да се завршат за релативно краток период, отворање на рудникот за јаглен Живојно и одржување на РЕК Битола за да може да работи барем до 2030 година, со што ќе се добие на време за изградба на хидроелектраната Чебрен, а во меѓувреме инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Ова, според професор Константин Димитров, е начинот на кој Македонија може да обезбеди релативно достапна струја во наредните децении.

Македонија е зависна од увоз на струја на чија цена не може да влијае. Ова дојде до израз оваа зима, кога цените на струјата на европските берзи драстично се зголемија, па земјава купува неколку пати поскапа струја од таа што ја плаќаат потрошувачите.

Земјата сега ќе потроши десетици милиони евра само за набавка на струја од странство.

„На време да платевме летоска електрична енергија, ќе можевме да изградиме една 100 мегаватна гасна централа за 100 милиони евра“, вели професор Константин Димитров од Машинскиот факултет во Скопје.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој го помина работниот век во Електростопанство на Македонија, вели дека проблемот не е направен во последната деценија, туку дека енергетиката во земјава е занемарувана веќе 40 години.

„И да не беше моменталната криза и растот на цената на енергенсите и на електричната енергија на меѓународниот пазар, Македонија кога-тогаш ќе мораше да се соочи со последиците од тоа занемарување на инвестициите во производствени капацитети“, вели Хајредини.

Според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика, домашното производство на струја за една деценија е намалено за една четвртина, а производството на струја во државните капацитети е речиси преполовено. Во 2010 година, државните капацитети произвеле скоро 6500 гигават часа струја, а во 2020 година над 3600 гигават часа. Увозот постојано се зголемува.

Македонија годинава купува јаглен зашто нема доволно за да работат РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј и набави мазут за да работи ТЕЦ Неготино. Дополнително, гасот драстично поскапе оваа година, па и производството на струја и топлинска енергија од ТЕ-ТО е многу поскапо.

Единствен ресурс што државата го има се обновливите извори на енергија, односно водата, сонцето и ветерот, но потребни се големи инвестиции за да се користат. Во земјава е искористена само една четвртина од хидропотенцијалот. Слабост на ваквото производство е што не може да се планира, односно струја се произведува само кога климатските услови тоа го дозволуваат.

Природата меѓу потребата на енергија и профит
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:31 0:00

Професор Димитров вели дека мора итно да се инвестира во домашно државно производство на струја. Ако странци овде отвораат енергетски капацитети, ние не добиваме ништо со тоа, зашто струјата повторно треба да ја купиме од нив по пазарна цена, вели тој.

„Јас се согласувам да вложуваме, ама да биде наше, да влегува во нашиот електроенергетскиот систем и да не ги оптоварува граѓаните со некои повластени тарифи како сега. Го исцрпуваат народот да плаќа за ветерни централи на приватни луѓе, при што таа електрична енергија се продава на берза или со повластена тарифа 5 пати поскапа од таа што ЕСМ му ја продава на ЕВН. ЕСМ ја продава за 40 евра, а на ветерните централи им плаќа 180 евра. Каде е таа логика? Зошто народот да плаќа за туѓи луѓе да се богатат“, вели Димитров.

Тој вели дека енергетиката бара големи инвестиции, но со тоа се купува мирот во наредните децении. Според него, императив треба да биде изградбата на хидроелектраната Чебрен на Црна Река, која според најповолното сценарио треба да има моќност од над 450 мегавати и да произведува над 1000 гигаватчаса струја годишно, што е речиси колку сите други хидроцентрали заедно. Владата досега објави 12 тендери за Чебрен, за странска фирма да ја гради електраната, а државата да биде делумен сопственик, но немаше интерес. Инвестицијата се проценува меѓу 600 и 800 милиони евра.

Димитров смета дека владата треба да ги субвенционира домаќинствата да поставуваат сончеви колектори на покривите на нивните куќи, како и да субвенционира инвестиции со енергетска ефикасност.

„Јас веќе го предлагам тоа да биде дупло – сончев колектор со, народот тоа го вика инвертер или клима, односно мала топлинска пумпа и за греење и за ладење, односно произведува електрична енергија, напојува топлинска пумпа, и произведената електрична енергија ќе ја користи и за греење и за ладење и со тоа ја намалува загаденоста во урбаните средини“, вели Димитров.

Во сиромаштија и сончевата енергија е скапа
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:16 0:00

Владата веќе донесе одлука да инвестира во гасна електроцентрала во Александрополис во Грција, во која ќе биде делумен сопственик.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG