„Секој административен службеник вработен во Владата на РСМ е одговорен пред своите претпоставени, но пред сѐ пред граѓаните. Со цел да ја покажеме одговорноста на вработените во јавната администрација воведуваме систем за мерење на ефикасноста“.
Вака почнува рекламата за транспарентна администрација преку која јавноста има можност да се запознае со неодамнешната мерка на Генералниот секретаријат на Владата, а која се однесува на воведување на нов „Правилник за утврдување на распоредот на работното време и за начинот на водење на електронска евиденција на работно време и реализацијата на работните задачи“.
Од секретаријатот информираат дека „за исполнувањето на своите работни обврски, службениците во Генералниот секретаријат на Владата на РСМ, се должни редовно да ги пополнуваат извештаите за работните активности, врз основа на кои ќе се проценува нивното исполнување и ефикасност“. Првиот човек на секретаријатот, Драги Рашковски тврди дека овој систем е една од најубавите работи во делот на реформите на јавна администрација.
„Вие како граѓани кога ќе поднесете некаков документ во Владата на Република Северна Македонија ќе одите дома и пред компјутер ќе видите дека службеник тој и тој што работел на вашиот предмет и донел таква и таква одлука, ќе видите каде службениците го поминале работно време и ќе видиме колку службениците се ефикасни. После шест месеци ќе излеземе и ќе кажеме дека во Владата на РСМ благодарение на претходната политизација на вработувањата каде што од 80 вработени во 2016 ги затекнав 480, и ќе кажеме 200 луѓе не работат ништо, а се вработени во изминатиот период. Тоа е поентата на овој систем,“ изјави неодамна генералниот секретар Рашковски.
Дел од правните експерти велат дека системот за електронска евиденција на работните обврски и време е добра мерка, но дека не треба да се претерува во делот на писмените извештаи на дневна основа.
„Писмените извештаи можат во зависност од кој обем се да го оптератат работникот и да му одземаат од времето. Во секој случај не треба да се претерува. Мислам дека треба да се потпираат само на електронскиот систем на евиденција, без писмени извештаи“, вели универзитетскиот професор Темелко Ристевски.
Но, за разлика од Ристевски, професорката од Универзитетoт на Југоисточна Европа, Блерта Арифи на пополнувањето на дневни извештаи гледа позитивно.
„Пополнувањето на дневните извештаи од страна на државните службеници може да се гледа позитивно. На пример, како начин на отворање на можности за унапредување на службеникот, доколку се увиди дека тој работел повеќе од колку што било предвидено според неговиот опис на работни задачи“, изјави Блерта Арифи.
Ристевски вели дека злоупотреби на ваквиот систем не се можни или како што вели се сведени на минимум.
„Современата информатичка технологија е многу ефикасна. Ако добро се употреби и програмира, мислам дека нема да има злоупотреби. Сигурен сум дека со добро користење на капацитетите, злоупотребите не се можни“, вели Ристевски.
Арифи пак не ја исклучува можноста за злоупотреби, но вели дека постојат механизми со кои да се увидат можните злоупотреби и да се казнат виновните. Таа уверува дека оваа мерка ќе ја зголеми ефикасноста на администрацијата која е преобемна, и како што додава со овој систем ќе може да се добие јасна слика за тоа колкав треба да биде бројот на вработени во јавната администрација.
Од Генералниот секретаријат на Владата уверуваат дека системот ќе ја подобри ефикасноста и квалитетот на услугите, а дека целта е да воспостави вредносен, мерит систем, за наградување на административните службеници за дополнителното ангажирање надвор од работното време, за награда за квалитетно извршената услуга во интерес на граѓаните и на правните лица, како и да определи мерки за неисполнување на задачите или за исполнување под предвидените стандарди за ефикасност и квалитет.
И експертите се согласуваат дека мора да постои систем на награди и казни, за да се добие посакуваниот ефект на реформата.
„Само со контрола на доаѓањето на работа не се постигнува мотивација. Тој може да дојде навреме на работа, а цел ден да не работи ништо, вели Ристевски. Затоа е многу важна мотивацијата како главен фактор во работењето“, вели Ристевски.
Пред неполни две години министерството за информатичко општество и администрација соопшти дека влегува во сила одлуката за утврдување распоред на работното време во Владата на Република Македонија, министерствата и другите органи на државната управа. Од министерството тогаш соопштија дека секој орган на државната управа треба да обезбеди систем за евиденција на работното време, со цел поефикасна контрола при влез и излез на вработените.