Достапни линкови

Енергетската ефикасност е спасоносен лек за енергетските кризи


Илустративна фотографија. Објект на општина Градско во кој се инсталира изолација за да се зголеми нејзината енергетска ефикасност. Со тоа се намалува потрошувачката на енергија.
Илустративна фотографија. Објект на општина Градско во кој се инсталира изолација за да се зголеми нејзината енергетска ефикасност. Со тоа се намалува потрошувачката на енергија.

Земјата е погодена од енергетска криза. Производството се намалува, а цената на струјата ќе расте. Колку во ваква ситуација е важно домаќинствата, бизнисот и јавните објекти да бидат енергетски ефикасни? Експерти укажуваат на драматични разлики. Вложеното се враќа

Енергетската ефикасност може да биде победничка варијанта за домаќинствата, стопанството, но и за државните институции во услови кога земјата е под удар на енергетска криза, а цената на струјата редовно ќе расте, велат експерти за Радио Слободна Европа.

Домашното производството на струја во моментов е намалено, а поради недостигот на струја државата увезува електрична енергија за неколкукратно зголемени цени на берзите. Сѐ уште е неизвесно колкав ќе биде растот на цената на струјата по 1 јануари 2022 година.

Во ваква ситуација, вели професор Константин Димитров, државата со спроведување на мерки за енергетска ефикасност има голем потенцијал за намалување на потрошувачката на електрична енергија за најмалку една третина.

„Енергетската ефикасност е најдобрата работа: еднаш инвестираш, не трошиш енергија, не загадуваш и се ослободуваш од увоз на струја. Со тоа имаш намалени трошоци“, вели професор Димитров.

За зголемување на енергетската ефикасност на објектите, државата, општините и домаќинствата треба да вложуваат во замена на фасадите, прозорците, покривите и конструкциите. Македонија има усвоено и Закон за енергетска ефикасност, според кој властите имаат обврски да ги спроведуваат одредбите.

Димитров вели дека обврска на државата според законските одредби е секоја година да модернизира најмалку три проценти од катастарот на нејзините објекти, односно во нив да спроведе минимални мерки, но посочува дека одредбите од законот не се применуваат, а со тоа може за 30 проценти да се намали потрошувачката во сите објекти коишто државата ги користи.

„Државата прави определени недоволни напори. Сѐ е оставено на поединечно вложување, нема однапред предвидено во буџетот на државата сума на средства наменета за енергетска ефикасност. Според тоа државата се однесува несериозно“, вели Димитров.

(Не)реализирани планови

За вложувањата во мерки за енергетската ефикасност доволно покажува и примерот на Град Скопје. Како што неодамна објави Радио Слободна Европа, Градот и покрај тоа што голем дел од буџетот троши за енергија во објектите под негова надлежност, тој не дава средства за спроведување на мерките и целите кои ги поставил во стратегиите за енергетска ефикасност кои ги усвојува, а за чија изработка исто така се даваат пари.

Град Скопје управува со 42 објекти, од кои 21 средно училиште, општинска зграда, седум културни институции, пет објекти на противпожарна бригада и осум јавни претпријатија. Според документите за реализација а буџетите за 2018, 2019 и 2020 година, Градот испланирал скоро 160 илјади евра за енергетска ефикасност, но во тие три години не потрошил ниту денар.

Во моментов Македонија е погодена од енергетска криза и намалено домашно производство на електрична енергија. Криза има и во повеќе земји во Европа.

Причините за состојбата експертите ги гледаат во брзата транзиција кон обновливи извори на енергија и зголемувањето на економските активности по првите знаци на закрепнување од ковид пандемијата.

За кризата во Македонија, експертите сметаат дека е предизвикана од влијанијата во Европа и зголемените цени на струјата и енергенсите, но и поради тоа што долги години не се вложува во енергетските капацитети, што резултира со намалено домашно производство.

Намаленото производство го покажуваат и податоците на Регулаторната комисија за енергетика, според кои во 2010 година државните капацитети произвеле скоро 6.500 гигават часови, во 2020 година над 3.600 гигават часови.

Професор Ристо Филкоски од Машинскиот факултет во Скопје исто така оценува дека во ваква ситуација енергетската ефикасност може многу да помогне за заштеда на електрична енергија.

Според Филкоски, состојбата со енергетската ефикасност во државата се подобрува, главно поради зголемената свест во бизнисот и кај граѓаните, но посочува дека сѐ уште може многу да се направи во оваа област.

„Важно е дека свеста е зголемена, но тука сѐ уште има голем потенцијал и тоа можеби за 10 до 15 проценти намалување кога би можело со волшебно стапче да се инвестира за подобрување на енергетската ефикасност“, вели Филкоски.

Илустративна фотографија - енергетска ефикасност.
Илустративна фотографија - енергетска ефикасност.

Вложеното се враќа

Министерот за економија Крешник Бектеши деновиве изјави дека цента на струјата од 1 јануари 2022 година ќе поскапи само 10 отсто.

Но професор Димитров смета дека е можно да има редовен раст на цените и затоа препорачува граѓаните ако имаат средства, веднаш да инвестираат во подобрување на енергетската ефикасност во нивните домови.

„Енергетската ефикасност во старт бара голема инвестиција. На пример, за фасада треба одеднаш да инвестирате по 25 евра за квадратен метар изолација со 10 или 15 сантиметри стиропор или минирална волна, а тоа што сте го инвестирале треба да се исплати во следните 8 или 9 години. Но, веќе од првата година се намалува потрошувачката на енергија, почнува враќањето на парите и потоа 25 години имате намалена потрошувачка на енергија“, вели Димитров.

Заштеда може да се направи со изолација од надворешна страна од ѕидовите со дебелина од 10 до 15 сантиметри, со промена на обичните со лед светилки или неонки, но и со набавка на ладилници од највисока енергетска класа А++, вели професор Димитров. Така, додава тој, потрошувачката во домаќинствата ќе се намали за 15 до 20 проценти, а во објектите кои кои се градени со цигли и малтер до 35 проценти. Истото е со државните институции.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG