Достапни линкови

ДУИ дрибла ко Марадона во Наполи


Министрие од ДУИ играат фудбал на мали голчиња во кабинетот на вицепремиерот Артан Груби
Министрие од ДУИ играат фудбал на мали голчиња во кабинетот на вицепремиерот Артан Груби

Министрите од ДУИ објавија професионално измонтирано видео како играат фудбал во кабинетот на вицепремиерот Артан Груби. Дел од граѓаните ги спорат нивните фудбалски вештини, но ДУИ е на власт безмалку две децении, па може да се заклучи дека добро дрибла на политичката сцена.

Едно фудбалско видео три дена ја дрибла македонската јавност. Во втор план паднаа и мафијашкото убиство во скопската чаршија, и огромната инфлација, и обвинувањата за спорен избор за надзор на изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10.

Некој го критикува изборот на гардероба, друг изгледот на министрите, трети коментира дека се работи за несериозност од страна на министрите, четврти бара пораки...

Првиот вицепремиер Артан Груби на Фејсбук објави видео-снимка на која министрите од ДУИ играат фудбал на мали голчиња и кошарка во неговиот кабинет, по седницата на која беше потпишан договор за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10.

Груби ги нарече критиките во јавноста хистерични. Не гледа ништо спорно што се релаксирале со колегите по долг и напорен ден. Спорно би било ако играле на големи голови.

Дел од фудбалската екипа на ДУИ беа вицепремиерот Артан Груби, министерот за економија Крешник Бектеши, за надворешни работи Бујар Османи, за финансии Фатмир Бесими, за образование Јетон Шаќири, а како „специјален гостин“ се појави и доскорешниот министер за животна средина Насер Нуредини.

Дел од граѓаните ги спорат нивните фудбалски вештини. Сепак, ДУИ е на власт безмалку две децении од основањето на партијата. Така што, може да се заклучи дека добро дрибла на политичката сцена.

Други, пак, се тешат дека барем фудбалот е евтина работа.

Голем дел од критиките се во стилот Чаршија гори, ДУИ се чешла. Видео снимката како министрите играат фудбал беше објавена само еден ден по двојното убиство во мафијашки стил во Старата скопска чаршија.

Некои, пак, прашуваат во што е проблемот ако луѓе се забавуваат на работа. Во стилот на Евангелието по Јован од Библијата велат: Кој е од вас безгрешен, нека прв шутне кон голчето.

На други не им пречи фудбалот, туку сметаат дека тоа е единственото што го прават.

Трети, пак, осмомартовски инсистираат на родова рамноправност.

Додека траеја критиките за однесувањето на министрите од ДУИ, кои вицепремиерот Груби ги нарече хистерични реакции, многумина го протолкуваа објавеното видео како порака до „огнената група“ во нивната партија.

Дел од членството на ДУИ, меѓу кои и поранешни високи функционери, подолго време ја критикува работата на партиските министри, особено на вицепремиерот Артан Груби. Поранешниот градоначалник на Чаир Изет Меџити не штеди критики кон него.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека ако некој го сфаќа како порака, тоа е негов проблем.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека секој може според своите желби да го организира својот работен простор и својата канцеларија.

Според истражувањето на Призма, во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, на чие чело е Груби, работат над 350 луѓе, а за годинава, во буџетот, се проектирани дополнителни вработувања. Ова не било доволно, па лани биле ангажирани дополнителни луѓе за што биле потрошени уште 160 илјади евра.

Ова Министерство, заедно со Министерството за информатичко општество и администрација, ги распоредуваше вработените по Рамковниот договор, кои со години земаа плата, а не одеа на работа, по други институции.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG