Достапни линкови

Државна ревизија во СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ: Нејасни членарини, поскапи донации, партиски имот...


Зоран Заев, Али Ахмети и Христијан Мицкоски
Зоран Заев, Али Ахмети и Христијан Мицкоски

Главните забелешки во ревозирскиот извештај се недоволен увид во финансирањето преку членарина, зголемување на вредноста на партискиот имот и донациите за партиите

Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска ги објави конечните ревизорски извештаи за „Сметката за редовно работење“ на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Главните забелешки во ревозирскиот извештај се недоволен увид во финансирањето преку членарина, зголемување на вредноста на партискиот имот и донациите за партиите. ДЗР утврдил и зголемување на буџетското финансирање на партиите, што според Заводот, може да има влијание врз структурата на расходите на партијата.


СДСМ уште не ги спровел препораките од Извештајот за 2018

ДЗР извршил ревизија на спроведување на дадените препораки во Кнечниот ревизорски извештај за 2018 година на СДСМ и извести дека двете дадени препораки не се спроведени.

„Партијата располага и користи деловен простор во градежни објекти кои ги наследила од правен субјект нејзин претходник. За овие објекти СДСМ нема обезбедено документи за утврдување на сопственоста, нивно запишување во Агенцијата за катастар на недвижности и сметководствена евиденција во деловните книги на партијата“, се вели во извештајот и се додава дека Државниот ревизор ѝ препорачува на партијата да ја регулира оваа состојба.

ДЗР во Извештајот констатира и нецелосен увид во партиските приходи од членарина.

„Воспоставениот начин на прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина во СДСМ не обезбедува целосен увид и потврдување во поединечно уплатените средства. Одговорното лице на партијата да преземе активности за донесување на акт за доуредување на начинот на прибирање, уплата и известување за поединечни износи на средства по основ од членарина, заради потврдување дека поединечните износи на членарина се во рамките на законски утврдениот лимит“, се наведува во извештајот.


Со анализата на вкупните приходи по видови на извори на финансирање, ДЗР констатира дека учеството на јавното финансирање од Буџетот на Македонија на редовното работење на СДСМ бележи тренд на зголемување и тоа од 37 проценти во 2015 година до 82 посто во 2019 година, наспроти тренд на опаѓање на учеството на приватните извори на финансирање во вкупните приходи на партијата. Таа состојба, нагласува ДЗР, може да има влијание врз структурата на расходите на партијата во нареден период, имајќи ја предвид измената на Изборниот законик, каде извор на финансирање на изборната кампања, меѓу другите извори се и средствата од редовната сметка на политичката партија.

Зголемена вредноста на имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Во конечниот извештај за извршена ревизија на финасиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ВМРО-ДПМНЕ за 2018 година, овластениот државен ревизор, како што се наведува во извештајот, извести за судска постапка поведена од страна на надлежните органи во месец октомври 2018 година, со која на ВМРО-ДПМНЕ му се забранува дел од недвижниот имот/градежни објекти со вкупна набавна вредност во износ од 1.140.344 денари, сопственост на партијата, да го отуѓува, става под хипотека и располага со давање под закуп, се до завршување на постапката пред надлежниот орган.

„Забраната за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведената постапка влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба, согласно член 14 од Законот за сметководството на непрофитните организации. Во деловните книги во 2019 година вредноста на имотот е зголемена за пресметаната ревалоризација во износ од 12.407 денари. Истакнуваме дека до денот на вршење на ревизијата, постапката поведена пред надлежните органи е се уште во тек“, се вели во извештајот.

ДЗР препорачува одговорните лица на партијата да преземат мерки и активности за соодветно евидентирање на недвижен имот, по завршување на постапката пред надлежните органи.

Заводот и кај оваа партија утврдил зголемување на буџетското финансирање на партијата.

„Констатиравме дека учеството на јавното финансирање од Буџетот на Македонија на редовното работење на ВМРО-ДПМНЕ бележи тренд на зголемување и тоа од 27 проценти во 2016 година до 67 посто во 2019 година, наспроти тренд на опаѓање на учеството на приватните извори на финансирање (членарини и донации) во вкупните приходи на партијата. Наведената состојба може да има влијание врз структурата на расходите на партијата во наредниот период“, се посочува во извештајот.

ДУИ примила донации поскапи од дозволеното

Ревизорскиот извештај за ДУИ констатира неколку состојби: Во годишниот извештај на донации за 2019 година, ДУИ пријавила донација од физичко лице во износ од 2.046 денари која се однесува на добиено моторно возило како дар во минати години. Проценетата вредност на возилото го надминува законски дозволениот износ на донација во износ од 1.318 денари, што не е во согласност со Законот за финансирање на политичките партии; регистарот на донации за 2019 година, не е изработен на образец пропишан со Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на регистарот на донации донесен од страна на министерот за финансии, што не е во согласност со Законот за финансирање на политичките партии“, се наведува во Извежтајот.

Наведените состојби, како што стои во извештајот на ДЗР, влијаат врз лимитот на средствата кои политичката партија ги обезбедува како извор на финансирање по основ на донации, како и врз информациите кои ги дава Регистарот на донации. Како препорака се наведува одговорното лице на партијата да преземе мерки и активности за почитување на законски дозволените износи за днации предвидени со Законот за финансирање на политичките партии и изготвување на регистарот на донации на законски пропишан образец.

Заводот констатирал дека и кај ДУИ има пораст на јавното финансирање од државниот буџет, и тоа од 51,12 проценти во 2015 година до 83,58 посто во 2019 година, наспроти тренд на опаѓање на учеството на приватните извори на финансирање во вкупните приходи на партијата.

XS
SM
MD
LG