Кога државата би ги слушала родителите на децата со атипичен развој многу полесно и побрзо би се подобриле условите за овие дечиња, вели Денис Јанкуловски, еден од овогодишните добитници на државната награда „Мето Јовановски“ за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
Јанкуловски кој инаку е медицински техничар во Центарот за јавно здравје во Скопје, стана познат во јавноста за време на пандемијата. Тој беше во првите борбени линии против коронавирусот и дел од медицинските тимови кои ги вршеа тестирањата за ковид.
Дури и во најмрачните денови под скафандер, но со ведра мисла и песна успеваше да ги охрабри пациентите и да им даде поддршка во најтешките моменти. Децата го нарекоа „Космонаутко“ поради белиот скафандер во кој ги земаше брисевите за корона тестовите.
„Како што заѕвонев на вратата кај едно семејство, детето кое што требаше да го тестирам рече „Мамо дојде космонаутот да ни земе брис“ и оттогаш тој е кумот на „Космонаутко“ и така остана тој прекар. Дури некогаш на шала велам треба да го додадам во име и презиме. Но, истовремено е и доказ и дека семејството одлично го подготвило детето за непријатното земање брис со ете приказна дека доаѓа космонаут од некоја планета кој се бори со чудовишта меѓу кои и короната. Дури има моменти и кога некој ќе ми се обрати со „господине Космонаутко“, вели низ смеа Јанкуловски.
Позитивната енергија вели ја црпи токму од децата, нивните насмевки, но и од мислата дека со неговата професија помага за здравјето на пациентите.
„Енергијата ја црпев и од тоа што јас го работам тоа што сакам да го работам. Јас сум медицински техничар, работам нешто што ми е по струката и особено поради тоа што го правам, без разлика дали ќе бидат 10 или 12 саати или пак 180 километри поминати во текот на денот знам дека тоа е во корист за нечие здравје“, вели Јанкуловски.
За короната вели дека се надева дека веќе е зад нас. За разлика од претходно сега нема толку работа и се надева дека ќе остане така.
Сите сме исти на различен начин
Во меѓувреме хуманата мисија Јанкуловски ја продолжува преку помагање на лицата со атипичен развој. Преку здружение кое што е формирано на негова иницијатива вели се собрале волонтери, ентузијасти и луѓе со желба и време чија што цел е да помогнат во инклузијата на овие лица. За само неполна година вели успеале да организираат низа настани и хуманитарни акции со кои успеале да донесат радост и смеа кај децата со атипичен развој. Тоа, вели е нешто за кое вреди да се одвои време, да се запознаеме со овие лица и да дознаеме многу повеќе за нив.
„Нашата цел, нашата мисија е некако да успееме колку што можеме на начин на кој што ние знаеме и умееме да помогнеме во подобрување на животот, на нивното секојдневие што подразбира почитување и прифаќање на тие лица, дека тие се лица како нас со име и презиме, со желби емоции и чувства, различни на некој начин, но сите сме си исти. Тоа е нашата мисија да покажеме дека тие лица го залужуваат се она што и ние го имаме. Се трудиме мислам дека досега успешно тоа го правиме да докажеме дека инклузијата е можна“, вели Јанкуловски.
Тоа што овие лица во држвава се уште се соочуваат со проблеми го мотивира да работи на ова поле, а наградата вели дополнително му дава елан и „ветер во грб“ да продолжи во понатамошната борба за човековите права и во изградбата на подобро и поинклузивно општество.
„Се трудиме и мислам дека досега успешно тоа го правиме да покажеме дека инклузијата е можна, има начини има модули сето тоа како може да се направи, но кога ние ќе го почитуваме лицето и кога ќе го гледаме со срцето, а нема да ја гледаме попреченоста кога ќе увидиме дека тоа лице, на пример, во ред може е во количка и може не може да оди како што одиме ние другите, меѓутоа тоа може да црта, да пишува, да пее, може било што нешто да направи е тоа треба да го препознаеме и да го вклучиме во заедничкото секојдневние“, вели Јанкуловски.
Во Новата година вели планот е да продолжи со хуманитарните активности преку кои ќе им помага на децата со атипичен развој и со неговата посветеност кон лицата со атипичен развој, кон нивното подобрување и разубавување на денот, на годината. Неговата посветеност да им се помага на луѓето останува вечна порака дека сите луѓе, иако различни, се сепак исти во своите желби, потреби, посакувања.