Достапни линкови

Даночните олеснувања за ИТ компаниите ја ставија Македонија на „сивата листа“ на ЕУ


Илустрација
Илустрација

ЕУ ја стави Македонија на „сивата листа“ на земји со несоодветни даночни практики. Главен проблем за Унијата се даночните олеснувања за ИТ-компаниите во ТИРЗ-овите. Земјава се обврзала да ги укине овие олеснувања до крајот на 2022. Во исто време, владата најавува нула персонален данок за ИТ фирмите.

Даночните ослободувања на информатичките компании во Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) се проблем за ЕУ и тука се најголемите забелешки на Унијата во однос на даночната политика, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Европската унија на 5 октомври ја стави Македонија на „сивата листа“ на земји со несоодветни даночни практики. Во извештајот, Македонија е посочена во групата земји кои „се обврзаа да ги изменат или укинат повластените даночни режими“ до 31 декември 2022 година.

На „црната листа“ на даночни раеви на ЕУ, односно држави и територии кои не соработуваат со ЕУ за даночни цели има девет земји – Американска Самоа, Фиџи, Гуам, Палау, Панама, Самоа, Тринидад и Тобаго, Американските Девствени Острови и Вануату.

Македонија е ставена на „сивата листа“, односно во групата земји кои сè уште не ги исполнуваат сите меѓународни даночни стандарди, но се обврзале да се реформираат. На оваа листа, освен земјава, има уште 14 држави – Турција, Боцвана, Ангвила, Барбадос, Доминика, Сејшели, Тајланд, Коста Рика, Хонгконг, Малезија, Катар, Уругвај, Јамајка и Јордан.

Јовановиќ вели дека ЕУ од Македонија бара „фер оданочување“, односно да нема штетни даночни практики. Проблемот на ЕУ се даночните ослободувања на информатичките компании во Технолошки индустриските развојни зони. Тие даночни ослободувања или треба да се укинат или да ѝ се објасни на ЕУ дека не се работи за даночни олеснувања, туку за државна помош, вели Јовановиќ, кој работеше како советник во Министерството за финансии од 2017 до 2019 година.

„Во ТИРЗ-овите моментално може да има лоцирано и ИТ фирми, односно фирми коишто се занимаваат со услуги или слично, коишто се многу лесно подложни на даночни манипулации. На пример, ЕУ нема проблем со производствена фирма лоцирана во ТИРЗ и државата да ѝ даде државна помош во вид на даночно ослободување. Значи, нема проблем ако се работи за фирма за производство на автомобилски делови, на пример, ама има проблем ако тоа е фирма од областа од ИТ, затоа што тогаш го смета за штетна даночна практика“, вели Јовановиќ.

Министерството за финансии за МИА ги потврдило овие информации. Тие велат дека земјава е секогаш вклучена во конструктивен дијалог со Европската унија и оти континуирано ги следи и имплементира меѓународните даночни стандарди.

„Во рамки на овој процес во којшто е утврдено дека Република Северна Македонија е кооперативна јурисдикција за даночни цели, истата во 2021 година ја изрази својата заложба да направи измени на Законот за технолошко индустриски развојни зони во врска со општите услови за доделување на државната помош на дејностите од областа на информатичката и комуникациската технологија (ICT дејности), односно услужните дејности за обезбедување на нематеријални добра, до крајот на 2022 година“, велат во Министерството за финансии.

Во исто време, владата најавува дека до 2023 година персоналниот данок на доход за ИТ индустријата ќе се намали на нула проценти за да се стимулираат инвестиции во оваа индустрија. Во владината програма стои дека персоналецот ќе се намалува скалесто - на 5 отсто во 2021, 3 отсто во 2022 и 0 проценти во 2023, но засега од овие ветувања нема ништо.

Листата на даночни раеви на ЕУ се објавува од 2017 година. На „црната листа“ се наоѓаат некооперативни земји, додека на „сивата листа“ се земји кои се под мониторинг и треба да направат одредени реформи за подобрување на даночниот систем. Македонија е на „сивата листа“ од почетокот, но беше избришана во извештајот од 4 ноември 2019 година, откако ја ратификува Мултилатералната конвенција за заемна административна помош за даночни прашања на Организацијата за економска соработка и развој.

Во извештајот од 5 октомври годинава, Македонија повторно е вратена на „сивата листа“ како земја која се обврзала да „ги измени или укине повластените даночни режими“ до 31 декември 2022 година.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG