ДИК - Излезноста поголема отколку во првиот круг за 4 процентни поени
Излезноста во вториот круг од претседателските избори до 17 часот изнесува 38,23 отсто, соопшти Државната комисија попладнево. Според Комисијата, гласањето се одвива мирно и без поголеми нарушувања на изборниот тек. Излезноста до 17 часот во првиот круг беше 34,41 отсто.
МОСТ: Забележани помали неправилности
Според податоците на МОСТ, на гласачко место во Куманово, гласач гласал и сакал да го напушти гласачкото место без да биде обележан со невидлив спреј, поради што била повикана полиција, по што лицето било обележано со спрејот, а на гласачко место во Чешиново Облешево, настанала расправија меѓу двајца набљудувачи на различни кандидати.
Во Битола излезноста поголема за 5 процентни поени од првиот круг
За речиси пет процентни поени е поголем одѕивот на гласачите во Битола до 15 часот во однос на првиот круг од претседателските избори. Во првиот круг до 15 часот попладне гласале 32,75 отсто гласачи, а денес на гласање излегоа 37,1 процент битолчани со право на глас.
Пријави до МВР: Сликање гласачко ливче, агитација и расфрлање летоци
МВР попладнево дополнително информираше за пет пријави за нарушување на изборниот процес - фотографирање на гласачко ливче, фотографирање на избирачки одбор и недозволена агитација.