Општина Јегуновце ја зголеми излезноста до 15 часот во споредба со првиот круг
Општина Јегуновце до 15 часот ја зголеми излезноста во споредба со првиот изборен круг. Сега на гласање излегле 21,95 отсто од граѓаните и е малку зголемена излезност со оглед дека на 21 април до истиот термин во 15 часот имало 21,8 отсто граѓани кои го оствариле правото на глас. Останатите општини во тетовскиот регион бележат и понатаму пониска излезност во споредба со гласањето од пред две недели.
Најголема излезност во Крива Паланка, најмала во Желино
Најголема излезност во вториот круг од претседателските избори до 15 часот има во Крива Паланка, каде што на гласање излегле 52,61 отсто од регистрираните избирачи. Најмала излезност, пак, има во Општина Желино, каде што на гласање излегле 9,03 отсто од регистрираните избирачи.
Во првиот круг, во Крива Паланка до 15 часот на гласање излегле 47,22 проценти од регистрираните избирачи, додека во Желино во истиот период гласале 10,06 отсто од гласачите.
Поголема излезност отколку во првиот круг
Излезноста во вториот круг од претседателските избори до 15 часот изнесува 30,3 отсто, соопшти Државната изборна комисија на денешната прес-конференција. Во првиот круг, излезноста до 15 часот изнесуваше 28,2 отсто.
Обилниот дожд престана – излезноста во дебарско порасна
Обилните врнежи од дожд во општините Дебар, Центар Жупа и Маврово - Ростуше имаа влијание врз минималната излезност на денешното претпладневно гласање за претседател на државата. Ова, покрај другото, го кажаа за РСЕ неколку гласачи на изборното место во дебарската гимназија, кои рекоа дека би гласале порано, а не напладне.