Досега во Србија се вакцинирале повеќе од 14 илјади наши граѓани, кој со првата кој со втората доза против ковидот. ВМРО-ДПМНЕ сега бара државата да им рефундира пари за превоз на тие што се вакцинирале во таа соседна земја. Некои посетители на нашата ФБ страница ја нападнаа Владата, како на пример, потпишаниот со Џим Глиг кој постирал: „Имаме неспособна влада“, а некои се подбиваат: „И јас сакам да ми платат, се вакцинирав на Малта“, напишал Тони Митревски. Ѓорѓи Ристески вели: „...ако одат, сами нека си плаќаат, никој не ги тера...“, а Марија Шишовска коментира: „И за шопинзите во Н&M и по пазарите да рефундираат средства“, па на постот ставила облека, чевли, чанти, кутии со подароци... Боби Пикси Герасимовски налутен на опозициската партија: „Ај не лупајте глупости. А кога го водите народот на митинзи, зошто не им давате дневница за изгубен ден.“
Во Скопје, пред чешката амбасада се одржа протест на здруженија на наши ромски граѓани организирани од граѓанското движење АВАЈА кои од чешките власти побараа независна истрага на случајот на полициската бруталност при што беше убиен чешкиот Ром Станислав Томаш од страна на полицаец во градот Теплице. Селвије Мустафи од транснационалното движење на Ромите потенцира дека смртта на младиот Ром во Теплице е резултат на целиот системски расизам. Галина Димитрова случајот го поврзува со убиството на Афроамериканецот па кратко постирала: „Чешки Џорџ Флојд“.
Бугарскиот министер за надворешни работи, Светлан Стоев, кој учествуваше на виртуелната дискусија за приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ побара да исчезне говорот на омраза во односите со Македонија, потсетувајќи на изјавата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека „не можеме да сакаме да бидеме во едно семејство и да продолжиме да го користиме тој вулгарен јазик во јавноста, и од политичките сили.“ На ФБ страницата на РСЕ има 169 постови од наши граѓани чувствителни на изјавите на бугарските политичари во последниве години, а има и провокативни дебати заради коментарите од бугарски посетители. Захарија Ќорвезиоска кратко: „И ние бараме“, а редовниот Џемал Џаферовски напишал: „Омразата донесува недобри работи“. Бранко Галев до Пламен Цветков: „...Да не очекувате да ве милуваат? Прво осудете ги тие дома кај вас што предизвикуваат говор на омраза после зборувајте за омраза“, а Константин Димитров потсетува еден од бугарските посетители на нашата ФБ страница, Славче Панов: „Слушнете ги изјавите на Захариева.“ Дафинка Делева со коментар: „Сѐ додека систематски провоцирате ќе имате соодветен одговор...“, а Бранко Галев вели: „Прво Бугарија нека си го преиспита говорот на омраза дома, потоа нека коментира за одговорите и последиците што сами ги предизвикуваат.“