Специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски заминува во Софија и , како што вели, не знае ни за колку брзо ќе се врати, ниту колку долго ќе остане. Во исто време, заедничката Комисија за историски и образовни прашања започнува дводневен онлајн состанок, на тема Гоце Делчев.
Бучковски во кус разговор за Радио Слободна Европа рече дека нема што да додаде од она што веќе го кажа.
„Треба да има простор нешто да сработиме, па потоа да се зборува“, рече тој.
Откако ја доби новата функција Бучковски рече дека е убеден дека ќе успеат разговорите со Софија и дека се блиску до излезни решенија. Тој вели се исцртуваат црвените линии и дека е недопустливо да бидеме понижени. Бучковски во интервју за 24 вести, рече дека Бугарија бара фуснота за македонски јазик да важи во сите ЕУ документи, иако македонскиот јазик е признат во ЕУ. За терминот заедничка историја, тој појаснува дека анализите по Договорот беа дека Бугарија доби признание дека сме имале заедничка историја, а ние добивме признавање дека сме два различни народи.
Османи - Бучковски одговата пред мене и пред премиерот
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вели дека Бучковски не е нов преговарач, туку дел од каналите за комуникација со Бугарија, но дека тој одговара пред него и пред премиерот. За оваа прашање никој не преговара сам, преговара владата, вели Османи.
„Ставовите Бучковски треба да ги прилагоди со ставовите на државата во овој момент“, рече Османи.
Премиерот Зоран Заев денеска, како што рече, за да ја смири јавноста, изјави дека за јазик и за идентитет не се преговара.
„Ние си имаме наш јазик, согласно Уставот на С.Македонија, Бугарија си има нивен. Сега работиме да го надминеме билатералниот проблем. Ние сме самостојна нација, која се создавала како што се создавале и другите нации. Нашиот јазикот е исто како и другите јазици од словенско потекло. Имаме дел од заедничка историја што ги поврзува двете држави и двата народи, од каде се создава и македонскиот и бугарскиот јазик, па и српскиот и сите други словенски јазици“, рече Заев.
Ставовите на професорот Бучковски
Бучковски пред да стане специјален претставник на Владата за Бугарија за бугарски медиуми излезе со ставови за македонската нација кои, според реакциите на јавноста во Македонија, се идентични со ставовите на Софија. Бучковски на 30 април годинава во разговор за бугарската ТВ Европа рече дека „неспорно е дека бугарската нација, бугарскиот народ е создаден пред македонскиот“.
„Неспорно е дека тоа е официјален став и на Бугарија и дека нема проблем и официјална Софија со создавањето на македонската нација од 1944“, рече поранешниот премиер, но проблем е пред 44.
Бучковски за истиот медиум пред еден месец (на 29.10.2020), рече дека сега не е погодно време бугарските власти да стават вето на Македонија, оти преговорите и така ќе траат со години, па доколку заедничката Комисија за историски прашања не си ги исполни обврските, Бугарија во иднина ќе има можности да стави вето. Поранешниот премиер вели дека сега треба да се остави Комисијата да работи.
„И во Договорот за добрососедство, компромисот е во тоа што Македонија признава дека имаме заедничка историја, а од друга страна Бугарија прифаќа дека сме два различни народи. За периодот, за кој вие говорите дека имаме заедничка или општа историја главна мора да биде заедничката Комисија која треба да ги преиспита, препрочита невралгичните точки од нашата заедничка историја, да нема дилеми во пошироката јавност, посебно кај нас во Македонија проблемот е што се има чувство дека под заедничка историја се подразбира бугарската историја. Дека треба да се признае дека до 1944 ние сме биле Бугари и тоа реално не поминува. Нема политички решенија кои тоа може да го направат и да биде прифатено, не само од политичарите, туку и од пошироката јавност“, рече Бучковски.
Комисијата состанчи за Гоце Делчев
Во меѓувреме, заедничката Комисија ја одржува 11 средба, овојпат онлајн, поради пандемијата со коронавирусот. А средбата се разговара за револуционерот Гоце Делчев, евентуалното негово заедничко чествување и македонските учебници за перидот среден век и ран османлиски период. Претходно, комисијата ги помина бугарските учебници за тој период. Пред новата средба на Комисијата, имаше препукувања меѓу првите луѓе од двете страни. Најпрвин бугаринот Ангел Димитров го пофали премиерот Зоран Заев за нов поглед кон минатото кон кој не се придржувала македонската страна од мешовитата комисија поради што било тешко да се работи со нив. Драги Ѓорѓиев за РСЕ му одговори дека ова е политизирање на работата на историчарите и дека очекува професионализам, а не политика од бугарска страна.
По лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера и лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села побара лидерска средба на која опозицијата ќе биде информирана за текот на преговорите со Бугарија и ќе се изгради заеднички државен став. Премиерот Зоран Заев, по барањето на Мицкоски за лидерска, рече дека не му треба Мицкоски за да го „скара со Бугарија“. За ова прашање не се дискутирало ниту во Собранието.
Владимир Божиновски, директор на Институтот за политички истражувања Скопје смета дека за процесот на разговори меѓу македонските и бугарските политичари собраниската дебата и утврдување на позициите би биле од полза. Божиновски вели дека јасно беше оти Бугарија се подготвува за ултиматуми, но изненаден е од пристапот на македонските власти кон тоа, кој, како што вели, е целосно субмисивен.
„Комплетно подредена положба во однос на Бугарија и покрај сите неприципиелни барања и покрај сите оние навреди, ние имавме изјави на бугарскиот вицепремиер и министер за одбран Каракачанов дека ќе прател бугарски полк во Македонија, по што никакви реакции од наша страна со што само дополнително им се даде енергија на бугарските барања. Отсуството на официјални коментари и официјални реакции од македонска страна едноставо гневот на луѓето, на Македонците да се создаде и говор на омраза. Јас говорот на омраза не го подржувам во ниту еден случај. И сега Бугарите дополнително тврдат дека постои говор на омраза притоа заборавјаќи ги нивните ставови и изјави“, вели Божиновски.
МАНУ минатиот месец реагираше дека македонскиот јазик постои стотици години и оти македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност. Најголемиот Универзитет во земјава, УКИМ ги поддржа ставовите на МАНУ, истакнувајќи дека „обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата“. Институтот за национална историја, пак, ги осуди сите форми на политичко оспорување на македонската историографија, на македонската национална историја и идентитетот“.
По интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската новинска агенција Бгнес, во кој тој меѓу другото рече дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја, Бугарија малку на почетокот на Втората светска војна била администратор во Македонија и оти Бугарија и Македонија се пријателски, но Југославија ги држела разделени, министерката за култура Ирена Стефоска, која е историчарка, рече дека „ако услов за нашите евроинетргации се историјата или идентитетски прашања, тогаш немаше да постои Европската унија“. Таа рече дека бугарското општество мора самото да се справи со темните страни од своето минато, потсетувајќи дека поранешниот германски канцелар Вили Брант пред половина век клекна пред споменикот на хероите во Полска и на тој начин побара прошка и се извини за злосторствата на нацистите во Втората светска војна.