Биг бендот на ЗЏМ дефинитивно има потенцијал да биде еден од големите во регионот. Дури и не само во тие рамки, туку судејќи според квалитетите на некои од солистите како сакасафонистот Кире Кузманов, трубачот Трајче Велков, Иван Иванов или пијанистот Гордан Спасовски, басистот Кирил Туфекчиевски... кои се одлични музичари, слободно ќе кажам дека ги има сите предуслови да се вивне на едно повисоко европско џез ниво. Само за тоа ќе треба и натаму макотрпно да се работи, да се свири што почесто и посебно да се експериментира со вакви проекти. Убаво е на Скопје и на македонската култура воопшто да им се случуваат големи џез настани како овој. Само така Биг бендот ќе има светла иднина. И, да не заборавам притоа тој треба да ја има поддршката од институциите во државата. Без неа нема придвижување оти ваквите проекти и квалитетот бараат вложување. Тоа треба секому да му е јасно.
Вака говореше прочуениот австриски диригент и професор на Џез академијата во Грац – Зиги Вајгл пред две години во пресрет на нивниот исклучително значаен концерт одржан во салонот на Филхармонија на кој ги свиреа аранжманите на песните на прочуениот британски состав РЕЈДИОХЕД.
Зиги Фајгл, диригент од Австрија и професор на Џез академијата во Грац
А, по периодот во кој светот се сврте наопаку и натаму си ги лиже раните од пандемијата и живее во страв од новите соеви на вирусот, тој повторно е во Скопје за да стави точка на исклучително успешната сезона на Биг бендот и Здружението на џез музичари и слободни уметници. И, со своите некогашни студенти и останатите врвни македонски музичари и вљубеници во импровираната форма и слободата го диригира концертот на кој тие со својот темперамент ќе и се нафрлат на музиката на Френк Запа, еден од најзначајните музичари кои го одбележаа 20-тиот век и кој се смета за еден од најиновативните и стилски најразновидните творци од неговата генерација.
И, кога сме веќе кај оваа само навидум несекојдневна спојка, само неколку збора за него. Френк Запа е американски музичар, композитор, текстописец и водач на бенд чија работа се карактеризира со „нонконформизам, импровизација во слободна форма, звучни експерименти, музичка виртуозност и жестока сатира на американската култура“.
Во својата повеќе децениска кариера, тој умешно се движел на широкиот уметнички простор. Со леснотија ги прескокнувал наметнатите огради и фиоки, свирел рокенрол, поп, џез, фјужн, пишувал филмска и оркестарска музика, дела кои биле сместувани во терминот „музички конкретни“ ( музика што ги содржела и каде особено нагласено биле присутни снимените звуци од природата)... Конечно Запа бил и продуцент безмалку на сите 60-на објави издавани со неговиот матичен бенд MOTHERS OF INVENTION или подоцна како соло артист. Згора, тој ништо не пропуштал на случајот па така режирал долгометражни филмови и промотивни видеа, а неретко бил и дизајнер на обвивките на неговите албуми.
Кон овие информации и таа дека Запа еден период во раните 70-ти и повторно за време на неговата последна турнеја во 1988 година експериментирaл со биг бендови, што подразбира дека неговата музика совршено се адаптира за тој тип на изведба. И, кога сме веќе тука да кажеме дека Биг бендот на ЗЏМ и Зиги Вајгл во случајов ќе посегнат по аранжманите на Никлас Рид, Ед Палермо и Патрик Ебрнборг на „класиците“ на Запа како The Grand Wazoo, Dvarf Nebula, Gumbo Variations, Zoot Allures, Let Mi Take To The Beach, Take You Clothes When You Dance...
Фајгл и Биг бендот на ЗЏМ на концертот на кој ја свиреа музиката на РЕЈДИОХЕД
Инаку, со овој концерт Биг бендот на ЗЏМ ја продолжува успешната низа на перформанси со кои само во последнава година несомнено се издигна над останатите вакви ансамбли во регионов. Така во јуни беше одржан концертот посветен на македонскиот композитор Илија Пејовски, потем следуваше оној каде на сцената крај себе ги имаа врвните домашни гитаристи како Влатко Стефановски, Венко Серафимов, Петар Ренџов, Игор Атанасовски Харе... за да потем го придружуваат легендарниот американски џез пејач и двоен добитник на Греми – Курт Елинг на Џез фестивалот во Загреб, Хрватска. Во меѓувреме беше промовирана и ЗЏМ Рикордс како издавачка етикета задолжена за објавите на членовите на Биг бендот, па така во првичниот налет излегоа албумите на џез пијанистот Гордан Спасовски и на композиторот и диригентот Џијан Емин со неговиот МАГИЧЕН ОРКЕСТАР.
Гоце Стефковски
А, за престојниот концерт на кој Биг бендот ќе ја свири музиката на генијалниот Френк Запа, Гоце Стефковски – музичарот кој со најмногу инает и мускули влезе во целата оваа денес успешна приказна која допрва треба да се развива, знае да каже дека пред нив е уште еден голем предизвик. Френк Запа и плодовите на неговото креативно лудило.
ЗЏМ Биг бендот е повторно во акција. Овојпат ќе изведе музика на еден од најистакнатите и воедно најразновидните автори на 20-век Френк Запа, човекот кој со својот бенд и како соло артист има објавено 62 плочи и чие семејство постхумно ќе понуди уште толку негови изданија. За овој концерт диригент со Биг бендот повторно е господинот Зиги Фајгл од Австрија. Тој е секогаш тука кога станува збор за изведба на вака комплексна програма. Зиги е еден од најдобрите светски диригенти во оваа област и неговиот придонес за Биг бендот воопшто и музиката што ќе ја изведеме е огромен. Ова несомнено ќе биде значаен настан и показ за нашиот исчекор кон Европа и кон светот, вели Стефковски.