Сара и Андреј Стојановски се брат и сестра кои нижат успеси во спортот пинг-понг. Тренираат со својот татко, искусниот пингпонгар Сашо Стојановски, а настапуваат поединечно и како двојка. Собираат бројни медали во двете варијанти и среќни се што се супер тим.
Мила Србиноска на само 3 години стана државен првак во хип хоп. На 6 години - европска шампионка и трета во свет. Сега има 13 години и медали за над 70 први места добиени на меѓународни натпревари по хип хоп.
Деветнаесетгодишната Доротеа веќе 4 години е една од волонтерите во невладина младинска организација „Волонтерски центар Скопје“. Учествува во национални и меѓународни проекти и обучена е да биде тренер на врсници.
Ретко која девојка во Северна Македонија свири на народни инструменти. А Мартина свири дури на три – кавал, тамбура и дајре. Се надева дека поттикнати од нејзиниот пример што повеќе девојки ќе изберат да свират некој народен инструмент и дека ќе ѝ станат колешки.
Со електрична гитара во рака и песни на кои е кант-авторка, гостиварчанката Михаела Антеска сака да стигне до светската музичка сцена. Сама најдобро можам да искажам што чувствувам, вели рокерката која сака да се држи надвор од „калапот“ и да остане бунтовна, каква што е и музиката која ја сака.
Тетовецот Алдин Шерифи има оштетен вид и желба да стане физиотерапевт, кој ужива во музицирање како хоби. И покрај сите секојдневни предизвици со кои се соочува, вели - го сакам мојот живот!
Деветнаесетгодишниот Кристијан Пешевски веќе една година на скопските улици го продава списанието „Лице в лице“. Ова искуство, вели, му го сменило животот на многу подобро. Има нови познанства, финансии за остварување на желбите, но и чувство дека оди во добар правец.
И Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет ја прогласија таеквондистката Милијана Релиќ за најдобра млада спортистка за 2023. Таа верува дека водена од тренерот Александар Ефтимов може да го оствари својот најголем сон - да добие олимписки медал.
Кога скопјанката Теодора Тодоровска ќе ги замени високите потпетици со поудобни обувки за да оди на градежен објект како машински инженер, вели, почнува адреналинот.
Кога 24-годишниот Филип Маневски бирал професија не му било важно тоа да биде некоја од професиите кои се актуелни меѓу младите денес, туку да го работи она што вистински го сака. Па вели, иако е можеби невообичаено некој на негова возраст да се занимава со столарија, тоа е неговиот пат.
Четиринаесетгодишната Садије Дура е единствената девојка во боречкиот клуб „Лирија“. Решила да ги игнорира обесхрабрувачките коментари за тоа дека овој спорт не е за девојчиња.
Животот во Крива Паланка за Мери Акиевска бил пеколен. Вели дека растела во семејно насилство и во сиромаштија. Денес е трикратна светска шампионка во бодибилдинг и фитнес, а минатото ја научило да биде борбена.
Вчитај повеќе