Достапни линкови

Вести

Десетици германски универзитети ја напуштаат социјалната мрежа Икс

Лого на социјалната мрежа Икс.
Лого на социјалната мрежа Икс.

Десетици германски универзитети во петокот соопштија дека повеќе нема да ја користат социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) – во сопственост на најбогатиот човек во светот, Илон Маск, повикувајќи се на етички грижи.

Повеќе од 60 германски универзитети и академски институции во заедничко соопштение наведоа дека мрежата Иск сега е некомпатибилна со нивните принципи.

„Сегашната насока на платформата не е компатибилна со основните вредности на овие институции – отвореност кон светот, научен интегритет, транспарентност и демократски дискурс“, се вели во соопштението.

Маск ја презеде платформата во 2022 година, по што отпушти околу 80 отсто од нејзиниот персонал, вклучувајќи ги и вработените во тимовите за модерација на содржината.

Истражувачите велат дека социјалната мрежа се претворила во рај за дезинформации.

Во интервју за британскиот јавен радиодифузер Би-би-си во 2023 година, Маск ги бранеше промените што ги воведе наведувајќи дека тие се неопходни со оглед на тешките финансии на Твитер.

Тој, исто така, се опиша себеси како „апсолутист за слободен говор“, со попустлив став кон содржината на Икс.

Вчера (9 јануари), тој предизвика контроверзии во Германија со емитување на интервју со Алиса Вајдел, лидерка на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД).

Крила од оваа партија го привлекоа вниманието на домашната разузнавачка агенција на Германија поради можниот десничарски екстремизам.

Меѓу академските институции кои ја потпишаа изјавата за напуштање на Икс, се берлинскиот универзитет Хумболт и голем број факултети кои веќе престанаа да го користат Икс, како што е Слободниот универзитет во Берлин (Freie Universitaet).

„Промените на платформата Икс ја прават нејзината континуирана употреба неодржлива“, велат универзитетите, наведувајќи ја како пример употребата на алгоритми за поттикнување на „десничарската популистичка“ содржина.

Два универзитети во австрискиот град Инсбрук, исто така, се приклучија на изјавата, во која се вели дека повлекувањето од Икс „ги подвлекува напорите на институциите за комуникација заснована на факти и против антидемократските сили“.

Универзитетите се последните во низата германски институции кои објавија дека го напуштаат Икс.

Во четвртокот, Федералниот суд на правдата објави дека повеќе нема да објавува содржини на мрежата, исто како и неколку синдикати.

Во последниве месеци, други компании и организации, како што се фудбалскиот тим во Бундеслигата Сент Паули и гигантот од супермаркети Алди Норд, исто така го напуштија Икс.

Германската Влада соопшти дека засега не планира да престане да ја користи платформата.

Портпаролката на Владата Кристијане Гофман на прес-конференција во петокот рече: „Ние сме многу загрижени за тоа како се разви Икс, но во исто време мораме постојано да размислуваме како да допреме до луѓе до кои инаку не би можеле да допреме. Засега решивме да продолжиме да ги користиме нашите канали на Икс, но тоа е тековен процес на евалуација“.

САД ја санкционираа Нафтената индустрија на Србија

Рафинерија за нафта во индустриската зона кај Панчево во близина на Белград, 22 јануари 2008 г.
Рафинерија за нафта во индустриската зона кај Панчево во близина на Белград, 22 јануари 2008 г.

Поради сопственичкиот удел на руската компанија Гаспром нефт, Нафтената индустрија на Србија (НИС) заврши на американската „црна листа“ со санкции, објави на 10 јануари Министерството за финансии на САД.

Компанијата НИС е санкционирана поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради поврзаноста со рускиот Гаспром нефт.

Нафтената индустрија на Србија се најде на листата од шест компании кои се „во сопственост или поф контролира, делуваат или наводно дејствуваат за или во име, директно или индиректно, со Гаспром нефт“.

По објавата од американското Министерство за финансии, српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција на 10 јануари рече дека станува збор за „строги и сериозни санкции“ и дека се бара „целосно повлекување на Русија од сопственоста во НИС“.

„Тие не даваат можност од 49 проценти или помалку руски капитал“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека пред Србија се поставени рокови за трансформација во сопственичката структура на НИС.

„Ќе имаме само 45 календарски денови за сите операции“, рече Вучиќ, додавајќи дека за тоа време „мора да се заврши потпишувањето на каков било договор со руската страна, како и да се заврши она што се нарекува ’затворање‘ (closing)“.

Според Вучиќ, по тој период санкциите ќе бидат воведени „во целост“.

Тој изјави дека НИС ќе може да работи само „редовно“ и дека трансформацијата на сопственоста мора да започне веднаш.

„Планот за трансформација на сопственоста мора да биде одобрен од OFAC (во рамките на Министерството за финансии на САД) и американската влада“, рече Вучиќ.

Тој посочи дека САД најавиле можност за консултации со Србија во врска со санкциите што, рече, „ќе го искористиме утре“.

Вучиќ додаде дека Велика Британија наскоро ќе се приклучи на санкциите.

Руската државна компанија Газпром нефт и нејзината матична компанија Газпром имаат мнозинска сопственост во НИС од 56,15 отсто од 2008 година, додека 29,87 отсто е во сопственост на Србија.

Американското Министерство за финансии соопшти дека презело сеопфатни мерки за исполнување на обврската на земјите од Г7 за намалување на руските енергетски приходи што се користат за војната против Украина.

Стејт департментот на САД воведе санкции за голем број бродови што пренесуваат нафта, руски трговци со нафта, добавувачи на нафта со седиште во Русија и руски енергетски службеници.

„САД преземаат сеопфатна акција против клучниот руски извор на приходи преку кој ја финансира својата брутална и нелегална војна против Украина“, наведе во соопштението министерката за финансии Џенет Јелен.

Стејт департментот, како што се наведува, исто така презема чекори за намалување на енергетските приходи на Русија со блокирање на два активни проекти за течен природен гас, голем руски нафтен проект и ентитети од трети земји кои го поддржуваат рускиот извоз на енергија.

Инаку, српската влада донесе одлука за формирање на Координативно тело за обезбедување на сигурно снабдување со нафта и гас поради, како што е наведено, потенцијалното воведување на американските санкции за НИС.

Во деновите пред воведувањето на санкциите, генералниот секретар на Здружението на нафтени компании во Србија, Томислав Миќовиќ, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека потенцијалните санкции ќе влијаат на српскиот пазар на нафтени деривати, но дека има решенија за сите пречки кои би можеле да се јават и оти снабдувањето на пазарот нема да биде нарушено.

„Убеден сум дека овие санкции, доколку ги има, какви и да се, не се насочени против Србија. И затоа верувам дека ќе се најде решение за да се обезбеди сигурно снабдување на домашниот пазар“, изјави Миќовиќ за РСЕ.

Изгласана интерпелација за пратеничката Илире Даути

Илире Даути, пратеничка од Европскиот фронт.
Илире Даути, пратеничка од Европскиот фронт.

Со 61 глас „за“ и 22 „против“ пратениците во Собранието изгласаа интерпелација за пратеничката, Илире Даути. Интерпелацијата за неа се однесува на функцијата претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, а ја поднесе партијата Левица.

Пратениците од Левица бараа нејзино разрешување од Комисијата бидејќи одбива да го стави на дневен ред Законот за бранители.

Поддршка за разрешување од оваа позиција дадоа пратениците од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. СДСМ не присуствуваше на седницата.

Покрај за Даути, на дневен ред на денешната собраниска седница сè уште четири интерпелации кои ги поднесе Европскиот фронт предводен од ДУИ, а се однесуваат на работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.

Интерпелацијата за Даути како прва од дневниот ред, ја образложи пратеникот Сашко Јанчев од Левица кој рече дека Даути со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочи Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата со која претседава.

Во текот на расправата беа изнесени различни ставови и обвинувања, а одговор на поднесената интерпелација даде и Илире Даути.

„Од каде и да гледате, ќе видите дека претседателката на Комисијата има право зашто ја сака вистината во целост. Таа е убедена дека ако се тргнат фрагменти од историјата, вистината останува половична, а со таква вистина не може да се гради иднина за граѓаните. Но прифаќам, и пратеничката има свои слабости. Таа е Албанка и треба да се соочи со разликите кои постојат не само во оваа институција … Таа е убедена дека за овие прашања се тргнува од човечноста и дека прво треба да бидеме луѓе, рече Даути.

Според неа, целта на оваа интерпелација била „да се демонстрација на сила и диктат кон работата на пратениците што размислуваат различно“.

Гласањето на интерпелацијата за неа, значи дека пратениците ќе треба да предложат нов претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, која според распределбата во парламентот му припаѓа на опозицискиот Европски фронт, кој би требало да предложи нов претседател на ова собраниско тело.

Ова е прва пленарна седница на Собранието во 2025 година.

За интерпелациите на Меџити, Стоилковиќ, Тошковски и Исени ќе се одлучува дополнително и за секоја ќе се дискутира и гласа поединечно. Според Деловникот, дискусијата и гласањето треба да завршат денеска до полноќ.

Законот за бранители, кој беше причина за интерпелацијата на Даути, го поднесе пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска од СДСМ. Законскиот предлог ја доби поддршката во Собранието да оди по скратена постапка. Откако Даути како претседателка на Комисијата за социјална политика, млади и демографија не го стави законот на дневен ред, претседателот на Собранието Африм Гаши во неговото образложение посочи дека нема ингеренции да назначи друг член за да се одржи седницата затоа што Даути ја свикала седница согласно роковите.

Трамп нема да оди во затвор за тајните исплати на порно актерката Даниелс

Новоизбраниот американски претседател присуствуваше на изрекувањето на пресудата преку видео врска, Њујорк, 10 јануари 2025 г.
Новоизбраниот американски претседател присуствуваше на изрекувањето на пресудата преку видео врска, Њујорк, 10 јануари 2025 г.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп нема да оди во затвор ниту ќе плати парична казна за кривичната осуда што ја доби за тајните исплати кон порно актерката Сторми Даниелс, одлучи судијата на денешното рочиште во Њујорк. Сепак, кривичната пресуда за вина ќе биде запишана во неговото досие.

Судијата Хуан Мершан со одлуката Трамп да биде ослободен го затвори случајот што е само неколку дена пред неговата инаугурацијата на 20 јануари.

Со давањето безусловно ослободување на Трамп, Мершан ја запиша пресудата за вина во неговото трајно досие без никакви други законски казни како затвор, парични глоба или условна казна.

Според законот, секое лице осудено за кривично дело во Њујорк мора да обезбеди примерок од својата ДНК за државната база на кривични дела, дури и кога пресудата е безусловно ослободување.

Трамп се изјасни за невин и најави дека ќе поднесе жалба на пресудата. Тој и неговиот адвокат преку видео врска присуствуваа на изрекувањето на пресудата. На ркраните во судница се појавија со две американски знамиња во позадина.

Во мај, Трамп беше прогласен за виновен за 34 кривични дела, откако поротата утврди дека тој лажно манипулирал со деловните досиеја за да прикрие наводна сексуална средба со порно ѕвездата Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година.

Пред да биде изречена пресудата, тој рече дека судскиот случај бил „ужасно искуство“.

Појавувајќи се виртуелно од Флорида со неговиот адвокат Тод Бланш на екраните во судницата, Трамп рече дека е невин и не направил ништо лошо.

„Тоа беше политички лов на вештерки. Тоа беше направено за да се наруши мојот углед за да ги загубам изборите и очигледно не успеа. Јас сум целосно невин, не направив ништо лошо“, рече Трамп, кој не сведочеше за време на шестнеделното судење минатата година.

Судијата Мершан можеше да го осуди 78-годишниот републиканец најмногу до четири години затвор. Наместо тоа, тој избра казна која ги заобиколи болните уставни прашања и ефикасно го заврши случајот. Сепак, судијата се погрижи Трамп да биде првата личност осудена за кривично дело што ќе ја преземе претседателската функција.

Мершан рече дека, како и со секој друг обвинет, тој мора да ги земе предвид сите отежнувачки фактори пред да ја изрече казната, но правната заштита што Трамп ќе ја има како претседател е „фактор што ги надминува сите други“.

„И покрај извонредната широчина на овие законски заштити, моќта што тие заштити ја немаат е поништување на пресудата на поротата“, рече Мершан.

Српските студенти блокираа една од клучните сообраќајници во Белград

Студенти и граѓани во блокада на клучна сообраќајница во Белград.
Студенти и граѓани во блокада на клучна сообраќајница во Белград.

Студентите на Универзитетот во Белград, кои повеќе од еден месец ги блокираат факултетите, денеска (10 јануари) на еден час ја блокираа клучката Мостар во главниот град на Србија.

Станува збор за една од најважните сообраќајници во Белград, а додека траеше блокадата сообраќајот од сите правци беше во прекин.

Студентите претходно се собраа на протестен митинг пред Палатата на правдата, каде ден претходно на распит беа двајца осомничени за нападот врз студенти на Факултетот за драмски уметности (ФДУ).

Од пред Палатата на правдата, тие тргнаа кон клучката Мостар, каде на мостот „Газела“ ги пречекаа голем број граѓани кои ги поздравија со аплауз.

Меѓу насобраните имаше и голем број наставници од основните училишта кои дојдоа да им дадат поддршка во блокадата. Според репортерката на РСЕ, за време на протестот било дозволено да поминуваат возила на брзата помош.

Насобраните демонстранти, меѓу другото, скандираа пароли како „Затвор, затвор“ и „Мостарска петља – Студентска петља“.

На студентскиот митинг пред Палатата на правдата, студентите извикуваа и: „Студентите се кренаа, студентите не молчат“, „Рацете ви се крвави“.

Како што јави репортерката на РСЕ, Палатата на правдата била празна, а на местото на настанот немало видливи униформирани полицајци.

Одговорност за лицата кои ги напаѓаа студентите за време на акциите за оддавање почит на загинатите при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад, е едно од клучните барања на студентите кои ги блокираат факултетите.

Во Палатата на правдата е сместено Вишото јавно обвинителство кое соопшти дека на 9 јануари биле сослушани две лица поради сомнение дека на 22 ноември нападнале студенти и граѓани пред Факултетот за драмски уметности (ФДУ). Како што соопшти обвинителството, тие се сослушани поради сомнение за сторено кривично дело „насилничко однесување на јавен собир или спортски настан“, а за време на распитот ги негирале обвинувањата и ја изнеле својата одбрана.

За денеска беше закажано сослушување на уште три лица, додека оштетените студенти и граѓани треба да дадат искази на 30 и 31 јануари.

По собирот пред Палатата на правдата, студенти повикаа на блокада на клучката Мостар.

Во Србија се блокирани повеќе од 60 факултети на четири државни универзитети, неколку ректорски канцеларии и десетици средни училишта.

Студентите бараат објавување на комплетната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, каде се урна настрешницата.

Меѓу барањата се и отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведените на протестите со кои се бараше кривично гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад, како и итно гонење на лицата кои тепаа студенти и професори за време на блокадите.

Владините претставници тврдат дека се исполнети сите барања и ги повикуваат студентите да ги отворат факултетите. Академиците, пак, велат дека барањата се делумно исполнети и оти ќе продолжат со блокадите.

Повеќе од 3.500 универзитетски професори во Србија ги поддржаа студентите. Тие ги осудија обидите на властите да ги заплашат студентите со, како што наведоа, јавно споделување на нивните приватни податоци, ширење невистини за нив и испраќање полициски службеници и агенти на Безбедносно-информативната агенција на нивни и на адресите на нивните родители.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 30 декември поднесе обвинение против 13 лица во врска со уривањето на настрешница на Железничката станица. Меѓу обвинетите се и поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и поранешната директорка на српската Железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ.

Во уривање на настрешница во Нови Сад на 1 ноември загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

Русија ја обвини Украина за смртоносен напад врз супермаркетот во Доњецк

Оштетен супермаркет во Доњецк, 10 јануари 2025 г.
Оштетен супермаркет во Доњецк, 10 јануари 2025 г.

Русија ја обвини Украина дека денеска (10 јануари) извршила смртоносен ракетен напад врз супермаркет во источниот украински град Донецк, кој е под контрола на Москва, откако бран руски беспилотни летала нападнаа неколку украински региони, вклучувајќи го и главниот град Киев.

Руската државна новинска агенција РИА пишува дека руските истражители го испитуваат нападот, тврдејќи дека супермаркетот бил погоден од ракета ХИМАРС што САД и ја доставиле на Украина.

Видеото кое се појави на социјалните мрежи, кое ги верификуваше и РСЕ, се чини дека покажува оти се случила голема експлозија.

Украинските власти не ги коментираа руските обвинувања.

Од друга страна, пак, украинските воздухопловни сили објавија дека Русија ја нападнала Украина со 72 беспилотни летала Шахед и тоа во регионите: Полтава, Суми, Харкив, Черкаси, Чернихив, Киев, Днепропетровск, Запорожје, Хмелницки, Винице и Херсон.

Во Киев беа забележани експлозии и искри кога одбранбените системи пресретнаа неколку дронови на небото. Не се пријавени смртни случаи, иако е забележано оштетување на станбена зграда од паднатите остатоци од дроновите, соопштија воени претставници на Киев.

Додека интензивните напади и борби продолжуваат на првите борбени линии, се чини дека се забрзуваат дипломатските напори за ставање крај на конфликтот.

Украинското Министерство за надворешни работи во петокот соопшти дека очекува Киев да одржи разговори на високо ниво со Белата куќа откако за 10 дена новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата.

„Го чекаме состанокот на нашите претседатели бидејќи најважната работа за нас е да работиме заедно со Америка … се подготвуваме за контакти на највисоко ниво веднаш по инаугурацијата“, изјави портпаролот на украинското МНР, Георгиј Тихи.

Кремљ објави дека тие се подготвени за средба со Трамп и дека е постигнат напредок во организирањето на состанок по инаугурацијата на 20 јануари.

„За ова не се потребни никакви услови, потребна е само заемна желба и политичка волја да се води дијалог и да се решат постоечките проблеми преку дијалог“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, еден ден откако Трамп изјави дека е подготвен состанок со рускиот претседател Владимир Путин, иако не даде конкретен датум.

„Гледаме дека и господинот Трамп ја изразува својата подготвеност проблемите да се решаваат преку дијалог. Го поздравуваме тоа“, рече Песков.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска (петок) престојува во Рим каде ќе се сретне со италијанските претставници. Ова доаѓа еден ден по состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина во Рамштајн, Германија.

За време на состанокот во Рамштајн беа ветени стотици милиони долари воена помош за Украина, вклучително и 500 милиони долари од Вашингтон како дел од целта на американската администрација во заминување да испрати што е можно поголема поддршка за Украина пред Трамп да се врати на функцијата.

Членовите на контакт групата рекоа дека состанокот во четврток би можел да биде последен, бидејќи судбината на групата останува нејасна во мандатот на Трамп, чии советници дадоа повеќе предлози за ставање крај на војната, кои во иднина практично би значеле предавање големи делови од украинската територија на Русија.

Обвинение за 16 лица во случајот со примање поткуп на два гранични премини

Граничен премин (фотоархива).
Граничен премин (фотоархива).

За вкупно 16 лица во предметот „Премин“ поврзан со примање мито на два гранични премини, поднесено е обвинение, информираше Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Од нив, за 14 лица е поднесен обвинителен акт, а за двајца обвинителен предлог. Станува збор за лица кои работеле на Царинските испостави „Ново Село“ и „Дојран“.

Од лицата опфатени со обвинителниот акт 13 се царински службеници (еден од нив е пензиониран) и еден полицаец. Сите се гонат за продолжено кривично дело примање поткуп, а деветмина се теретат и за злоупотреба на службената положба и овластувања, додека едно лице е обвинето и за трето кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материјали.

Двајцата цариници, пак, против кои е поднесен обвинителен предлог се гонат само за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Обвинителството тврди дека кривичните дела биле сторени во периодот од март 2023 до октомври 2024 година кога беше и отворена истрагата.

„Обвинетите од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат. Не правејќи пресметка и наплата на увозните давачки, увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на Република Северна Македонија. Притоа примениот поткуп го делеле меѓу себе“, соопштија од ОЈО ГОКК.

За 13 од обвинетите за примање поткуп обвинителството бара да им се изрече забрана за вршење на професијата. За шестмина, кои веќе се наоѓаат во притвор, се бара и продолжување на мерката.

Исто така, обвинителот предлага да се одземат парите и стоката кои биле запленети при претресите во рамки на акцијата спроведена во октомври и тоа: 51.885 евра, 663.210 денари, 4.860 швајцарски франци, 530 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.

Случајот „Премин“ го води Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција кое функционира во рамки на ОЈО ГОКК.

Во предметот беа опфатени уште две лица, но за нив постапката е запрена.

Калас: Ако има „опиплив напредок“, ЕУ ќе ги намалува санкциите кон Сирија

Каја Калас
Каја Калас

Европска Унија може постепено да ги намалува санкциите против Сирија во случај на „опиплив напредок“ од страна на новите власти, објави шефицата на европската дипломатија Каја Калас на Икс.

Таа потсети дека учествувала на состанок со претставници од Германија, Франција, Италија, САД и од Велика Британија вчера во Рим, чија цел била „координација на напорите за транзицијата во Сирија“.

„Ја повторивме потребата од инклузивна влада која ги штити сите малцинства. ЕУ може постепено да ги ублажува санкциите доколку се постигне опиплив напредок“, наведе Калас.

Министрите за надворешни работи на ЕУ на 27 јануари во Брисел ќе разговараат за намалување на санкциите кон Сирија. За тоа има поддршка од Германија и од Франција, но потребно е едногласност од земјите-членки.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро пред два дена повика на брзо укинување на санкциите кои го попречуваат примот на хуманитарна помош и обновата на земјата.

СДСМ нема да ги поддржи интерпелациите против неколкумина министри

Оливер Спасовски, пратеник на СДСМ
Оливер Спасовски, пратеник на СДСМ

СДСМ нема да ги поддржи и нема да гласа за интерпелациите за неколку министри затоа што сметаме дека нема потреба од нови поделби по етничка основа и во однос на интерпелациите, изјави денеска (10 јануари) координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.

Според него, причините за интерпелациите не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку единствено со аргументи и факти околу работата на одреден министер или функционер.

„Македонското собрание во ниту еден случај не смее да биде мета за поттикнување на било какви меѓуетнички тензии и отворање на можности за поделби помеѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински, причините за интерпелации не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку да бидат единствено со аргументи и со факти за работа на одреден министер или функционер. А, за жал аргументи и факти има колку сакате за да најдете причина за било каква интерпелација. Инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употреба на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме е за секоја осуда и претставува директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност, достоинството на Македонците и исто така и друг настан кој што се случува во смисла на сквернавење на други симболи, не одат во прилог на градење на меѓуетничките односи“, рече тој.

Од друга страна, Спасовски нагласи и наброја многу други основани причини за интерпелациите.

„Од друга страна постојат многу други основани причини за интерпелацијата, особено за министерот Тошкоски, но и за многу други министри во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Кај нас се поставува прашањето зошто ДУИ не ги опфаќа сите овие основи за интерпелации на министрите. На пример немаме ниту еден збор зошто не се преземаат мерки за она што ни се случува со нечистиот воздух и немаме ниту еден збор за скандалите на косовската граница и бегствата на Рамадани и Груби, нема ниту збор за партиската чиста во безбедносниот сектор и отпуштањето на професионалците, нема ниту збор зошто е амнестиран бодигардот на Мицкоски кој нападна полициски инспектор. Во интерпелацијата не се опфаќаат многу настани од безбедносен аспект што ни се случуваат во сите градови“, рече Спасовски посочувајќи дека сето ова говори дека намерите се поинакви и отворање на нови димензии во однос на етничките прашања.

Околу интерпелацијата за пратеничката и претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути поднесена од Левица, во однос на предлог-законот за бранители, Спасовски нагласи дека нема да биде решение на проблемот, бидејќи, според него, проблемот е Африм Гаши, затоа што кога законот не беше ставен на седница на Комисијата, претседателот не овластил друг член на Комисијата и не ја закажал седницата со точката на дневен ред.

На новинарско прашање за обвинувања меѓу СДСМ и ДУИ изминатиов период за криминал и етнички тензии, Спасовски потенцира дека тие се две различни политички партии и сосема нормално е да имаат различни ставови по одредени прашања.

Тошковски повторно го повика Груби да се врати дома и да ја докаже невиноста

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски повторно го повика поранешниот вицепремиер Артан Груби да се врати во земјава за да ја докаже својата невисност во однос на обвинувањата дека тој и поранешниот директор Перпарим Бајрами проневериле околу осум милиони евра од Државна лотарија.

„За предметните лица МВР постапи согласно своите надлежности во делот на отпочнување со една кривична постапка. Поднесене е кривична пријава до надлежното ЈО, понатаму процесот се води од стрна на јавниот обвинител. Во однос на тоа дека истите се недостапни на органите на прогон, за жал тоа е така. Но, барем еден од нив изјавуваше дека е невин и дека ова не е согласно закон постапка, која се води од државните институции. За да го докаже тоа, јас по не знам кој пат би го повикал доброволно да се врати во Македонија и при тоа пред органите надлежни за спроведување ваков тип постапки да ја докаже својата невиност заедно со неговиот партнер, кој што исто така е недостапен на органите на прогон, а постојат и тоа како основани сомневања дека истите поприлично душмански го краделе својот народ во изминатите години“, изјави Тошковски.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има нови моменти во однос на потрагата за овие две лица, Тошковски нагласи дека од надлежните институции се работи во насока на нивно откривање. Повтори дека е распишана меѓународна потерница и за двете лица.

„Доколку истиот не покаже доблест да се врати во државата која што го ранела повеќе од 40 гондини, ќе се постапи на друг начин за негово обезбедување пред надлежните институции“, рече министерот посочувајќи дека е јасно пропишана постапката за екстрадиција за одредени лица кои се недостапни на законот.

Тој при тоа одби да шпекулира каде се наоѓаат овие лица, бидејќи нема официјално потврдени информации до надлежните органи.

Министерството за внатрешни работи на 18 декември распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија, откако двете лица беа недостапни за органите на прогонот, а на кои Основниот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена.

За Груби потоа беше објавено дека со дипломатско возило на еден познат стопанственик ја напуштил земјава и се упатил кон Косово, додека поранешниот директор на Државна Лотарија веќе подолго време не бил во земјава.

Стејт департментот на Соединетите Држави на 9 декември лани, соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција. Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да влијаат на судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG