Вести
Сиљановска Давкова: Изјавата на еврокомесарката Кос звучи како бирократско мешање во внатрешните работи
Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова денеска од Подгорица, каде е во официјална посета, ја коментираше изјавата на новоизбраната еврокомесарка за проширување, Марта Кос, која се однесува на очекувањата за уставните измени во земјава.
„Имам забелешка на дикцијата на новата еврокомесарка, бидејќи кога рече – велите: ништо помалку и ништо повеќе, тоа ми личи на нешто како земи го или остави го. Тоа не е филозофија, тоа е софистицирано евромандаринство. Тоа ме плаши, бидејќи звучи како директно мешање во внатрешните работи“, истакна Сиљановска Давкова на заедничката прес-конференција со нејзиниот црногорски колега, Јаков Милатовиќ.
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос на 27 ноември изјави дека очекува Северна Македонија да ги направи потребните уставни измени и да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
„Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно и после тоа навистина да го забрзаме процесот“, нагласи Кос, пренесе МИА.
Прашана дали после направени уставни може да се дадат гаранции дека ќе нема други блокади, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање.
Таа додаде дека еден од основните принципи на Европската Унија е почитувањето на уставните и политичките структури на земјите-членки и кандидатки.
Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, новата еврокомесарка рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.
„Да се зборува, што е можно повеќе, и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија“, рече Кос.
Македонската претседателката истакна дека Северна Македонија е подготвена да направи чекори напред во процесот на уставни измени, но со одложено правно дејство.
„Ако се дозволи ветото да опстои, дури и најуспешните во чекорењето можат да се соочат со пречки на крајот“, предупреди таа.
Сиљановска Давкова нагласи дека иако ретко дава коментари на изјави од ваков тип, чувствува обврска да реагира на, како што рече, премногу бирократското перцепирање на Европската Унија.
Уставниот суд на Романија нареди пребројување на првиот круг од претседателските избори
Врховниот романски суд нареди пребројување на гласачките ливчиња во првиот круг од претседателските избори во кои екстремно десничарски кандидат имаше шокантно водство.
Уставниот суд во соопштението на 28 ноември наведе дека „едногласно наредил повторно проверка и пребројување на гласачките ливчиња за претседателските избори на 24 ноември“. Судот во Букурешт вели дека одлуката е конечна.
Централното изборно биро треба да се состане подоцна во текот на денот за да разговара за судската одлука.
Калин Георгеску, независен кандидат на проруската екстремна десница, постигна изненадувачка победа во првиот круг од изборите, собрајќи речиси 23 отсто од гласовите.
Џорџеску во вториот круг на 8 декември треба да се соочи со централно-десничарката Елена Ласкони, цврста евроатлантистка, откако и двајцата беа пред фаворитот - левичарскиот премиер Марсел Чиолаку.
Без поддршка од партија, кампањата на Џорџеску во голема мера се потпираше на платформата за социјални медиуми TikTok, каде што неговиот профил имаше 1,6 милиони лајкови и каде тој објавуваше видеа на кои присуствува во црква, се занимава со џудо, трча на патека и зборува на подкасти.
Романскиот претседател има значителни овластувања за донесување одлуки, вклучително и за прашања од националната безбедност и надворешната политика.
Избран за петгодишен мандат, претседателот може да ги отфрли и партиските кандидати за премиер и владините кандидати за назначувања во судството.
Повеќе од милион Украинци останаа без струја по последниот руски напад
Русија изврши „масовен“ напад врз инфраструктурата на Украина на 28 ноември, оставајќи повеќе од 1 милион луѓе без струја на ниски температури низ целата земја.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за „одвратна ескалација“, откако Министерството за внатрешни работи забележа штета на инфраструктурата во девет региони.
Рускиот претседател Владимир Путин тврди дека последниот напад е „одговор“ на Москва на украинските напади на руска територија со американски ракети со среден дострел ATACMS.
Говорејќи за време на патувањето во Казахстан, Путин предупреди дека идните цели на Русија може да вклучуваат „центри за одлучување“ во Киев.
Путин рече дека Русија лансирала повеќе од 90 проектили и 100 беспилотни летала во „сеопфатниот напад“ на 28 ноември и дека биле погодени 17 цели - тип на детали што претседателот ретко ги кажува.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека собориле 79 проектили и 35 беспилотни летала, додека 62 беспилотни летала се „изгубени“, што значи дека најверојатно биле срушени од електронска војна.
Сите проектили или беспилотни летала насочени кон главниот град Киев се соборени, соопштија официјални лица.
Нападот го принуди националниот оператор на електричната мрежа Укренерхо „итно да воведе итни прекини на струјата“, рече министерот за енергетика Херман Халушченко рано на 28 ноември.
„Уште еднаш, енергетскиот сектор е под масовен непријателски напад. Напади на енергетски објекти се случуваат низ Украина“, напиша Халушченко на социјалните мрежи.
Енергетскиот провајдер ДТЕК рано утрово соопшти дека се воведуваат итни прекини на струја во регионите Киев, Одеса, Днепропетровск и Доњецк.
Киев, исто така, наводно исклучил неколку нуклеарни енергетски единици од мрежата за време на нападот. Украина добива повеќе од половина од електричната енергија од нуклеарните централи.
Тоа се случува кога температурите низ Украина паднаа на околу нула Целзиусови степени.
Претходно овој месец, висок претставник на ОН, Розмари Ди Карло, предупреди дека таргетирањето на Москва врз енергетската инфраструктура на Украина може да ја направи оваа зима „најсуровата од почетокот на војната“ пред речиси три години.
Откажан Самитот на лидерите на Западен Балкан и ЕУ во Неум поради пропаднат тендер за организацијата
Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ) донесе одлука за откажување на Самитот на лидерите на Западен Балкан и на Европската унија (ЕУ), што требаше да се одржи на 4 и 5 декември во Неум, Босна и Херцеговина.
Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврди заменик-претседателот на Советот на министри на БиХ и министер за одбрана, Зукан Хелез.
„Самитот беше откажан бидејќи пропадна тендерот за организација на овој настан. Имаше една жалба против некои кои поминаа како најдобри понудувачи“, изјави Хелез за РСЕ.
Тој рече и дека „веднаш“ ќе биде објавен нов тендер за организирање на самитот и дека самитот најверојатно би можел да се одржи во јануари.
Овој дводневен настан требаше да ги собере клучните актери од регионот и од ЕУ, со цел зајакнување на соработката и дискусија за важни политички, економски и социјални прашања.
Иако се уште не е официјално потврдено, како што изјавија за РСЕ од Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, на Самитот требаше да присуствува Марта Кос, која на 1 декември ќе ја преземе функцијата комесар за проширување на Европската унија.
Тоа требаше да биде една од нејзините први официјални посети.
Истрага во Белград против 14 осомничени за шверц на кокаин во рамки на Балканскиот картел
Јавното обвинителство за организиран криминал во Белград на 28 ноември соопшти дека покренало истрага против 14 осомничени поради постоење на оснновано сомнение дека се дел од организирана криминална група, чии организатори се осомничени дека биле дел од „Балканскиот картел“ и дека биле вклучени во шверц на кокаин на меѓународно ниво.
Според обвинителството, во истрагата се вклучени Драган Никиќ, Воислав Мајсторовиќ, кој е во бегство, Борислав Плавшиќ, Срѓана Јездимир, исто така, во бегство, Младен Лазаревиќ, Младен Паповиќ, Бошко Влаовиќ, Немања Брашновиќ, (во бегство, Александар Илиќ, Драган Николиќ, Иван Цветковиќ, Милош Јовановиќ и Драган Ѓорѓевиќ (претходно презиме Сантаи).
„За тројцата осомничени кои се во бегство Мајсторовиќ, Јездимир (бидејќи не им е достапен на нашите органи) и Колаковиќ, јавниот обвинител побара од судот да биде распишана меѓународна потерница“, соопшти обвинителството.
„Осомничените се товарат дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги од член 246 ст.5 од Кривичниот законик и здружување за извршување кривични дела од 26.10.2019 година до 19.03.2021 година.од член 346, ст.5. , во врска со став 2 од Кривичниот законик“, се додава.
Обвинителството соопшти и дека на сослушувањето на јавниот обвинител за организиран криминал „осомничените не сакале да изнесат одбрана и го искористиле своето законско право и се бранеле со молчење“.
Јавниот обвинител за организиран криминал, како што е соопштено, му предложил на судијата за претходна постапка на Специјалното одделение за организиран криминал на Вишиот суд во Белград на сите лица да им се одреди мерка притвор.
Во соопштението се наведува и дека во соработка со ЕВРОПОЛ, Јавното обвинителство за организиран криминал, заедно со полициите на Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија, „успеало да ги идентификува организаторите и членовите на организирана криминална група на нејзина територија, која е осомничени дека стојат зад пратки од повеќе од половина тон кокаин кои пристигнале во Европа од Еквадор, чии организатори и членови комуницираа меѓу себе преку платформата SKY ECC“.
Поранешен британски војник виновен за шпионирање за Иран
Поранешен британски војник, чие бегство од затвор предизвика масовна потера во 2023 година, е прогласен за виновен за предавање чувствителни информации на иранската разузнавачка служба.
Обвинителите рекоа дека Даниел Абед Калифе (23) играл „цинична игра“ тврдејќи дека сака да биде двоен агент за Велика Британија, откако доставил голема количина ограничени и доверливи материјали во Иран, вклучувајќи ги и имињата на офицерите на специјалните сили.
Пресудата беше донесена во лондонскиот Крунски суд Вулвич на 28 ноември.
На почетокот на судењето, обвинителот Марк Хејвуд им кажа на поротниците дека Калифе собирал чувствителни информации помеѓу мај 2019 и јануари 2022 година.
На Калифе му се судеше за собирање информации кои би можеле да бидат корисни за непријателот, имено Иран и за добивање информации кои најверојатно ќе бидат корисни за тероризмот.
Калифе, кој беше избркан од војската откако беше обвинет, подоцна беше обвинет и за поставување лажни бомби во неговата воена касарна. Но, судот го ослободи од обвинението дека извршил измама со бомба.
Калифе излегол од затвор во Лондон во септември 2023 година додека го чекал судењето и поминал три дена во бегство.
Николоски: Бугарија да собере храброст да се одржи третиот состанок за пругата
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски ја повика бугарската страна „да се охрабри да се одржи третата средба што беше планирана за неделава за изградбата на третата фаза од пругата кон Бугарија.
Одговарајќи на прашање од пратеникот од СДСМ Митко Трајчуловски дали свесно и намерно се одолговлекува изградбата на железничкиот дел од Коридорот 8 и за давање приоритет на Коридорот 10, Николоски рече дека прво е потребна рехабилитација и реконструкција на пругата на Коридор 10.
„Тоа, според мене би бил крвотокот на Македонија, но исто така и користење на стратешката позиција. Додека тоа го правиме се работи и на Коридорот 8 кадешто има три дела“, рече Николоски.
Првиот дел од пругата Куманово-Белјаковце во должина од 31 километар најави дека ќе биде завршен до крајот на годината. За вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, посочи дека активностите се одвиваат споро и повика да постапува Обвинителството.
„Причина е изведувачот, изградени се 27,3 проценти, а рокот е октомври 2026. Го повикувам Обвинителството да истражи како е избрана компанијата Ѓулермак, дали е манипулирано со должината на шини и со начинот на монтирање и на тој начин е отфрлена конкуренцијата. За ова имам доставено и пријави до ЈО како и ревизроски извештаи, но досега не е направено ништо“, рече министерот за транспорт.
Во однос на третата фаза, соопшти дека бугарската страна побарала планираната средба за неделава да се одложи за наредната недела.
„Очекувам да соберат храброст да се одржи и третиот состанок кој беше договорен, еден имаше во Брисел, еден во Софија. Неделава требаше да е во Скопје, сега замолуваат за следната, па за следната. Нека соберат храброст нека дојдат да ја затвориме оваа тема и еднаш засекогаш ова прашање да се затвори, затоа што нашите аргумети се јасни и тие стојат - мора да се направи ревизија на цената, бидејќи е невозможно 560 милиони евра да чини изградба на пруга со електрификација, мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат до граница“, рече Николоски.
Министерот Николоски признава дека состојбата со Железница е повеќе од катастрофална, а следен горлив проблем, како што рече, е реструктуирањето на МЖ Инфраструктура и на МЖ Транспорт.
Иран ќе одржи нуклеарни преговори со три европски сили
Иран треба да се сретне со Велика Британија, Франција и Германија на разговори на 29 ноември за неговата нуклеарна програма, откако трите влади им се приклучија на Соединетите Држави во осудата кон Техеран од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Минатата недела, 35-члениот одбор на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН усвои резолуција со која се осудува Иран за неговиот недостиг на соработка за нуклеарните прашања.
Прекорот од ММАЕ минатата недела предизвика пркосен одговор од Техеран, но неговите функционери оттогаш сигнализираа подготвеност да се ангажираат со другите пред враќањето на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, чија последна администрација водеше политика на „максимален притисок“ против исламската република.
Иранскиот дипломат Маџид Тахт-Раванчи, кој е политички заменик на министерот за надворешни работи Абас Аракчи, треба да го претставува Иран во разговорите.
Тој претходно ќе се сретне со Енрике Мора, заменик-генерален секретар на одделот за надворешни работи на Европската Унија, според државната новинска агенција ИРНА.
Одборот на МААЕ на 21 ноември издаде втора резолуција со која се осудува соработката на Техеран со агенцијата по слично предупредување во јуни.
Резолуцијата на МААЕ, поднесена од Франција, Германија и Велика Британија и поддржана од Соединетите Држави, доаѓа во критичен момент кога новоизбраниот претседател Доналд Трамп се подготвува да се врати во Белата куќа во јануари.
Трамп за време на неговиот прв мандат започна кампања за „максимален притисок“ за засилени санкции врз Иран и еднострано ги повлече Соединетите Држави во 2018 година од историскиот договор од 2015 година со кој беа укнати некои санкции кон Иран во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма, за која Западот се сомнева дека е насочена кон развивање на нуклеарно оружје. Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е мирна.
Договорен прекин на огнот по насилствата во Пакистан
Постигнат е нов договор за примирје меѓу сунитските и шиитските заедници во северозападниот пакистански регион Курам, каде што повеќе од 100 луѓе загинаа, а десетици други беа повредени во нов напад на секташко насилство, соопштија локалните власти.
Доцна на 27 ноември, властите соопштија дека за да се обезбеди прекин на огнот, владините трупи ќе бидат распоредени на клучни локации во Курам, племенска област во нестабилната провинција Кибер-Пахтунхва.
„Преговорите ќе продолжат за да се обезбеди траен мир“, се вели во соопштението од кабинетот на покраинскиот министер.
Владата, исто така, вети дека ќе им плати компензација на семејствата на жртвите.
Насилството избувна на 21 ноември кога неидентификувани вооружени лица отворија оган врз конвој од околу 200 патнички возила со шиити кои патуваа низ областа Парачинар на Курам.
Десетици луѓе, вклучувајќи жени и деца, беа убиени во нападот, кој предизвика еднонеделни судири меѓу двете заедници. Регионалните власти посредуваа за седумдневно примирје на 24 ноември, но тоа не се случи.
Повеќето од околу 250 милиони жители на Пакистан се сунитски муслимани. Но, Курам има мнозинство шиитско население, а двете заедници се во судир со децении. Само од јули досега биле убиени повеќе од 200 луѓе.
Секташкото насилство во регионот често се поврзува со спорови за земјиштето.
Гаши: Собранието е подготвено за уставните измени, веднаш штом ќе има политички договор
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека измените за внесување на Бугарите во Уставот во македонскиот парламент ќе поминат многу лесно, но за да почне процедурата, се чекало политички договор.
На прашањето дали јавноста да очекува уставни измени до Нова година, Гаши рече дека сè е подготвено.
„Јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието, веднаш штом ќе има политички договор, ние сме спремни да ја почнеме процедурата. Мислам дека имаме две третини, тој процес во Собранието мислиме дека многу лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот момент“, рече претседателот на Собранието, Гаши по денешниот брифинг со новинарите.
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, вчера (27 ноември) порача дека е неопходно да има уставни измени за земјата забрзано да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија.
Владата во Скопје предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пред да направи уставни измени сака да добие гаранции дека ќе нема други условувања и вета од Бугарија во пристапниот процес кон ЕУ. Таа предлага уставните измени да се направат, но да бидат со одложено дејство, односно да стапат во сила во моментот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.
Првата меѓувладина конференција со ЕУ, Северна Македонија ја одржа на 19 јули 2022 година. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата, македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете