Достапни линкови

Вести

Опозицијата повторно го блокира влезот на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад

Опозицијата се обидува да го блокира влезот на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад втор ден по ред, 20 ноември 2024 година
Опозицијата се обидува да го блокира влезот на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад втор ден по ред, 20 ноември 2024 година

Републичките и покраинските пратеници и советниците на опозициските партии во градското собрание втор ден по ред ја блокираат зградата на судот и обвинителството во Нови Сад.

Утринава нив пред обвинителството ги пречекаа силни полициски сили. Набргу по почетокот на блокадата почна интензивно туркање со припадниците на полицијата кои ги предупредија пратениците дека ќе употребат сила доколку не се тргнат и го ослободат пристапот до судот.

Пратениците во репбличкото собрание, Срѓан Миливојевиќ, Радомир Лазовиќ и Павле Грбовиќ, успеаја да влезат во зградата на судот, а полицијата потоа застана на вратата.

Во меѓувреме реагираше и министерката за правда Маја Поповиќ, која блокадата ја оцени како „невиден притисок врз судството во историјата на Србија“.

Пратениците на опозицијата бараат Вишото јавно обвинителство да соопшти кои се осомничените за пропустите кои доведоа до пад на настрешницата и смртта на 15 лица, како судот да одлучува по жалбите на лицата кои се приведени од апсењето по протестот на 5 ноември.

Настрешницата се урна откако зградата на Железничката станица во Нови Сад беше свечено отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.

По притисокот на јавноста, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, на 5 ноември поднесе оставка.

Обвинителството во Нови Сад досега сослушало 71 лице, но засега никој не е лишен од слобода.

Во Нови Сад беа организирани неколку протести на кои граѓаните побараа кривично гонење на одговорните за трагедијата.

Американската амбасада во Киев затворена поради можен воздушен напад

Амбасадата на САД во Киев, Украина
Амбасадата на САД во Киев, Украина

Амбасадата на Соединетите Држави во Киев соопшти дека добила „конкретни информации“ за можен воздушен напад и одлучила да ги прекине работните активности на 20 ноември.

Амбасадата во соопштението ги повикува своите вработени и американските граѓани во Киев веднаш да се засолнат во случај да биде објавена тревога за воздушен напад во главниот град на Украина.

„Поради претпазливост, Амбасадата ќе биде затворена, а на вработените во Амбасадата им се наложува да се засолнат“, се вели во соопштението, без да се наведат никакви детали за можниот напад.

Предупредување за воздушен напад беше издадено за неколку украински региони, вклучително и Киев, рано на 20 ноември поради претстојните напади со руски беспилотни летала.

Денеска пресуда за велешката група за сексуална злоупотреба на дете

Крвичен суд, Скопје (илустрација)
Крвичен суд, Скопје (илустрација)

Во Основен кривичен суд Скопје денеска (20 ноември) во 13:30 часот ќе биде изречена пресудата за случајот со велешката група за сексуална злоупотреба и изготвување на порнографски материјал​ со дете-жртва.

Во јануари годинава, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го објави случајот, во кој првоосомничениот, 25-годишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закани над детето-жртва, им овозможил на останатите осомничени и на други непознати лица да вршат полови дејствија со жртвата. Овие дејствија вклучувале сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.

Според обвинителството, првоосомничениот преку апликацијата Инстаграм остварил комуникација со четиринаесетгодишното девојче и ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал, кој потоа го користел како закана за да ја присили жртвата да доаѓа на други средби.

Забавите се случувале во станови на повеќе локации во Велес, каде присуствувале повеќемина кои прво конзумирале дрога и алкохол, а потоа вршеле полови дејствија врз детето.

Обвинение беше поднесено против 15 лица, од кои двајца се спогодија со Обвинителството и добија условни казни. Од останатите 13 обвинети, 12 се во притвор, а еден е во куќен притвор. Дел од обвинетите се соочуваат со минимум тригодишни затворски казни, додека дел со минимум осум години затвор.

Нетанјаху: Хамас повеќе нема да владее со палестинската енклава

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на посетата на Газа изјави дека Хамас нема да владее со палестинската енклава по завршувањето на војната и дека Израел ги уништил воените капацитети на оваа исламистичка група.

Нетанјаху рече дека Израел не се откажал од обидот да ги лоцира 101 преостанати заложници за кои се верува дека се уште се во енклавата и понуди награда од пет милиони долари за враќање на секој од нив.

Тој, исто така, вети дека на секој што ќе му помогне на Израел да ги ослободи заложниците ќе му биде помогнато да ја напушти опколената палестинска територија.

„Секој што ќе се осмели да им наштети на нашите заложници ќе има крв на главата. Ќе ве ловиме и фатиме. Кој и да ни донесе заложник, ќе најде безбеден начин тој и неговото семејство да излезат. Изберете си, изборот е ваш, но резултатот ќе биде ист. Сите ќе ги вратиме назад“, рече израелскиот премиер Нетанјаху.

Претходната понуда од ваков карактер Хамас ја отфрли како фарса. Групата соопшти дека преостанатите заложници ќе бидат ослободени само како дел од договорот за ставање крај на војната, укинување на блокадата и обнова на Појасот Газа.

Од околу 250 луѓе киднапирани од Израел за време на масакрот на Хамас на 7 октомври 2023 година, околу 100 од нив сè уште се во Појасот Газа, иако многу од нив можеби веќе не се живи. Некои роднини на заложниците го обвинуваат Нетанјаху дека го блокирал договорот за нивно ослободување со цел да ја продолжи војната и да ја задржи својата моќ.

Нетанјаху ја посети Газа заедно со министерот за одбрана на Израел и началникот на израелската армија, каде што беше информиран за оперативните активности.

УНИЦЕФ: Детската смртност ќе се намалува, но ќе се зголемуваат ризиците во 2050 година

Кан Јунис, Појас Газа
Кан Јунис, Појас Газа

Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) денеска (20 ноември) објави извештај во кој ги испитува потенцијалните искуства на децата кои ќе растат во 2050 година, фокусирајќи се и на ризиците и на напредокот со кои може да се соочат.

Наодите, објавени на Светскиот ден на детето, даваат измешана перспектива, покажувајќи напредок во здравјето и образованието на децата, но исто така предизвикуваат загриженост за растечките предизвици предизвикани од климатските промени.

УНИЦЕФ сугерира дека, благодарение на напредокот во медицинскиот и технолошкиот напредок, стапката на детска смртност ќе продолжи да се намалува.

До 2050 година, стапката на преживување на новороденчињата се очекува да достигне 98 проценти, а речиси 99,5 отсто од децата кои ќе преживеат раѓање се предвидува да живеат над петгодишна возраст.

Извештајот открива и значајни чекори во образованието. До 2050 година, 96 отсто од децата се очекува да завршат најмалку основно образование-што е зголемување од 80 проценти на почетокот на векот.

Додека УНИЦЕФ ги наведува можните исходи врз основа на тековните трендови, тоа не се предвидувања, туку сценарија кои би можеле да се откријат во зависност од различни фактори, пишува ДПА.

УНИЦЕФ предупредува дека и покрај овие придобивки, многу деца ќе се соочат со потешки климатски услови од оние пред нив.

До 2050 година, бројот на деца изложени на екстремни топлотни бранови би можел да биде осум пати поголем отколку во 2000 година. Поплавите на реките и шумските пожари се очекува да се зголемат, со што децата во ранливите региони се изложени на поголем ризик.

Особено изложени на ризик се децата кои живеат во области без пристап до инфраструктура отпорна на клима, чиста вода или медицинска нега, соопшти УНИЦЕФ.

Илјада портрети на жртви од војната во Украина на собир на антивоени активисти во Белград

Руски антивоени активисти држат портрети на цивилни жртви од војната во Украина по повод илјада дена од почетокот на руската инвазија.
Руски антивоени активисти држат портрети на цивилни жртви од војната во Украина по повод илјада дена од почетокот на руската инвазија.

Невладиното здружение „Руско демократско општество“, составено од антивоени активисти на 19 ноември организираше собир во центарот на Белград по повод илјада дена од војната во Украина.

Активистите на ова здружение држат портрети на цивилни жртви од војната, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Илија, еден од активистите.

Не сакаше да го открие целосниот идентитет, како што рече, од безбедносни причини.

Илија наведува дека активистите поседуваат илјада портрети направени од руско-израелскиот уметник Виктор Меламед.

„Од првиот ден на војната, тој секој ден создава портрет на жртва и пишува краток текст за таа личност, нешто од неговата биографија“, изјави тој за РСЕ, додавајќи дека тие текстови ги превеле на српски и на англиски јазик.

BELGRADE SERBIA Russian anti-war activists hold portraits of civilian victims of the war in Ukraine
BELGRADE SERBIA Russian anti-war activists hold portraits of civilian victims of the war in Ukraine

Тој вели дека сакале овие луѓе „да се појават на јавниот простор на Белград, макар и на неколку минути“.

Илија вели дека во исто време оваа организација собира средства во рамки на кампањата „Енергија за живот“ за купување генератори за греење во Украина.

„Сите знаеме колку Русија веќе го оштети електроенергетскиот систем на Украина“, вели Илија.

На илјадатиот ден од целосната инвазија на Русија на Украина, беше извршен уште еден смртоносен напад од руски дрон врз станбена зграда.

Шест лица, меѓу кои и едно дете, беа убиени во Глухив како резултат на рускиот напад, а 12 лица беа повредени, меѓу кои и две деца, соопшти утрото на 19 ноември Регионалната воена управа во Суми.

Украинските власти и меѓународните организации ги оквалификуваат овие напади како воени злосторства извршени од Руската Федерација и истакнуваат дека тие биле со предумисла.

Од друга страна, Русија негира дека руската армија за време на војната во големи размери извршува целни напади врз цивилната инфраструктура на градовите и селата на Украина.

До крајот на октомври, ОН објавија дека 12.162 цивили во Украина биле потврдени мртви, а 26.919 биле ранети од почетокот на руската целосна инвазија врз Украина. Организацијата нагласи дека реалните податоци за жртвите би можеле да бидат многу поголеми.

Борел - Судбината на Украина ќе ја одреди судбината на ЕУ

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Судбината на Украина ќе ја одреди судбината на Европската унија (ЕУ), изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел на 1.000-тиот ден на руската инвазија врз Украина.

Борел ова го изјави по состанокот на министрите за одбрана на ЕУ одржан во Брисел на 19 ноември. Тој додаде дека руската нуклеарна закана е неодговорна.

„Не е првпат тие (Русите) да се закануваат со нуклеарна ескалација, што е целосно неодговорно“, рече Борел, пренесе АФП.

Високиот претставник на ЕУ пред средбата изјави дека Европејците треба да го следат примерот на САД и да дозволат напади на територијата на Русија со ракети со долг дострел, кои ги испраќаат до украинските сили.

„Се надевам дека сите земји-членки ќе ја следат американската одлука. Убеден сум дека тие (ЕУ) ќе го следат примерот на САД и ќе одобрат Украинците да го употребуваат тоа оружје за борба против Русите внатре во руската територија“, рече Борел кој претседаваше со состанокот, негов последен на крајот од неговиот мандат на чело на европската дипломатија.

Франција им испорача на Украинците ракети земја-воздух од среден дострел „Скалп“, не исклучувајќи ја можноста тие да бидат употребени на руска територија. Франција, меѓутоа, никогаш не потврди дали таквите напади веќе биле извршени, ниту колку проектили биле испорачани на Киев.

Берлин, пак, досега одбиваше да му достави на Киев ракети Таурус од германско производство, со дострел од 500 километри, поради страв од интензивирање на конфликтот со Русија.

„Ништо не е променето“ во позицијата на Германија, рече министерот за одбрана Борис Писториус на 19 ноември по неговото пристигнување во Брисел.

Борел, кој ја напушта функцијата во декември, ќе биде заменет од поранешната премиерка на Естонија Каја Калас.

Муцунски и Борел го потпишаа Договорот за безбедносно и одбранбено партнерство

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Северна Македонија потпиша Договор за партнерство за безбедност и одбрана со Европската унија, со што е прва земја од регионот на Западен Балкан што воспоставува вакво партнерство со ЕУ.

Ваков договор со ЕУ во следниот период се очекува да потпише и со Албанија, откако претходно слични спогодби Унијата склучи со Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Норвешка и Молдавија за зајакнување на европската безбедност.

Договорот меѓу Северна Македонија и ЕУ денеска во Брисел го потпишаа мнистерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Со договорот целта е заедничко справување со безбедносните предизвици, како хибридните закани, зајакнување на кибер безбедноста, борбата против тероризмот и надворешните аспекти на интегрирано гранично управување, спроведување на мисии и операции и поефикасна соработка во други области од сферата на безбедноста и одбраната.

„Партнерството воспоставува платформа за зајакнат дијалог и соработка за безбедносни и одбранбени прашања, што ја одразува решеноста на двете страни да работат заедно за да се справат со заедничките безбедносни предизвици во сè посложената глобална средина“, соопшти Европската служба за надворешни работи.

Во соопштението се посочува дека актуелната неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна на Русија против Украина ја истакнува критичната важност на единството и блиската соработка на ЕУ и со нејзините најблиски партнери.

„Северна Македонија е кандидат за членство во Европската Унија и важен и почитуван партнер на ЕУ во областа на безбедноста и одбраната. Како таква, таа е исто така активна трета земја учесник во заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ“, се вели во соопштението.

Според ЕЕАС, потписот на Договорот за партнерството за безбедност и одбрана ќе биде од корист за граѓаните и на ЕУ и на Севрна Македонија преку промовирање на мирот, стабилноста и безбедноста.

„Областите за соработка во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана редовно ќе се ревидираат за да се следи напредокот и да се осигури дека Партнерството ќе остане цврсто и најдобро се справува со предизвиците што се создаваат“, посочува ЕЕАС.

Во соопштението се потсетува и на одлуката на ЕУ од септември 2024 година за обезбедување поддршка од 13 милиони евра во рамки на Европскиот мировен фонд за Армијата на Република Северна Македонија, кој се оценува како важна пресвртница во заедничката безбедносна и одбранбена соработка.

Оваа, заедно со одлуката на Унијата од март 2023 година за зајакнување на капацитетите на вооружените сили на земјава преку подобрување и надградба на опремата на нејзиниот лесен пешадиски баталјон, според ЕЕАС, ја одразуваат благодарноста на ЕУ за целосното усогласување на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, што е нејзин многу јасен стратешки избор за иднина во блокот.

Пред потпишувањето на Договорот, на прес-конференција по завршувањето на Советот за надворешни работи, Борел истакна дека овој документ е доказ дека ЕУ е повеќе од само економска унија, туку и дека е политичка унија со одговорности во сите делови на политичкиот живот, вклучително и безбедноста и одбраната.

„Без безбедност не е можно ништо да се прави. Затоа да работиме напорно со цел да осигураме дека Европејците ќе уживаат во безбедноста. Тоа е многу ретка ситуација во светот денес, бидејќи живееме во многу понебезбеден свет отколку пред пет години“, рече Борел.

Русија вели дека Украина користела ATACMS кон воен објект во Брајанск

Илустративна фотографија: Слика обезбедена од Армијата на САД - подготовка на кран за полнење на Армискиот тактички ракетен систем (ATACMS) на артилерискиот ракетен систем со висока мобилност (HIMARS) во Квинсленд, Австралија.
Илустративна фотографија: Слика обезбедена од Армијата на САД - подготовка на кран за полнење на Армискиот тактички ракетен систем (ATACMS) на артилерискиот ракетен систем со висока мобилност (HIMARS) во Квинсленд, Австралија.

Руското Министерство за одбрана во соопштение на 19 ноември соопшти дека Украина употребила шест ракети „ATACMS“ испорачани од САД во напад врз регионот Брјанск во текот на ноќта, тврдејќи дека руските сили успеале да соборат пет од проектилите и да оштетат еден.

Според министерството, фрагменти од оштетените „ATACMS“ паднале врз воен објект, предизвикувајќи пожар кој брзо бил изгаснат. Министерството соопшти и дека нема жртви.

Неколку часа претходно, руската новинска агенција РБК цитираше информиран извор од украинската војска, кој рече дека Киев за прв пат користел ракети „ATACMS“, гаѓајќи објект во градот Карачев во руската југозападна област Брјанск, успешно оштетувајќи го објектот.

Времето на оваа операција, што се совпаѓа со 1.000-тиот ден од руската инвазија, има симболична тежина.

Демонстрирајќи го својот капацитет да возврати со прецизност и дострел, набљудувачите веруваат дека Украина се обидува да ја смени стратешката пресметка на војната, покажувајќи дека руската територија не е имуна од директни напади.

Четири белоруски семејства се соочуваат со судења за протестите во 2020 година

Алјаксандар Лукашенко владее со Белорусија од 1994 година.
Алјаксандар Лукашенко владее со Белорусија од 1994 година.

Четири години по избувнувањето на масовните протести против авторитарното владеење на Александар Лукашенко во Белорусија, продолжуваат судските процеси против оние кои излегоа на улиците.

Во судовите во Минск во моментов се водат повеќе постапки против семејства обвинети за учество во протестите во 2020 година.

На 19 ноември, на Хана, Инна и Раман Усманау, заедно со Кирил Селјазњу, ќе им се суди во окружниот суд Завод. Тие се обвинети за „активно учество во дејствија со кои грубо се нарушува јавниот ред и мир“.

Истовремено, окружниот суд Фрунзе започна постапка против Катјарина и Ихар Грамович по истото обвинение.

Понатамошни судења во кои ќе бидат вклучени семејства се закажани во наредните денови.

На 21 ноември, во случајот на двојката: Марк Куницки и Ирина Пратазанова-Куницкаја ќе има сослушувања во Окружниот суд Кастричник.

На 22 ноември, на Ана, Татјана и Андреј Вашчишин ќе им се суди во Окружниот суд Фрунзе.

Случаите произлегуваат од протестите во 2020 година кои следеа по спорните претседателски избори кои го продолжија долгогодишното владеење на Лукашенко за уште еден мандат.

Изборите беа широко осудени како фалсификат од страна на Соединетите Држави, Европската Унија и другите меѓународни актери.

Протестите, на кои се бараше оставка на Лукашенко, беа дочекани со масовни апсења, наводни мачења и насилни репресии во кои загинаа неколку луѓе.

Многу опозициски лидери остануваат во затвор или во егзил, додека Лукашенко одбива дијалог со неговите критичари. Судењата ја одразуваат тековната репресија, додека белорускиот режим продолжува со напорите да го задуши несогласувањето и да ја консолидира моќта.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG