Достапни линкови

Вести

Вучиќ му се заблагодари на Путин за рускиот гас

Србија - Рускиот претседател Владимир Путин (лево) и српскиот претседател Александар Вучиќ(десно), Белград, 17 јануари 2019 година.
Србија - Рускиот претседател Владимир Путин (лево) и српскиот претседател Александар Вучиќ(десно), Белград, 17 јануари 2019 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ разговарал со рускиот претседател Владимир Путин и му се заблагодарил што „се погрижи Русија да обезбеди доволно количества гас за Република Србија оваа зима“.

Вучиќ на својот Инстаграм профил објави дека не разговарал со Путин „речиси две и пол години“, а на 20 октомври имале „добар, отворен, долг и значаен разговор“.

Како што наведе Вучиќ во видео објавено на Инстаграм, со Путин разговарал за билатерални, економски и политички прашања.

„Изразив надеж, исто како и пред две и пол години, дека Србија нема да воведе санкции кон Руската Федерација“, рече Вучиќ.

Повод за разговорот беше одбележувањето на 80 години од ослободувањето на Белград.

Србија ја дочека руската инвазија на Украина целосно зависна од гасот од Русија.

Во меѓувреме, по примерот на многу земји од Европската Унија (ЕУ), Србија почна да работи на изнаоѓање други извори на снабдување.

Сепак, и покрај повиците од ЕУ, чиј кандидат за членство, Србија одбива да воведе санкции кон Русија, а претставниците на властите во Белград одржуваат врски со Кремљ.


Украински беспилотни летала наводно целеле на руска воена фабрика во Москва

Илустрација
Илустрација

Украина лансирала бројни беспилотни летала во Москва и западните региони на Русија со напад на индустриска зона каде што е лоциран клучен производител на оружје, еден ден откако украинските беспилотни летала наводно целеле микроелектронска постројка која е од клучно значење за руската војска.

Пријавениот напад со украинско беспилотно летало доаѓа откако на 19 октомври министрите за одбрана на Групата седум (Г7), го поддржаа „неповратниот“ пат на Украина кон членство во НАТО.

Рускиот канал Астра на Телеграм објави видео во кое наводно се гледа моментот на нападот во индустриската зона во градот Џержинск во руската област Нижни Новгород.

Во зоната се наоѓа фабриката Свердлов, државно претпријатие кое произведува експлозиви, индустриски хемикалии, детонатори и муниција. Не е јасно дали фабриката, која е санкционирана од САД, била оштетена во нападот.

Гувернерот на регионот Нижни Новгород во објава на Телеграм напиша дека нападот бил одбиен со системи за воздушна одбрана, а четворица пожарникари биле повредени од шрапнели.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле соборени 110 беспилотни летала, од кои 43 над регионот Курск, 27 над регионот Липецк, 18 над регионот Ориол, осум над регионот Нижни Новгород, шест над регионот Брјанск и еден над Московската област.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, исто така потврди дека беспилотното летало е уништено над областа Раменское во главниот град.

Украинските власти не го коментираа пријавениот напад со беспилотни летала, кој доаѓа еден ден по информациите дека украинските беспилотни летала ја погодиле микроелектронската фабрика Кремни Ел во градот Брјанск во текот на ноќта меѓу 18 и 19 октомври.

Шефот на украинскиот центар за борба против дезинформации, поручникот Андриј Коваленко го призна извештајот за нападот и изјави дека фабриката произведува микроелектроника за руските системи за воздушна одбрана „Панцир“, ракети „Искандер“, радари, системи за електронско војување и беспилотни летала.

Александар Богомаз, регионален гувернер на областа Брјанск, на 19 октомври тврдеше дека остатоците од соборениот украински дрон погодиле и предизвикале пожар во „нестанбена зграда“ во областа Брјанск.

Трет колапс на електричната мрежа во Куба за три дена

Куба
Куба

Милиони Кубанци ја поминаа ноќта во мрак додека електричната мрежа претрпе трет колапс во минатите три дена и покрај напорите на властите да го обноват снабдувањето со струја.

Националната електроенергетска мрежа првпат се прекина во петокот околу пладне, откако најголемата електрана на островот престана да работи. Мрежата повторно падна во саботата наутро, објавија државните медиуми.

Властите известија дека е постигнат одреден напредок во обновувањето на електричната енергија до вечерните часови, но потоа објавија дека мрежата повторно крахирала пред полноќ по локално време.

„Во 22 часот и 25 минути повторно целосно е исклучен националниот електроенергетски систем“, соопштија од електродистрибутивната компанија „Хавана електрик“.

Министерството за енергетика на Куба соопшти дека работи на обновување на услугата и дека имало „уште еден прекин“ во „западниот потсистем“, кој го вклучува главниот град Хавана.

Куба ја добива својата енергија од осум застарени термоелектрани, како и од седум пловечки централи изнајмени од турски компании.

Најмалку 73 лица загинале во нови напади во Газа, Израел ги оспорува бројките

Беит Лахиjа во северна Газа по нападот од минатото лето, 12 јуни 2024 година.
Беит Лахиjа во северна Газа по нападот од минатото лето, 12 јуни 2024 година.

Најмалку 73 лица, меѓу кои жени и деца, загинаа во израелски напад врз градот Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа, според властите контролирани од Хамас, организација која Соединетите Американски држави (САД) и Европската унија(ЕУ) ја означија како терористичка организација.

Десетици други се повредени, а многумина сè уште се заробени под урнатините по бомбардирањето што се случи доцна во саботата, додадоа официјални лица, пренесува Би-би-си.

Израел изјави дека ги проверува извештаите за жртви, но посочуваат дека бројките што ги објавија властите во Газа се „претерани“ и дека не се совпаѓаат со податоците со кои располага армијата.

Имаше извештаи и за борби во јужен Либан, како и во јужен Бејрут во неделата наутро, а над градот се издигна чад.

Прес-службата под контрола на Хамас известува дека бомбардирањето во Беит Лахија погодило „преполни“ станбени области, при што загинале 73 лица, соопшти Агенцијата за цивилна одбрана на Газа.

Би-Би-Си не можеше независно да ги потврди овие бројки.

Според палестинската медиумска агенција Вафа, во нападите бил уништен целиот станбен комплекс.

Војната започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени приближно 1.200 луѓе, а 251 завршија во Газа како заложници. Како одмазда, Израел вети дека ќе го уништи Хамас.

Министрите за одбрана на Г7 го поддржуваат „неповратниот пат“ на Украина кон НАТО

Италија - Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето на Самитот на Г7 во Неапол, 19 октомври 2024 година.
Италија - Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето на Самитот на Г7 во Неапол, 19 октомври 2024 година.

Министрите за одбрана од Групата седум напредни економии (Г7) ветија дека ќе го поддржат „неповратниот пат“ на Украина кон евентуалното членство во НАТО и ветија континуирана воена поддршка „на краток и долг рок“ додека Киев се бори против руската инвазија.

Лидерите на Г7, исто така, ја осудија Москва за нејзината воена агресија, како и за употреба на „хибридна војна“ и „неодговорна нуклеарна реторика“, објави редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа(РСЕ).

„Ја нагласуваме нашата намера да продолжиме да обезбедуваме помош за Украина, вклучително и воена помош на краток и долг рок“, се вели во заедничката изјава на групата Г7 по Самитот во Неапол.

„Ја поддржуваме Украина на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатланска интеграција, вклучително и членство во НАТО“, се додава во изјавата.

Италија, која претседава со Г7 во 2024 година, беше домаќин на состанокот на кој учествуваа САД, Канада, Франција, Велика Британија, Германија и Јапонија и претставници на Европската унија и на НАТО.

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеро, кој присуствуваше на настанот, „изрази благодарност за континуираната поддршка во борбата против руската агресија“, соопшти неговиот кабинет.

Од февруари 2022 година, кога испрати десетици илјади војници преку границата за да ја нападнат Украина, рускиот претседател Владимир Путин постојано навестуваше и се закануваше дека Русија е подготвена да го искористи својот нуклеарен арсенал -најголем во светот - за да се одбрани.

Црна Гора од денеска ги забрани пластичните кеси

Илустрација
Илустрација

Во Црна Гора од денеска е забранета употреба на пластични кеси и пластика за еднократна употреба, согласно Законот за управување со отпад.

Законот за управување со отпад стапи на сила на 20 април, а спроведувањето на неговите одредби беше предвидено шест месеци по неговото стапување во сила, јавија црногорските медиуми.

Покрај пластичните кеси, ќе бидат забранети и пластичните сламки, како и приборот за јадење и одредени кутии за пакување храна.

Трговците кои ќе го игнорираат законот може да бидат казнети од 1.000 до 40.000 евра. Казните за физички лица се од 500 до 2.000 евра.

Сообраќајот се одвива непречено, по суви коловози

Илустрација
Илустрација

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, соопштија од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.

Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Временска прогноза - променливо облачно со сончеви периоди

Илустрација
Илустрација

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, соопштија од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

Максималната температура ќе достигне од 15 до 21 целзиусов степен.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 21 целзиусов степен.

На Попова Шапка утрово се измерени два степени Целзиусови, во Демир Капија 14 степени.

Во Берово се измерени три степени, 6 во Крива Паланка, Крушево и Лазарополе, 7 степени во Маврови Анови, 8 Струмица, 9 Претор, 10 степени во Прилеп и Виница, 11 Тетово, Охрид и Битола, 12 степени во Штип, Куманово, Дебар и Кавадарци и 13 степени целзиусови во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Велес и Гевгелија.

Скопската Зоолошка градина ќе остане затворена 21 ден, АХВ потврди птичји грип

Северна Македонија - работник во заштитна облека во ЗОО Скопје за време на ковид-пандемијата, илустративна фотографија
Северна Македонија - работник во заштитна облека во ЗОО Скопје за време на ковид-пандемијата, илустративна фотографија

Потврден е случај на присуство на виосокопатоген сој на вирусот на птичји грип H5N1 во Зоолошката градина во Скопје(ЗОО), соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство на 19 октомври, откако претходно од ЗОО објави дека „инспектори на АХВ без налог, решение или каков било друг доказ упаднале во Зоолошка и убиле неколку десетици птици“.

Зоолошката градина 21 ден ќе биде затворена за посетители, потврдија од Агенцијата за храна и ветеринарство. ​

Резултатот за присуство на птичји грип е добиен од Факултетот за ветеринарна медицина, по лабораториско тестирање на угината гуска.

„Од страна на надлежен официјален ветеринар спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста. Извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата“, соопштија од АХВ.

Агенцијата наредила и мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел да се сузбие болеста и да се спречи нејзино ширења надвор од ЗОО.

Од Зоолошката градина пак, во објава на социјалната мрежа Фејсбук, најавија дека ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ, инспекторите и „лицата кои со оружје упаднале во ЗОО - Скопје“.

Во објавата ЗОО Скопје посочува дека „целта е да се предизвика нов измислен проблем, и да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот“.

Последните случаеви на птичји грип во Северна Македонија беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, местото Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош.

Вирусот може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина.

Дивите птици се познати како резервоари за вируси на птичји грип, главно од ниско патогени соеви.

Високопатогените соеви вирусот се патогени за живината, но како зооноза болеста може да се пренесе и на луѓето.

Досега не е докажан случај на пренос на високопатоген сој од живина на луѓе иако е повеќе години во циркулација
во земјите од ЕУ, соопштија од АХВ.

Волонтери го чистат Јабланичкото езеро по поплавите во БиХ

Босна и Херцеговина - чистење на Јабланичко езеро, 19 октомври 2024 година.
Босна и Херцеговина - чистење на Јабланичко езеро, 19 октомври 2024 година.

Околу 60 волонтери почнаа да го чистат ѓубрето од брегот на езерото Јабланица на југот на Босна и Херцеговина(БиХ).

Акцијата ја организираа еколошки активисти и локални туристички заедници по пороите и свлечиштата на почетокот на месецот, кои го преплавија езерото со отпад.

За следниот викенд е планирано чистење на Грабовичко езеро.

Во поплавите и свлечиштата што на 4 октомври го зафатија овој дел на Босна и Херцеговина, загинаа 19 лица.

Надлежните во Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина тврдат дека уривање на каменолом е причина за големиот број жртви во Долна Јабланица.

На почетокот на октомври дождот активираше бројни одрони, а најтешка беше состојбата во Долна Јабланица на југот од земјата.

Поплавите и свлечиштата уништија најмалку 230 објекти во Јабланица. Штетата е проценета на 25,6 милиони евра.

Ненадејните дождови се случиле додека жителите спиеле, а водата се кренала над покривите на куќите и остави цели села затрупани во кал.

Општината, главна туристичка дестинација лоцирана покрај реката Неретва и езерото Јабланица во Херцеговско-неретванскиот кантон, беше уништена од овие поплави.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG