Достапни линкови

Вести

МВР прави претреси за убиството во Тетово, едно лице задржано на разговор

Убиство во Тетово.
Убиство во Тетово.

Основниот суд во Тетово издаде наредна за претрес на три локации во тетовското село Гајре од каде биле земени предмети кои би можеле да користат за расчистување на убиството на 39- годишниот маж, врз кој вчера беше пукано од автомобил во Тетово, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Исто така МВР наведува дека во Полициска станица Тетово било задржано едно лице нформативен разговор во врска со убиството.

Пукањето се случи на 5 јули кога, според полициските извештаи, едно лице кое возело автомобил мерцедес пукало кон возило БМВ во кое било 39-годишното лице со иницијали Р.Т, кое од добиените повреди починало.

Убиството било пријавено дека се случило во петокот во 20:35 часот на улица „Штипска“ во Тетово во близина на угостителски објект.

Од МВР велат дека Биро за јавна безбедност (БЈБ) преземало дополнителни мерки за пронаоѓање на лицето за кое постојат основи на сомневање дека е потенцијалниот сторител.

„Целокупните дејствија се преземаат во координација со надлежното Јавно обвинителство, а во целиот случај од првиот момент се вклучени и полициски службеници од Одделот за крим полиција при БЈБ, се вели во соопштението од МВР.

По убиството бил одржан работен состанок во СВР Тетово на кој учествувало раководството на СВР Тетово, на криминалистичка полиција, на економски криминал и на полициска станица Тетово, на кој се дадени прецизни насоки за понатамошно постапување.

Јавното Обвинителство вчера информираше се дадени наредби за обдукција на убиениот, како и за обезбедување на снимки од видеонадзор, а возилото и други траги се подигнати за вештачење.

Вонредна состојба во руски Воронеж по наводен напад со украински дрон

Илустративна фотографија - Пожарникари работат на гаснење пожар по извештаи дека експлозија погодила складиште за гориво во Воронеж, Русија, на околу 460 километри јужно од Москва. 24 јуни 2023 година.
Илустративна фотографија - Пожарникари работат на гаснење пожар по извештаи дека експлозија погодила складиште за гориво во Воронеж, Русија, на околу 460 километри јужно од Москва. 24 јуни 2023 година.

Вонредна состојба беше прогласена на 7 јули во делови од руската област Воронеж во близина на границата со Украина, откако наводен напад со украинско беспилотно летало запали складиште за оружје, соопштија регионалните власти.

Регионалниот гувернер Александар Гусев изјави дека украинските беспилотни летала биле соборени од руски системи за противвоздушна одбрана и дека пожарот бил предизвикан од остатоци што паднале во текот на ноќта врз складиште за муниција во областа Подгорненски.

Видеата објавени на Телеграм наводно покажуваат најмалку еден дрон кој се упатува кон складиштето, а потоа се слуша долга серија на експлозии додека во воздухот се креваат облачи од црн чад.

Гусев рече дека засега нема извештаи за жртви. Подоцна утрото објави дека прогласил вонредна состојба во населбата каде што се наоѓа запалената депонија за оружје, без да ја именува.

Патот што води до областа беше затворен и властите почнаа да ги евакуираат жителите во центрите за привремено сместување, се вели во извештаите.

Украина, чија енергетска и цивилна инфраструктура беше десеткувана од неколкумесечните интензивни руски напади со беспилотни летала и ракети, за возврат почна да гаѓа индустриски капацитети во Русија, главно капацитети за преработка на нафта кои работат за војската.

Украинската Воена разузнавачка служба (ХУР) во порака на Телеграм од 7 јули тврди дека нејзини агенти нападнале логистички центар во Дебалцево, во делот на Доњецк, окупиран од Русија, во кој се наоѓала тенковска опрема и муниција претходниот ден.

ХУР, исто така, тврди дека е уништена комуникациска станица за електронско војување во Новолуганск, во окупираната област Луганск.

Тврдењата не можеа да бидат независно проверени.

Исто така, украинските воздухопловни сили на 7 јули соопштија дека нивните системи за противвоздушна одбрана одбиле нов руски ракетен и напад со беспилотни летала врз неколку региони претходно истиот ден.

„Непријателот нападна со две балистички ракети „Искандер-М“ и 13 беспилотни летала „Шахед“, соопшти украинското воздухопловство на Телеграм, додавајќи дека 13 беспилотни летала биле соборени во регионите Кироворад, Харкив, Суми и Полтава.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана на Телеграм објави дека неговите ракети Искандер уништиле два украински фрлачи за ракетни системи земја-воздух „Патриот“ и радарската станица „Жирафа“ во селото Јужне во областа Одеса.

Тврдењето не можеше да се потврди независно.

Протести во Израел: блокирани патишта, се бара договор за заложниците во Газа

Протести во Ерусалим 7.7.2024.
Протести во Ерусалим 7.7.2024.

Низ Израел денеска започнаа протести со цел да се изврши притисок врз израелската влада да постигне договор за заложниците кои се земени во Газа.

Демонстрантите ги блокираа патиштата и протестираа пред домовите на владините министри, објави Ројтерс.

Демонстрациите започнаа во 6:29 часот (4:29 часот по средноевропско време), исто време со нападот на 7 октомври врз Израел од страна на Хамас, кој меѓу другите САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација.

Горат гуми на автопатот Тел Авив-Ерусалим.
Горат гуми на автопатот Тел Авив-Ерусалим.

Демонстрантите излегоа на улиците, блокирајќи го сообраќајот на главните раскрсници низ земјата. Тие накратко запалија гуми на главниот автопат Тел Авив-Ерусалим пред полицијата да го расчисти патот.

Мали групи со мегафони и транспаренти демонстрираа и пред домовите на голем број министри и коалициски претставници.

"Тотален неуспех! Тотален неуспех!" извикуваше толпата пред домот на министерот за стратешки прашања Рон Дермер, член на потесниот круг на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во населбата Ор Ханер, во близина на границата со Газа, демонстрантите закачија црн балон за секој убиен во нападот и жолт балон за секој заложник што сè уште се држи во Газа.

Oгaн запален од антивладините демонстранти на протестите по повод 9 месеци од смртоносниот напад на 7 октомври, под слоганот „Израел е во застој“, во близина на Шореш, Израел, 7 јули 2024 година.
Oгaн запален од антивладините демонстранти на протестите по повод 9 месеци од смртоносниот напад на 7 октомври, под слоганот „Израел е во застој“, во близина на Шореш, Израел, 7 јули 2024 година.

Некои Израелци не се согласуваат со целите на демонстрантите и вршат притисок врз владата на премиерот Нетанјаху да го отфрли договорот и да ја продолжи борбата „додека не се исполнат сите цели на земјата“, пишува новинската агенција Ројтерс.

Напорите за обезбедување договор за заложниците меѓу Израел и Хамас во Газа по девет месеци војна добија замав во последниве денови, при што официјални лица изразија оптимизам, но рекоа дека разликите и понатаму постојат на кои двете страни инсистираат.

Здравствените власти на Хамас во Газа соопштија дека повеќе од 38.000 Палестинци се убиени во офанзивата започната како одговор на нападот на Хамас врз јужен Израел, во кој според израелските податоци загинаа околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа земени како заложници.

Кинески војници пристигнаа во Белорусија на „антитерористички вежби“

Лидерите на Белорусија и Кина Александар Лукашенко и Си Џинпинг во Пекинг, 04.12.2023.
Лидерите на Белорусија и Кина Александар Лукашенко и Си Џинпинг во Пекинг, 04.12.2023.

Кинеските војници пристигнаа во Белорусија на заедничка „антитерористичка вежба“, објави белоруското Министерство за одбрана на Телеграм.

Се вели дека маневрите ќе се одржат од 8 до 19 јули.

Заедничката обука „ќе овозможи да се постават темелите за понатамошен развој на белоруско-кинеските односи на полето на заедничка обука на војниците“, се вели во соопштението.

На 4 јули, Белорусија се приклучи на Шангајската организација за соработка (SCO), регионална група промовирана од Пекинг и Москва како алтернатива на западното влијание.

Авторитарниот лидер Александар Лукашенко го нарече влезот на Белорусија во SCO „историски“ и додаде дека „деценија и пол се борел за членство“.

Со својот познат тон, Лукашенко рече дека е неопходно да се „уништи униполарниот свет“ и да се преземе одговорност за „глобалната безбедност“ бидејќи „нарцисоидичниот, себичен Запад се покажа неспособен за тоа“.

Во последниве години, Кина презема чекори за зголемување на врските со земјите од Источна Европа и Централна Азија.

Украина соопшти дека одбила руски напади врз четири региони

Полицаец проверува место каде станбена зграда е тешко оштетена од руски воздушен напад врз Украина, Харкив. 3 јули 2024 година.
Полицаец проверува место каде станбена зграда е тешко оштетена од руски воздушен напад врз Украина, Харкив. 3 јули 2024 година.

Украинските системи за противвоздушна одбрана одбија нов руски ракетен и беспилотен напад врз неколку региони рано на 7 јули, објавија украинските воздухопловни сили.

„Непријателот нападна со две балистички ракети „Искандер-М“ и со 13 беспилотни летала „Шахед“, соопштија од воздухопловните сили на Телеграм.

Во соопштението се додава дека 13 беспилотни летала биле соборени во регионите Кироворад, Харкив, Суми и Полтава.

Одделно, руското Министерство за одбрана на Телеграм објави дека неговите ракети Искандер уништиле два украински фрлачи за ракетни системи земја-воздух Патриот и радарска станица Жирафа во селото Јужне во областа Одеса.

Тврдењето не можеше веднаш да се потврди независно.

Борел: На самитот на туркофонски земји Орбан ја претставува Унгарија, а не и ЕУ

Виктор Орбан и Жосеп Борел во Гранада, Шпанија, 06.10.2023.
Виктор Орбан и Жосеп Борел во Гранада, Шпанија, 06.10.2023.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел го „потсети“ унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој учествува на самитот на Организацијата на земји од турско говорно подрачје, дека тој на состанокот ја претставува својата земја, а не и ЕУ со која
во моментов претседава Унгарија.

Борел во соопштението нагласи дека учеството на Орбан на неформалниот самит на Организацијата на туркофонските земји во азербејџанскиот град Шуша на 5 и 6 јули е исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и таа организација.

Организацијата на земји од турско говорно подрачје е меѓународна организација која ги обединува земјите од турско говорно подрачје.

Основана е од Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Турција како Совет на туркофонски држави во 2009 година. Унгарија стана членка набљудувач во 2018 година.

Според Орбан, таа организација, блиска до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претставува важен столб на соработката Исток-Запад, изјави еден од соработниците на Орбан на мрежата Х, пишува Франс прес.

Во 2022 година, ЕУ ги отфрли изјавите на Турција за пристапување на Турската Република Северен Кипар, која ЕУ не ја признава, како членка набљудувач на таа организација.

Борел го повтори тоа во својата изјава.

„Европската унија ги отфрла обидите на Организацијата на државите што зборуваат турски да го легитимира како набљудувач сецесионистичкиот ентитет на кипарските Турци, таканаречената „Турска Република Северен Кипар“ која не е призната на меѓународно ниво“, напиша тој.

Предупредувањето уследи по сличното предупредување издадено во петокот за посетата на Орбан на Москва, во која Борел рече дека Орбан, чија земја претседава со ЕУ, не добил мандат од Унијата да ја посети Русија, нагласувајќи дека Брисел ја исклучува можноста за официјални контакти со Москва.

Неколку дена претходно, Орбан се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

Унгарија, самопрогласена „нелиберална демократија“, е казнета поради она што властите во Брисел го гледаат како пад на демократијата, при што ЕУ замрзна шест милијарди евра средства наменети за земјата.

Хамас се согласи на разговори за ослободување на израелските заложници

Момче трча со вреќа додека луѓето ги пребаруваат урнатините на урнатата зграда како последица на израелското бомбардирање во училиштето Џауни, управувано од Агенцијата за помош и работа на ОН за палестинските бегалци.
Момче трча со вреќа додека луѓето ги пребаруваат урнатините на урнатата зграда како последица на израелското бомбардирање во училиштето Џауни, управувано од Агенцијата за помош и работа на ОН за палестинските бегалци.

Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија, го прифати предлогот на САД за почеток на разговори за ослободување на израелските заложници.

Предлогот вклучува и ослободување на војници и мажи.

Предлогот доаѓа 16 дена по првата фаза од договорот со цел да се стави крај на војната во Газа, изјави висок извор на Хамас на 6 јули.

Хамас се откажа од барањето Израел прво да се обврзе на траен да го прекине огнот пред да го потпише договорот.

Хамас ќе дозволи тоа да го постигнат во текот на првата шестнеделна фаза од преговорите, изјави изворот за Ројтерс под услов да остане анонимен, бидејќи разговорите се приватни.

Топлотниот бран е закана за повеќе од 130 милиони луѓе во САД

Детали од плажата Аламеда во заливот Сан Франциско, Калифорнија, САД на 3 јули 2024 година.
Детали од плажата Аламеда во заливот Сан Франциско, Калифорнија, САД на 3 јули 2024 година.

Речиси 130 милиони луѓе ширум САД ќе се соочат со екстремно високи температури во текот на следната недела, по продолжувањето на долготрајниот топлотен бран кој веќе собори рекорди за опасно високи температури, пишува АП.

Според Националната метеоролошка служба, температурите би можеле да достигнат повеќе од 38 степени Целзиусови во делови од северозападниот дел на Тихиот Океан, средно-атлантскиот и североисточниот регион на САД, а во поголемиот дел од западот, температурите најверојатно ќе бидат од 8 до 16 степени Целзиусови над просекот за ова време од годината.

Десетици температурни рекорди низ САД би можеле да бидат срушени, што ќе поттикне милиони да побараат засолниште од топлината во центрите за ладење од Орегон, до Булхед Сити, Аризона, до Норфолк, Вирџинија.

Источниот дел на САД, исто така, се подготвува за уште повисоки температури. Балтимор и другите делови на Мериленд беа под предупредување за горештини, а температурите се очекува да достигнат до 43 Целзиусови степени.

Во петокот беше поставен нов рекорд на топлина во долината на смртта во Калифорнија, едно од најжешките места на Земјата, при што температурата достигна 52,8 степени Целзиусови.

Во Недлс, град во близина на државната граница на Калифорнија со Аризона и Невада, е забележана температура од 50 степени Целзиусови, со што е соборен рекордот поставен во 2007 година кога биле регистрирани 49,4 степени Целзиусови. Во Палм Спрингс, Калифорнија, живата во термометарот покажа 51,1 степени.

Рекордна температура е забележана и во Феникс во американската сојузна држава Аризона, каде се измерени 47,7 степени Целзиусови и каде до среда се предвидуваат највисоки температури над 46 степени.

Округот Марикопа во Аризона, кој го опфаќа градот Феникс, имаше најмалку 13 потврдени смртни случаи поврзани со топлина оваа година, заедно со повеќе од 160 други сомнителни смртни случаи кои сè уште се под истрага, соопштија локалните власти.

Новиот британски премиер ја поништи одлуката за депортирање мигранти во Руанда

Премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер
Премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер

Новиот премиер на Обединетото Кралство Кир Стармер изјави дека контроверзната мерка за депортирање мигранти и баратели на работа, воведена од претходната конзервативна влада е „мртва и закопана“.

Конзервативците на поранешниот премиер Риши Сунак објавија план вреден повеќе милиони фунти за испраќање мигранти и баратели на азил во Руанда.

Сунак и неговите министри најавија дека првите депортации во таа африканска земја ќе започнат во јули.

Новиот лабуристички премиер рече дека „не е подготвен да ги продолжи овие трикови“ и потврди дека мерката се укинува, пишува Ројтерс.

Лабуристите уште пред изборите ветија дека ќе се откажат од планот „на првиот ден“ по преземањето на власта.

На првата прес-конференција откако влезе во Даунинг стрит, Стармер рече дека „планот за Руанда е мртов и закопан уште пред да започне“.

„Погледнете ги бројките на оние кои дојдоа во првите шест и пол месеци од оваа година, тие се рекордни, тоа е проблем што го наследивме“, посочи Стармер и додаде дека мерката со Руанда не може да биде решение за тоа прашање. .

Тој најави дека ќе го намали бројот на пристигнувања во Обединетото Кралство со ангажирање специјални истражители и капацитети за борба против тероризмот за да ги запрат криминалните групи кои стојат зад приливот на мигранти на островот.

Како точно ќе функционира и колку ќе чини откажувањето од планот со Руанда се уште не е јасно.

Претседателот на Руанда, Пол Кагаме, претходно оваа година навести дека британските даночни обврзници ќе мора да го надоместат пропаѓањето на договорот.

Портпаролката на Кагаме, Јоланд Маколо, подоцна изјави дека Руанда „нема обврска“ да ги врати средствата, но доколку Лондон го побара тоа „ќе го разгледаат“, но само мал дел од вкупната сума.

Делегација предводена од Мицкоски на НАТО Самитот во Вашингтон

Премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски.
Премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски.

Делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на 6 јули отпатува за САД, каде ќе учествува на НАТО Самитот во Вашингтон.

Дел од делегацијата со Мицкоски се министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Инаку, Алијансата во Вашингтон ќе одбележи 75 години од формирањето.

Муцунски, во видео објавено на својот Фејсбук порача дека настанот е прилика да го „демонстрираме единството на сите сојузници и заемни заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка“.

„Во оваа прилика упатувам благодарност до нашите стратешки партнери за организацијата на овој историски самит, на кој Алијансата одбележува 75 години постоење. Настанот е одлична прилика да го демонстрираме единството на сите сојузници и заемни заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка“, рече Муцунски.

Тој додаде дека и понатаму земјата ќе продолжи да биде кредибилен НАТО сојузник, со повеќе од 2% од БДП инвестиции во одбраната како и дека со поддршката која ја земјата ја дава на Украина, порача Муцунски.

Лидерите на НАТО ќе се сретнат во Вашингтон од 9 до 11 јули.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG