Достапни линкови

Вести

Русија тврди дека уништила пет украински борбени авиони

Борбени авиони Ф-16 (фотоархива)
Борбени авиони Ф-16 (фотоархива)

Руското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека уништило пет украински борбени авиони од типот СУ-27 и оштетило уште два други на аеродромот „Мирхород“ во областа Полтава во Украина.

Уништувањето руските сили, како што соопштија, се направило со ракетите „Искандер-М“.

Министерството објави и видео од нападот, на кое се гледа како чад и оган се издигаат од аеродромот.

„Како резултат на рускиот напад, уништени се пет активни повеќенаменски борбени авиони СУ-27, а два се оштетени“, пишува во Министерството, пренесува Ројтерс.

Русија ги напаѓа украинските аеродроми токму во моментот кога Киев се подготвува да ги прими првите американски авиони Ф-16, кои Москва вели дека ќе ги уништи.

Портпаролот на украинските воздухопловни сили рече дека нападите предизвикуваат „одредени тешкотии“, но нема ниту да ја загрозат испораката на Ф-16 ниту нивната употреба во борбите со руските сили.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на неговата земја и требаат повеќе системи за противвоздушна одбрана од нејзините сојузници.

„Има начини да се надмине секојдневниот руски терор од кој страдаат украинските градови. За тоа е потребно да се уништат руските терористи, како и да се зголеми бројот на модерни системи за противвоздушна одбрана во Украина“, рече Зеленски.

Русија ги засили воздушните напади оваа година во обид да ги исцрпи ресурсите на Украина. Нападите често се насочени кон енергетските објекти и друга витална инфраструктура.

Украинските власти тврдат дека половина од националниот електроенергетски систем е оштетен од руските напади.

Вучиќ со заменикот на Лавров: Односите меѓу двете земји се „многу добри“

Српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко, 2 јули 2024 година
Српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко, 2 јули 2024 година

Српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко ги оценија односите меѓу Србија и Русија како „многу добри“.

Вучиќ објави фотографија од заедничката средба на инстаграм и напиша дека особено и се заблагодарува на Русија за поддршката на територијалниот интегритет на Србија, како и за Резолуцијата на ОН за Сребреница.

За време на усвојувањето на Резолуцијата за Сребреница во Собранието на ОН во мај, Русија гласаше против документот со кој 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и повикува на крај на негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници. Србија лобираше против усвојувањето на таа резолуција.

Белград има поддршка од Москва и во одбивањето да ја признае независноста на Косово.

Освен политичка, двете земји развиваат и воена и економска соработка.

Грушко претходниот ден во Белград се сретна и со министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, со кого разговарал за актуелни безбедносни прашања и ја изразил потребата од континуирана координација на надлежните безбедносни институции, соопшти МВР.

Во разговорот Дачиќ истакна дека безбедноста на сите граѓани на Србија, како и на сите дипломатско-конзуларни претставништва во земјата е приоритет на работата на МВР и дека Србија ќе ја обезбеди нивната безбедност.

Исто така, заменик-министерот за надворешни работи на Русија во првиот ден од посетата на Србија се сретна со вицепремиерот на Србија и поранешен шеф на разузнавачката агенција Александар Вулин, кој се наоѓа на листата на санкции на Соединетите Држави поради неговата односи со Москва.

„Вулин и Грушко се согласија дека соработката меѓу двете земји, која се заснова на пријателство и меѓусебно почитување, е на исклучително ниво во сите области и ја истакнаа посветеноста за натамошен развој на политичката, безбедносната и економската соработка“, соопштија во соопштението од канцеларијата на Вулин.

Црвеното ниво за безбедност во Србија ќе биде на сила уште неколку денови

илустрација
илустрација

Црвеното ниво на безбедност во Србија ќе продолжи уште некое време и сите безбедносни служби во државата работат на откривање на верските екстремистички ќелии, изјави денеска (2 јули) српскиот премиер Милош Вучевиќ.

Во изјава за медиуми тој додаде дека на целата територија на Србија, полицијата и БИА (Безбедносно информативна агенција) спроведуваат акција за уништување на сите екстремистички ќелии.

„Тие спроведуваат понатамошни дејствија за разбивање на сите оние ќелии на екстремни верски организации кои ја злоупотребуваат религијата и верата заради постигнување одредени екстремни политички и терористички цели. Тие активности се вршат на територијата на цела Република Србија, освен во Косово и Метохија, и нагласувам дека тие активности не се насочени против ниту една етничка или верска група“, нагласи Вучевиќ.

Тој им порача на припадниците на муслиманската вероисповед да не се чувствуваат загрозени и ги замоли сите кои не припаѓаат на таа вероисповед да не ги гледаат своите соседи и сонародници како опасност.

„Црвеното ниво на опасност ќе трае уште неколку дена и затоа е важно да не се даваат непримерни изјави на Бошњаците, бидејќи ова не е лов на нив, ова е борба против тероризмот. Ова не е напад на државата, но ова е напад на наш граѓанин врз полицаец од нашата држава. Мислам дека ова е изолиран случај, но не можам да гарантирам дека ова нема да поттикне некој друг“, рече Вучевиќ.

Пред неколку дена, лице од Младеновац, со верско име Салахудин, кој се преселил да живее во Нови Пазар, застрела припадник на српската Жандармерија на безбедносна должност во израелската амбасада. Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека нападот врз припадникот на Жандармеријата се третира како акт на тероризам.

Орбан во прва посета на Украина од почетокот на војната

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и украинскиот претседател Володомир Зеленски, Киев, 2 јули 2024 година
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и украинскиот претседател Володомир Зеленски, Киев, 2 јули 2024 година

Унгарскиот премиер Виктор Орбан e во прва официјална посета на Украина откако Русија ја нападна земјата пред повеќе од две години.

Орбан, кој од сите европски лидери има најтопли односи со рускиот претседател Владимир Путин, дојде еден ден откако Унгарија го презеде ротирачкото шестмесечно претседавање со Советот на ЕУ. Тоа е и негова прва посета на Киев по повеќе од една деценија.

„Целта на унгарското претседателство (со Советот на ЕУ) е да придонесе за решавање на предизвиците со кои се соочува Европската Унија. Затоа моето прво патување беше во Киев“, напиша Орбан на Фејсбук под фотографијата на која се ракува со Зеленски.

Портпаролот на Орбан, Берталан Хаваси, за Ројтерс изјави дека двајцата водачи ќе разговараат за билатералните односи, велејќи дека „најважната тема на разговор е шансата да се создаде мир“. Повеќе детали не даде.

Зеленски и Орбан се очекува да дадат изјави за новинарите подоцна во вторник.

Орбан е водечки критичар на западната воена помош за Киев и еден од ретките западни лидери кои се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин од почетокот на неговата агресија против Украина.

Унгарскиот премиер се смета за најблизок сојузник на Путин меѓу лидерите на ЕУ и често се спротивставува на иницијативите на ЕУ за поддршка на Украина во одбраната од руската агресија. Минатата година Орбан му кажа на Путин дека Унгарија никогаш не сака да се соочи со Русија.

На почетокот на 2024 година, на лидерите на ЕУ им беа потребни недели да го поништат ветото на унгарскиот премиер и да дадат нова помош од 50 милијарди евра за Украина.

Националистичкиот унгарски лидер, кој е на власт од 2010 година, исто така го осуди потегот на Брисел да отвори официјални преговори за членство со Украина, иако се воздржа од вето на одлуката.

Заладени односи

Унгарија отворено се противи на санкциите против Русија, иако досега само се обидуваше да ги суспендира мерките на ЕУ, а не и директно да ги блокира.

Зеленски во понеделникот рече дека сака Унгарија да биде „ефикасна во промовирањето на нашите заеднички европски вредности, цели и интереси“.

„Како што напредува на својот пат кон ЕУ, Украина е подготвена да придонесе во тие напори и да ја зајакне нашата Европа“, рече Зеленски.

Иако ја дели границата со Украина, Унгарија, исто така, прими значително помалку бегалци од повеќето членки на ЕУ.

Односите меѓу Орбан и Зеленски се ладни од почетокот на војната.

Откако доби нов мандат на изборите во април 2022 година, Орбан рече дека украинскиот лидер бил „противник“ што успеал да го победи во кампањата.

Зеленски лично го повика Орбан за недостиг на поддршка за Киев во деновите по инвазијата на Русија, но позицијата на Будимпешта се чини дека се зацврсти за време на војната, која сега е трета година.

Во декември, на инаугурацијата на аргентинскиот претседател Хавиер Мајли, Зеленски побара да има „искрен“ разговор со унгарскиот лидер. На видеата кои кружат на интернет се гледа како тие тензично разговараат, додека Орбан стои со грб кон ѕидот, а Зеленски стои пред него.

Унгарија има огромно влијание врз западната поддршка за Украина со оглед на нејзиното членство во ЕУ и НАТО, што и дава можност да ги спречи, одложи, намали или целосно да ги блокира иницијативите и финансирањето за поддршка на Киев.

Тензиите меѓу Киев и Будимпешта започнаа пред руската инвазија поради унгарското незадоволство од политиката на украинскиот јазик. Повеќе од 100.000 етнички Унгарци живеат во Украина, повеќето од нив во западниот регион Закарпатија, кој беше дел од Унгарија до крајот на Првата светска војна.

Израелските сили го бомбардираа јужниот дел на Газа, илјадници ги напуштија домовите

Појас Газа
Појас Газа

Израелските сили во вторник (2 јули) започнаа смртоносни напади во јужниот дел на Појасот Газа, додека армијата повторно им нареди на Палестинците да ги напуштат областите во близина на границата на опколената крајбрежна територија со Израел и Египет.

Осум Палестинци беа убиени, а десетици ранети кога израелските сили бомбардираа неколку области на Кан Јунис и Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, соопштија здравствените власти, додека илјадници луѓе ги напуштаа своите домови.

Очевидци известуваат за интензивно бомбардирање и гранатирање околу Кан Јунис, од кој израелските сили се повлекоа на почетокот на април по разорната повеќемесечна битка.

Израелската армија им нареди на жителите на неколку градови и села во источниот дел на Кан Јунис да ги напуштат своите домови во понеделникот, пред тенковите повторно да влезат во областа што армијата ја напушти пред неколку недели.

Околу илјадници лица кои не го послушаа повикот беа принудени да ги напуштат своите домови во текот на ноќта, додека израелските тенкови и авиони ги бомбардираа областите наведени во наредбите за евакуација, според медиумите од Хамас, кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација.

Израелската армија соопшти дека нејзините сили нападнале области во Кан Јунис од каде во понеделникот биле истрелани околу 20 ракети. Целите вклучуваат складишта за оружје и оперативни центри, додаде војската.

Војската соопшти дека пред нападот биле преземени мерки за да се осигура дека цивилите нема да бидат повредени, дозволувајќи им да ја евакуираат областа. Војската го обвини Хамас дека ја користи цивилната инфраструктура и населението како жив штит, што радикалната група го негира.

Исламски џихад, група сојузник на Хамас, ја презеде одговорноста за ракетниот истрел, за кој рече дека е одговор на „злосторствата на ционистичкиот непријател врз нашиот палестински народ“.

Војната во Газа започна кога борците предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи 1200 луѓе и зедоа околу 250 заложници, според израелските податоци. Во офанзивата што ја започна Израел како одмазда загинаа речиси 38 000 луѓе, според Министерството за здравство во Газа кое го контролира Хамас.

Деспотовски си поднесе оставка, не е веќе директор на ТИРЗ

 Јован Деспотовски
Јован Деспотовски

Јован Деспотовски денеска (2 јули) поднесе оставка од функцијата директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).

Тој вели дека за оваа одлука немал никаков притисок од политичкиот опонент.

„Имам мандат до декември, но има нова политичка реалност. Ова што кулминираше деновиве, бара мој целосен ангажман“, рече Деспотовски на брифинг со новинарите на кој ги соопшти бројките од сработеното во ТИРЗ за време на неговиот мандат.

Деновиве тој беше ангажиран со партиските избори во СДСМ, како кандидат за претседател на партијата. За претседател беше избран поранешниот министер за здравство, Венко Филипче.

Деспотовски не сакаше да ги коментира резултатите, но по изборите рече дека не се радува за СДСМ.

Си Џинпинг во посета на Казахстан

Кинескиот претседател Си Џинпинг
Кинескиот претседател Си Џинпинг

Кинескиот претседател Си Џинпинг во вторник (2 јули) пристигна во официјална посета на Казахстан, при што ќе присуствува и на состанокот на Шангајската организација за соработка во Астана.

Деветчлената Шангајска организација за соработка, која покрива огромен дел од светот од Москва до Пекинг, вклучува околу половина од светското население.

Нејзини постојани членки се Казахстан, Индија, Кина, Киргистан, Пакистан, Русија, Таџикистан, Узбекистан и од минатата година Иран.

Се очекува оваа година да се приклучи и Белорусија, откако на самитот на Шангајската организација за соработка во 2023 година и беше кажано дека ќе стане членка.

„Кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна овде во вторник, на 24-тиот состанок на Советот на шефови на држави на Шангајската организација за соработка и државна посета на Казахстан“, објави кинеската државна новинска агенција Ксинхуа од Астана.

Кинеската државна телевизија CCTV соопшти дека авионот на Си бил придружуван од два казахстански борбени авиони кога влегол во воздушниот простор на земјата. Ксинхуа објави дека Си е придружуван од Каи Чи, висок функционер на кинеската Комунистичка партија и министерот за надворешни работи Ванг Ји.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи Мао Нинг во понеделникот рече дека Пекинг верува дека самитот на Шангајската организација за соработка „ќе помогне да се изгради поголем консензус меѓу сите страни и ќе придонесе за подобрување на безбедноста, стабилноста и развојот на земјите-членки“ како и дека ќе унапреди „траен мир и заеднички просперитет во светот".

За време на неговата петта посета на Казахстан, Си ќе разговара со претседателот Касим-Жомарт Токаев „за билатералните односи, соработката во клучните области и регионалната и меѓународната средина“, рече Мао.

Потоа тој ќе отпатува во Таџикистан во неговата втора државна посета на западниот сосед на Кина, каде што ќе „направи нови планови за раст на кинеско-таџикистанските односи“ со претседателот Емомали Рахмон, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи.

Пекинг ги засили дипломатските напори во Централна Азија, а Си повика на продлабочување на економските врски за време на самитот чиј домаќин беше Кина минатиот мај, а на кој присуствуваа лидерите на неколку земји во регионот.

Централна Азија е виталната врска во големиот меѓународен кинески инфраструктурен проект „Појас и пат“.

Пекинг се обиде да ја пополни празнината во регионот создадена со инвазијата на Москва на Украина во 2022 година, бидејќи поранешните советски држави се загрижени за сè повоинствената Русија.

По состанокот во Астана, Кина ќе го преземе ротирачкото претседавање со Шангајската организација за соработка во периодот 2024-2025 година.

Новата холандска Влада ќе положи заклетва

Дик Шуф, премиер на Холандија
Дик Шуф, премиер на Холандија

Новата холандска Влада денеска (2 јули) ќе положи заклетва повеќе од седум месеци по изборите. Кабинетот на чело со Дик Шуф ќе стапи на должност, а министрите и државните секретари ќе положат заклетва пред кралот Вилем-Александар во палатата Хуис тен Бош, пишува „НЛ Тајмс“.

Членовите на новата влада веднаш потоа ќе се соберат на владина седница.

Тие треба да почнат да работат во наредните недели за да ги спроведат договорите постигнати во коалицискиот договор на Партијата на слободата, Партијата на десниот центар на премиерот во заминување Марк Руте, Центристичката партија и Протестната партија на земјоделците.

Во новиот кабинет има малку луѓе со искуство во државна администрација. Во владата претходно беа државната секретарка Оли Мариел Пол од Партијата на десниот центар и вицепремиерката Мона Кејзер од Протестната партија на земјоделците. Сепак, огромното мнозинство членови на владата доаѓаат од политички кругови и покрај претходните планови околу половина од новите министри да бидат надвор од светот на политиката.

Подоцна денеска, ресори во различни министерства ќе бидат доделени на нови министри. Дик Шуф го наследи Марк Руте, кој пак е назначен за нов генерален секретар на НАТО.

ДЗР: Државата нема стратешки документ за борба против „одливот на мозоци“

илустрација
илустрација

Aктивностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата, се наведува во конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената ревизија на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри.

Целта на ревизијата, појаснуваат во соопштението од ДЗР, бил да се даде одговор на прашањето „Дали Владата на Република Северна Македонија ги испланирала, имплементирала и мониторирала мерките и активностите од Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020, на начин кој би можел да придонесе да се спречи одливот на високообразовани кадри?’’

Како што стои во извештајот, согласно добиените податоци од меѓународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани коишто престојуваат во странство се зголемува со забележителна стапка. Оваа тенденција, се подвлекува во соопштението од ДЗР, искажува сериозни предизвици за државата, вклучувајќи го одливот на високообразовни кадри и потенцијалните ефекти врз економијата и друштвото во целост.

„Сепак, во контекст на овие предизвици, недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовни кадри во државата уште повеќе ја зголемува загриженоста. По истекувањето на периодот на важност на Националната Стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри. Од страна на Владата усвоена е Резолуција за миграциона политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство на лицата со високо ниво на образование, но за истата не е воспоставен мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите, а воедно усвојувањето на нови стратешки документи се врши без претходно оценување и евалуација на резултатите“, стои во извештајот.

Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на македонски граѓани кои заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7861 лице. Податоците на ДЗС за образовната структура на лицата кои ја напуштиле државата покажуваат дека во периодот 2015-2022 година од земјата емигрирале вкупно 719 високообразовани лица.

Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Република Северна Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, РСМ е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.

Иако со усвојувањето на Стратегијата и Акцискиот план за 2013/2014 година беа дефинирани цели, мерки и активности за намалување на емиграцијата на високообразовни кадри, со извршената ревизија утврден е низок степен на нивна имплементација. Ваквата состојба, според ДЗР, се должи на недоволна координација меѓу институциите и носителите на мерки, како и на не формирана работна група во рамките на Министерството за образование, која треба да воспостави национален систем за полесно следење и управување со движењето на високообразовани поединци од земјата.

Американските бази во Европа се подготвуваат за потенцијален терористички напад

Логото на Европската команда на САД (EUCOM) во нејзиното седиште во Штутгарт
Логото на Европската команда на САД (EUCOM) во нејзиното седиште во Штутгарт

Американските воени бази и персонал ширум Европа се во зголемена готовност, откако новите разузнавачки служби предупредија за можен терористички напад, пишува Гласот на Америка.

Официјален претставник на американската одбрана за Гласот на Америка потврди дека мерките во воените објекти низ американската европска команда (ЕУКОМ) се подигнати на ниво на заштита „Чарли“, што значи дека е можен напад.

Службеникот не даде повеќе детали, иако претставници на антитероризмот од неколку земји предупредија на зголемена закана, од која некои се поврзани со претстојните Летни олимписки игри во Париз.

Во соопштението на ЕУКОМ се наведува дека зголемените безбедносни мерки се резултат на комбинација на фактори.

„Зголемената будност не е поврзана со некоја конкретна закана, туку е резултат на комбинација на фактори како што се тековните и претстојните големи јавни собири, како што се Еврокупот и Олимписките игри, со зголемена закана од напади врз невоени цели во Европа“, се вели во соопштението.

ЕУКОМ го советува персоналот во европските градови да биде постојано внимателен, да пријават сомнителни активности, да ги следат најавите за патување на Стејт департментот и да не се изложуваат на ризик.

Официјален претставник на одбраната рече дека војската презема дополнителни чекори за да се осигури дека американските сили се внимателни и кога се на должност и кога се надвор од должност.

Извештајот на фирмата за сајбер безбедност Recorded Future предупреди дека и покрај високиот ризик од сајбер напади, најголемата закана за Олимпијадата во Париз останува можноста од терористички напади.

Француските власти веќе открија најмалку два одвоени терористички заговори. Во еден од случаите, 18-годишно лице беше обвинето дека планирал напад во име на таканаречената „Исламска држава“ на еден од стадионите кои служат како олимписки терен.

Највисоките американски претставници за борба против тероризмот, исто така, признаа дека Исламската држава, позната како ИСИС, добива на сила во последните месеци. Најголема загриженост е авганистанскиот огранок на групата, познат како ИД-Хорасан.

ИД-Хорасан ја презеде одговорноста за нападот на комеморацијата во Керман, Иран во јануари, во кој загинаа околу 90 луѓе, како и за нападот врз концертната сала во Москва во кој загинаа повеќе од 140 луѓе.

Американските претставници за борба против тероризмот, исто така, изразија загриженост дека ИД-Хорасан станал повешт во користењето на транснационалните криминални мрежи и синџирите за шверц на луѓе, како и во испраќањето на своите оперативци во САД.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG