Достапни линкови

Вести

Конвој со странски дипломати нагази на мина во Пакистан

Полициско возило беше цел на бомба покрај пат во Сват, северозападен Пакистан, на 22 септември 2024 година, при што загина еден полицаец и повредени тројца други, Моин Фајаз, изјави портпаролот на локалната полиција за Радио Машаал.
Полициско возило беше цел на бомба покрај пат во Сват, северозападен Пакистан, на 22 септември 2024 година, при што загина еден полицаец и повредени тројца други, Моин Фајаз, изјави портпаролот на локалната полиција за Радио Машаал.

Странските дипломати, вклучително и еден од Босна и Херцеговина (БиХ), се безбедни откако конвојот со возила во кој се наоѓаа нагази на мина во Пакистан на 22 септември, според новинарите на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Пакистан.

Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина засега нема никакви информации, велат од тоа министерство на прашање на РСЕ.

Во експлозијата на бомбата загинал полицаец кој бил задолжен за обезбедување на странски дипломати, а уште тројца се ранети, соопшти полицијата.

Полициско возило кое ги придружувало дипломатите до туристичкото место Малам Џаба во областа Сват, северозападен Пакистан, можеби нагазило на нагазна мина.

Во конвојот имало 12 дипломати од БиХ, Русија, Виетнам, Етиопија, Руанда, Зимбабве, Индонезија, Узбекистан, Туркменистан, Казахстан и Португалија.

Портпаролот на окружната полиција Моин Фајаз изјави за Радио Машал дека врз основа на првичната истрага, се чини дека бомбата била закопана покрај патот, но рече дека истрагата се уште е во тек.

Претставници на полицијата велат дека по инцидентот, странските амбасадори безбедно се вратиле во градот Мингор и дека патувањето до Мулам Џаба е откажано.

Спасувачките службеници и локални жители велат дека повредените војници се префрлени во болницата Сиду Шариф.

Се уште никој не ја презел одговорноста за нападот врз полициското возило.

Сепак, портпаролот на полицијата Моин Фајаз рече дека е во тек операција за пребарување на милитантите во областа.

Пакистанските антитерористички сили одржуваат силно присуство во долината Сват, која долго време беше епицентар на исламистичките милитантни бунтови. Милитантите ги засилија своите напади од крајот на 2022 година, откако го прекршија примирјето со владата.

Земјотрес во централна БиХ, 4,4 степени според Рихтеровата скала

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала е регистриран на 22 септември во 14 часот и 23 минути во централниот дел на Босна и Херцеговина, а бил почувствуван и во Хрватска.

Засега нема информации за штети или повредени лица.

Уредите на Центарот за сеизмологија на Сојузниот хидрометеролошки завод во Сараево регистрираа земјотрес во 14 часот и 23 минути во областа на општина Теслиќ во Република Српска.

Тие наведоа дека јачината на земјотресот во хипоцентарот бил 4,4 степени според Рихтеровата скала, а интензитетот во епицентарот бил 6 степени според Меркалиевата скала.

Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар соопшти дека земјотресот бил со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала со епицентар на 39 километри северозападно од Зеница на длабочина од десет километри и 29 километри североисточно од Кнежево.

Украина соопшти дека уништила 71 од 80 дронови на Русија во текот на ноќта

Украински полицаец стои до уништен автомобил по ракетниот напад во Харкив доцна на 21 септември 2024 година.
Украински полицаец стои до уништен автомобил по ракетниот напад во Харкив доцна на 21 септември 2024 година.

Украинските воздухопловни сили на 22 септември известија дека системите за противвоздушна одбрана собориле 71 од 80 руски беспилотни летала лансирани во текот на ноќта.

Се наведува дека уште шест беспилотни летала биле неутрализирани со електронска војна.

Воздухопловните сили, исто така, соопштија дека Русија лансирала две наведувани ракети од окупираните делови на украинскиот регион Луганск.

Не е наведено што се случило со проектилите.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека единиците за противвоздушна одбрана уништиле 15 беспилотни летала што Украина ги лансирала во текот на ноќта.

Доцна на 21 септември, градоначалникот Ихор Терехов рече дека одекнале експлозии во Харкив - вториот по големина град во Украина, со наведувана бомба која погодила станбена висококатница, при што биле повредени најмалку 12 луѓе.

Бројот на жртви во Газа од почетокот на војната надмина 41 илјада

Палестинци ја проверуваат штетата на местото на израелски напад врз училиште во кое биле сместени раселени Палестинци во населбата Зајтун во градот Газа на 21 септември 2024 година.
Палестинци ја проверуваат штетата на местото на израелски напад врз училиште во кое биле сместени раселени Палестинци во населбата Зајтун во градот Газа на 21 септември 2024 година.

Министерството за здравство, кое го води милитантната организација Хамас во Појасот Газа, соопшти дека од почетокот на војната со Израел, која трае речиси една година, на територијата на Газа се убиени 41.431 лице.

Најмалку 40 лица загинаа во изминатите 24 часа, соопшти Министерството на 22 септември, додавајќи дека од 7 октомври минатата година во Појасот Газа биле ранети 95.818 лица, пренесе Франс прес.

Седум лица загинаа утрово во израелски воздушен напад врз училиште во северниот дел на Појасот Газа.

Нападот се случи еден ден откако 22 лица, главно жени и деца, беа убиени во напад на друго училиште во централниот дел на палестинската територија каде што се засолниле илјадници раселени Палестинци.

Агенциите јавуваат дека израелската армија навела дека училишниот комплекс се користел како база на Хамас - милитантна организација означена како терористичка од САД и Европската унија.

Пред нападот, според израелската армија, биле преземени чекори за намалување на ризикот за цивилите.

Странските дописници јавуваат дека покрај седумтемина загинати во денешниот напад, тешко се повредени и други.

Во последните недели израелската армија нападна неколку училишни комплекси каде се засолниле раселените Палестинци, тврдејќи дека тоа се командни центри на Хамас.

Мајки, сопруги и деца на руски војници протестираат, бараат демобилизација

Пред руското Министерство за одбрана во Москва на 22 септември со натпис, ќерка на руски војник со транспарент „Вратете го татко ми. Чекам две години“.
Пред руското Министерство за одбрана во Москва на 22 септември со натпис, ќерка на руски војник со транспарент „Вратете го татко ми. Чекам две години“.

Група сопруги, мајки и деца на мобилизирани руски војници распоредени во целосната инвазија врз Украина од нивната земја протестираа пред Министерството за одбрана во Москва, при што е објавен неодреден број притворени, пишува Current Time - медиумски проект на руски јазик што го води Радио Слободна Европа.

Протестот во руската престолнина на 21 септември се совпадна со датумот пред две години кога рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за делумна мобилизација.

Групата, наводно, побарала средба со рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов, како и демобилизација.

Во еден момент, демонстрантите, на број од дваесетина, се соочиле со група која се обидувавла да ги растера.

Четворица убиени во масовно пукање во американската сојузна држава Алабама

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Четири лица загинаа, а повеќе од 20 се ранети во престрелка во Бирмингем, во американската сојузна држава Алабама.

„Веруваме дека повеќе вооружени напаѓачи отвориле оган врз група луѓе во населбата „Five Points South“ во Бирмингем“, изјави полицаецот Труман Фицџералд за локалните медиуми.

Престрелката се случила нешто по 23 часот во саботата.

На местото на настанот полициски службеници пронашле двајца мажи и една жена со прострелни рани, кои не давале знаци на живот.

Четвртата жртва починала во локалната болница, додаде Фицџералд.

Во престрелката се ранети десетици луѓе, а најмалку четворица се со повреди опасни по живот, рече тој.

Различни агенции се вклучени во истрагата, вклучително и Федералното биро за истраги (ФБИ) и Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви (АТФ).

Противпожарните и спасувачките служби се на терен и ја опколија областа.

Оваа година има повеќе од 400 масовни престрелки низ Соединетите држави, според Архивот за огнено насилство.

Над 20 ранети во руски напад врз станбени згради во Харкив

Локални жители стојат во двор на оштетената станбена зграда по ракетниот напад во Харкив доцна на 21 септември 2024 година, среде руската инвазија врз Украина.
Локални жители стојат во двор на оштетената станбена зграда по ракетниот напад во Харкив доцна на 21 септември 2024 година, среде руската инвазија врз Украина.

Повеќе од дваесет луѓе се ранети во руски воздушни напади врз станбен кварт во Харкив, соопштија украинските власти.

Дваесет и едно лице е рането, меѓу кои осумгодишник, двајца седумнаесетгодишни и неколку постари лица, пренесува АП, повикувајќи се на изјавите на локалниот гувернер Олех Сињехубов и градоначалникот на Харкив Ихор Терехов.

Бомбите кои паднале во населбата Шевченковски уништиле станбени згради со 16 и 9 ката, додека уште седум згради беа оштетени.

Ова беше втор последователен воздушен напад врз станбени области во Харкив. Ден претходно во бомбардирањето беа ранети 15 лица.

Според украинските власти, во двата напади биле користени воздушни бомби КАБ, модифицирано советско оружје кое со месеци предизвикува хаос во источна Украина.

Русија, исто така, лансираше 80 беспилотни летала и два проектили кон Украина во текот на ноќта меѓу сабота и недела, соопшти украинската воздушна одбрана.

Како што се наведува во соопштението, соборени се 71 дрон.

Војната во Украина влезе во третата година, откако Русија започна инвазија на соседната земја во февруари 2022 година.

Воздушни напади на Израел врз Либан, по ракетните напади на Хезболах

Чад на место на израелскиот воздушен напад на периферијата на јужното либанско село Завтар на 21 септември 2024 година.
Чад на место на израелскиот воздушен напад на периферијата на јужното либанско село Завтар на 21 септември 2024 година.

Израел и Либан разменија силен оган на 22-ри септември. Израелските воени авиони го изведоа најинтензивното бомбардирање во војната низ јужен Либан во последната година, додека Хезболах ја презеде одговорноста за ракетните напади врз воени цели во северен Израел, јавува Ројтерс.

Израелската војска соопшти дека погодила околу 290 цели, вклучително и илјадници ракетни фрлачи на Хезболах, еден ден претходно во саботата и дека ќе продолжи да ја гаѓа милитантната група поддржана од Иран, која САД ја прогласија за терористичка група.

Израел рано во неделата ги затвори училиштата и ги ограничи собирите на многу места во северните делови на земјата и Голанската висорамнина.

Сирените се слушаа во текот на ноќта додека беа истрелани бројни ракети и проектили од Либан и Ирак, од кои повеќето беа пресретнати од израелската противвоздушна одбрана, соопшти војската.

Израелските медиуми објавија дека неколку згради биле директно погодени или оштетени од фрагменти од ракети, а службите за итна помош соопштија дека неколку лица биле примени со полесни повреди.

Нема информации за сериозни повреди.

Хезболах соопшти дека ја нападнал израелската воздухопловна база Рамат Давид со десетици ракети како одговор на „повторените израелски напади врз Либан“, соопшти групата на својот канал Телеграм рано во неделата.

Ракетните напади истрелани од Хезболах врз Рамат Давид ги претставуваат најдлабоките напади врз Израел од почетокот на конфликтот.

Ескалацијата на нападите доаѓа помалку од 48 часа по израелскиот воздушен напад, чија цел беа команданти на Хезболах, во кој уби најмалку 37 луѓе во предградие на либанската престолнина, според властите.

Хезболах, групата поддржана од Иран, рече дека 16 членови, вклучително и високиот водач Ибрахим Акил и командантот Ахмед Вахби, се меѓу убиените во петокот во најсмртоносниот напад во речиси една година конфликт со Израел.

Израелската војска соопшти дека го погодила подземниот штаб на Акил и водачот на елитните сили на Хезболах Радван и речиси целосно го разбила неговиот воен синџир на команда.

Нападот срамни со земја висококатница во преполно предградие и оштети блиска градинка, јавува Ројтерс цитирајќи либански извори.

Меѓу загинатите има три деца и седум жени, соопшти либанското Министерство за здравство.

Нападот нагло го ескалира конфликтот и му зададе нов удар на Хезболах два дена по нападите во кои експлодираа пејџери и радио уреди што ги користеа неговите членови.

Бројот на жртви од нападите, за кои се верува дека ги извршил Израел, се искачи на 39, а повеќе од 3.000 се повредени.

Израел ниту ја потврди ниту негираше вмешаноста.

Избори во германската покраина Бранденбург

Плакати на Социјалдемократската партија (СПД) и екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) на светилници во Франкфурт , источна Германија, на 16 септември 2024 година, пред државните избори во Бранденбург кои се одржуваат на 22 септември 2024 година.
Плакати на Социјалдемократската партија (СПД) и екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) на светилници во Франкфурт , источна Германија, на 16 септември 2024 година, пред државните избори во Бранденбург кои се одржуваат на 22 септември 2024 година.

Државни избори се одржуваат во Бранденбург на 22 септември, три недели откако екстремно десничарската партија победи во две други покраини во источна Германија.

Околу 2,1 милион луѓе се пријавени да гласаат за нов покраински парламент во Бранденбург, покраината што го опкружува Берлин, главниот град на Германија.

Изборите во недела внимателно се следат, бидејќи даваат знаци за политичката насока на земјата.

Последните анкети покажаа изедначеност на екстремно десничарската Алтернатива за Германија со Социјалдемократите, партијата која постојано управува со Бранденбург од обединувањето на Германија во 1990 година.

update

Најмалку 51 загинат по експлозија во рудник за јаглен во Иран

Во експлозија на рудникот за јаглен во Табас во источен Иран загинаа најмалку 31 лице, а десетици се водат како исчезнати.
Во експлозија на рудникот за јаглен во Табас во источен Иран загинаа најмалку 31 лице, а десетици се водат како исчезнати.

Најмалку 51 лице загина, а 20 се повредени во експлозија во рудник за јаглен во источен Иран, јавуваат иранските медиуми.

Иранската државна телевизија соопшти дека истекување на метан ја предизвикало експлозијата доцна на 21 септември во рудникот во Табас, околу 540 километри југоисточно од главниот град Техеран. Се верува дека 24 рудари биле заробени внатре.

Во моментот на експлозијата таму работеле околу 70 луѓе.

Новиот реформски претседател на Иран Масуд Пезешкијан, подготвувајќи се да отпатува во Њујорк на Генералното собрание на ОН, рече дека наредил да се направат сите напори за спасување на заробените и за помош на нивните семејства.

Тој исто така рече дека е започната истрага за инцидентот.

Несреќата била предизвикана од експлозија на гас метан во блоковите Б и Ц на рудникот, кој го води компанијата Маданџу, објавија подоцна државните медиуми.

„Седумдесет и шест отсто од јагленот во земјата се обезбедува од овој регион и околу осум до 10 големи компании работат во регионот, вклучувајќи ја и компанијата Маданџу“, изјави гувернерот на провинцијата Јужен Хорасан, Али Акбар Рахими за државната телевизија на 22 септември.

Претходно државната телевизија објави снимка од амбулантни возила и хеликоптери кои пристигнуваат на местото на инцидентот за да ги пренесат повредените во болниците.

Иранската Црвена полумесечина соопшти дека во рудникот се во тек операции за пребарување и спасување.

„Акумулацијата на гас во рудникот“ ги отежна операциите за пребарување, изјави локалниот обвинител Али Несаеи, цитиран од ИРНА.

„Во моментов приоритет е да се пружи помош на повредените и да се извлечат луѓето од под урнатините“, рече Несаеи.

Тој додаде дека „небрежноста и вината на релевантните агенти ќе се решаваат подоцна“.

Ова не е прва катастрофа што ја погоди иранската рударска индустрија.

Минатата година, во експлозија во рудник за јаглен во северниот град Дамган загинаа шест лица, исто така најверојатно резултат на метан, според локалните медиуми.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG