Вести
Мицкоски: Не планираме уставни измени, туку да се бориме
Не знам дали ќе има некаков напредок, но промена на нашата поизиција нема да има. Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање за тоа колку е реално да се очекува некакво придвижување на интеграциите до крајот на годината, откако во Бугарија пропадна и третиот обид да се избере прв човек на парламентот.
На новинарското прашање дали можеби се планираат уставните измени тој одговори негативно.
„Не, тоа секако не се планира. Туку, не знам дали е можно да се направи некаков исчекор, но знам дека ќе сториме се што е во наша моќ, да се обидеме нашето прашање да го претставиме онака како што е, пред сите светски авторитети“, рече Мицкоски.
Тој најави дека во декември два пати ќе престојува во Брисел, каде ќе може повторно да разговара за нашето прашање поврзано со деблокада на евроинтеграциите.
„Ќе се бориме и битно е да победуваме, и мислам дека од поразите што ги нижевме изминативе седум годии постепено полека излегуваме од таа летаргија и почнуваме да победуваме, малку ситно, но победуваме. Тоа е нашиот план, таа е нашата агенда“, рече Мицкоски рече по присуството на поставување камен темелник за надградба на училиште во скопски Бутел.
Инаку, бугарските пратеници не избраа нов претседател на вчерашната пленарна седница (15 ноември). Ова беше нивниот трет обид, по седмите парламентарни избори во рок од три години.
На неодамна одржаните парламентарни избори во Бугарија, партијата ГЕРБ на Бојко Борисов доби најмногу гласови, но недоволно за самостојно да формира влада.
Македонскиот премиер коментираше дека очекува добрососедство и продолжување на процесот на достоинствен начин, по средбата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега, Румен Радев, на Конференцијата за климатски промени-КОП29 во Баку, Азербеџан, на 13 ноември.
Инаку македонско – бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава. Софија во 2022 го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарскиот народ да стане дел од македонскиот Устав.
Услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ на која ќе се отворат кластерите од преговорите е вметнување на бугарската заедница во македонската Преамбула.
Лидерите на Г7 најавија „сериозен“економски напад врз Русија поради инвазијата врз Украина
Лидерите на групата Г7 на економски најразвиените демократски земји во светот, денеска (16 ноември) го повторија своето ветување дека ќе продолжат со сериозни економски мерки против Русија за нејзината инвазија врз Украина, објави Ројтерс.
Како што е најавено во заедничкото соопштение, мерките меѓу другото ќе опфатат и дополнителни санкции и контрола на извозот. Лидерите на Г7 ветија и дека ќе го поддржат Киев „се додека е потребно“.
„Русија останува единствената пречка за праведен и траен мир“, се вели во денешната заедничка изјава, усвоена „за поддршка на Киев како што се приближува илјадитиот ден од руската агресивна војна против Украина“.
Во 2024 година, Италија претседава со Г7, во која се вклучени и САД, Канада, Јапонија, Франција, Германија и Велика Британија.
„Г7 ја потврдува својата посветеност да наметне сериозни трошоци за Русија преку санкции, контрола на извозот и други ефективни мерки. Ние сме обединети со Украина“, се додава во соопштението.
Г7 и обезбеди на Украина заем во вредност од 50 милијарди американски долари, а средствата беа обезбедени преку приходи од камати на руски средства замрзнати под западните санкции поради нејзината инвазија врз Украина.
Опозицијата во грузиска Абхазија повика на нови протести и оставка од прорускиот лидер
Опозициските поддржувачи во Абхазија повикаа на нов протест денеска (16 ноември), откако демонстрантите упаднаа во локалниот парламент претходниот ден поради договорот за недвижен имот со Москва и побараа оставка од Аслан Бжанија, лидерот на грузискиот сепаратистички регион поддржан од Москва, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Аслан Бжанија прибегнува кон очајнички обиди да ја спаси својата влада. Неговото владеење заврши“, се наведува во соопштението на таканаречениот Координативен совет на опозицијата.
Во ова соопштение, опозицијата го обвини Бжанија дека „ги збогатил своите роднини и тесниот круг на блиски луѓе“, повикувајќи ги приврзаниците на опозицијата да се соберат во главниот град Сухуми.
Прес-службата на Бжанија соопшти дека тој се наоѓал во неговото родно крајбрежно село Тамиш, на околу 40 километри од Сухуми, негирајќи ги информациите дека апхаскиот лидер се засолнил во руска воена база.
Локалните медиуми јавуваат дека на 15 ноември пратениците не го ратификувале договорот, за кој оние што се против стравуваат дека ќе им овозможи на богатите Руси да стекнат имот во регионот на Црното Море. Ова доведе до зголемување на цените на недвижностите и ги направи недостапни за локалното население.
Опозициските претставници рекоа дека откако првично побарале да се поништи договорот, демонстрантите почнале да бараат смена на Бжанија.
Бжанија кој е поранешен шеф на службата за безбедност на Абхазија, им порача на своите поддржувачи дека нема да поднесе оставка.
„Ве молам, не паничете, останувам во Абхазија“, рече тој во пораката на Телеграм. Додаде и дека разговорите со опозицијата продолжуваат.
Неколку часа претходно, на 15 ноември, демонстрантите насилно влегоа во зградата на парламентот и ја опколија резиденцијата на Бжанија, која се наоѓа во истиот комплекс со зградата на парламентот и владата во Сухуми.
Абхазија и Јужна Осетија се отцепија од грузиската власт по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Москва ја призна независноста на двата региона откако руските сили го одбија грузискиот обид да ја повратат Јужна Осетија во петдневната војна во летото 2008 година, која заврши со пораз на Грузија.
Повеќето земји сè уште ја признаваат Абхазија како дел од Грузија, но нејзината економија е речиси целосно зависна од Москва, која им дава плати на вработените во јавната администрација, како и социјални бенефиции за жителите.
Грузискиот проевропски претседател Саломе Зурабишвили одговори на тензиите во регионот што Тбилиси го смета за окупиран, обвинувајќи ја Русија дека „презема забрзани чекори кон анексијата“ на Абхазија.
Во Сухуми, локалните медиуми објавија дека стотици демонстранти се судриле со безбедносните сили, кои наводно употребиле солзавец за да ја растераат толпата.
Тензиите во регионот пораснаа во последните недели, а опозициските активисти бараат прекин на доминацијата на Русија во регионот, пред сè во економската сфера, иако опозициските партии на 15 ноември изјавија дека нивниот протест не е насочен против Русија. Тие истакнаа дека нивниот гнев е насочен кон Бжанија, кого го обвинија дека ги користи односите со Москва „за своја корист“.
Министерството за надворешни работи на Русија објави соопштение во кое портпаролката Марија Захарова ја обвини апхаската опозиција за пречекорување на законските средства и „провоцирање на ескалација“. Таа рече дека Русија не се меша и оти очекува ситуацијата „да се реши исклучиво со мирни политички средства“.
Захарова препорача сите руски граѓани во Абхазија да ја напуштат областа „ако е можно“, а останатите да се воздржат од патување во Абхазија.
За 14,4 насто намалени откупот и продажбата на земјоделски производи
Во третото тримесечје од 2024 година, откупот и продажбата на земјоделски производи во Северна Македонија е 4 703 216 илјади денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Ова е намалување за 14, 4 отсто во однос на истиот период лани.
Откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е намален за 19.5 %, а продажбата на земјоделски производи од сопствено производство e намалена за 8.2 %.
Од вкупната вредност на откуп и продажба на земјоделски производи по групи, забелeжано е намалување на вредноста кај млечните производи, а зголемување кај рибата, лозарството и кај полјоделските производи.
Намалување на откупот и продажбата на сите земјоделски производи во земјава ДЗС забележа и лани во ноември. Тогаш податоците покажаа пад за 8, 2 %.
Од друга страна пак, и покрај добрите услови и плодната почва, статистиките покажуваат дека Северна Македонија полека станува земја зависна од увоз на храна.
Земјотрес во Дојран со јачина од 3 степени
Земјотрес со Рихтерова локална магнитуда ML3.0 е регистриран утрово (16 ноември) во 5 часот и 31 минути во епицентралното подрачје Дојран-Кукуш. Oва го соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Епицентарот бил на 130 километри југоисточно од Скопје. Земјотресот е почувствуван во Дојран и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, покажуваат досегашните податоци на опсерваторијата.
Нови израелски воздушни напади врз јужен Либан
Израелската армија утрово (16 ноември) изврши нови напади врз упориштата на проиранското движење Хезболах во јужните предградија на Бејрут, откако го повика населението да се евакуира, пренесе АФП.
Агенцијата објави дека облаци чад се издигнуваат над јужните предградија на либанската престолнина.
Во пресрет на нападот, портпаролот на израелската армија преку социјалната мрежа Х ги предупреди жителите на населбата Харет Хреика да се евакуираат .
Израел почна да бомбардира цели во Либан на 23 септември, а на 30 септември започна копнена офанзива на југот на земјата.
Либанската државна новинска агенција (ННА) соопшти дека „непријателот“ извршил три воздушни напади, вклучително и еден во близина на Харет Хреик. Повторените израелски воздушни напади врз јужен Бејрут доведоа до масовен егзодус на цивили од областа, иако некои се враќаат во текот на денот за да ги проверат своите домови и продавници, пренесува АФП.
Во текот на ноќта Хезболах изврши и два ракетни напади врз штабот на пешадиски баталјон во северен Израел.
Поттикнат од војната во Појасот Газа, конфликтот меѓу Израел и Хезболах поддржан од Иран траеше една година пред Израел да започне офанзива во септември.
Соединетите Држави ја сметаат Хезболах за терористичка организација, додека Европската унија на црната листа го става само нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.
Израел му нанесе тешки удари на Хезболах, убивајќи многу од неговите водачи, вклучително и Хасан Насрала, и остави пустош во јужен Либан.
Според податоците на либанските власти, од октомври минатата година во израелските напади во таа земја загинале повеќе од 3.400 луѓе. Како резултат на конфликтот со Израел, штетите на инфраструктурата и економските загуби на Либан достигнаа, според проценките на Светска банка, повеќе од осум милијарди американски долари.
Прекинат мечот Косово-Романија, косовските играчи го напуштија теренот жалејќи се на „расизам“
Натпреварот од Лигата на нации меѓу Романија и Косово во Букурешт беше прекинат на 15 ноември, откако косовските играчи го напуштија теренот жалејќи се на расистичка злоупотреба од романските навивачи.
Косовските фудбалери се упатија кон соблекувалната во 93. минута откако домашните навивачи скандираа „Србија! Србија!“ за време на тепачка меѓу косовскиот капитен Амир Рахмани и романскиот напаѓач Денис Алибец.
Менаџерот на косовската репрезентација, Бајрам Шала, изјави дека одлуката за прекин на натпреварот ја донеле косовската фудбалска федерација, селекторот Франко Фода и самата екипа, по „расистичките повици“ против Косово.
Се очекува УЕФА да отвори дисциплинска постапка која репрезентацијата на Косово може да ја чини пораз поради одбивање да се врати на теренот.
УЕФА вели дека ќе соопшти „повеќе информации во догледно време“.
Романската фудбалска репрезентација утрово (16 ноември) им се заблагодари на своите навивачи за нивната „исклучителна поддршка и однесување за време на натпреварот со Косово, игра што ќе остане во сеќавање на сите, не само затоа што траеше три часа, туку и како пример за единство и солидарност“.
Ова е втор пат во последните два натпревари на косовската фудбалска репрезентација во Букурешт за една година, натпреварот да биде прекинат поради навивањето на домашните навивачи против Косово.
Во септември 2023 година, УЕФА го казни Романскиот фудбалски сојуз со 52.000 евра, забрана на навивачите да присуствуваат на натпревари, по истрагата за прекршоци за време на квалификациите за ЕП 2024 година.
Тој натпревар помеѓу Романија и Косово во Букурешт беше прекинат околу еден час откако тамошните навивачи скандираа и го извадија транспарентот „Косово е Србија“, за да продолжи по смирувањето на ситуацијата и отстранувањето на транспарентот.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година и го признаа повеќе од 100 земји. Романија е една од петте земји на Европската унија, заедно со Шпанија, Кипар, Грција и Словачка, кои не ја признаваат независноста на Косово.
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно време со сончеви периоди претпладнево и намалување на облачноста попладне, најавува денеска (16 ноември) Управата за хидрометеоролошки работи.
Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, особено претпладне.
Максималната температура ќе достигне од 6 до 12 степени. Во Скопје се очекуваат максимални 10 степени.
Шефот на МААЕ ги посети подземните локации за нуклеарно збогатување на Иран
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги посети клучните подземни локации за збогатување ураниум во Иран во Фордоу и Натанц, објавија иранските државни медиуми на 15 ноември, без да понудат детали.
Иран ја ограничи инспекцијата во своите нуклеарни локации и им забрани на неколку инспектори на МААЕ да ги посетат тие капацитети за збогатување.
Гроси е во Иран за да се заложи за дипломатија, предупредувајќи дека „просторот за преговори се намалува“ поради унапредувањето на иранската нуклеарна програма.
Техеран инсистира дека неговите нуклеарни амбиции се мирољубиви.
Посетата доаѓа во пресрет на претстојниот состанок на Одборот на гувернери на МААЕ, каде што некои нации вршат притисок за акција против исламската република.
Претходно на 14 ноември Иран изрази подготвеност да го реши спорот со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во врска со почитувањето на заштитните мерки за својата нуклеарна програма, но нема да го стори тоа под притисок, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи по средбата со генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси во Техеран.
Средбата се одржа во контекст на претстојното преземање на функцијата од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и неговата администрација во јануари.
Трамп во 2018 година, во својот прв мандат, еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година.
Русија во сабота ќе ја прекине испораката на гас за Австрија
Русија ќе ја прекине испораката на гас за Австрија од сабота, соопшти на 15 ноември австриската нафтена и гасна групација ОМВ. Оваа групација соопшти дека за ова добила известување од Гаспром Експорт, подружница на енергетскиот гигант Газпром контролиран од Кремљ.
Запирањето на испораките се смета за одговор на Русија на арбитражна одлука на Меѓународната стопанска комора, со која австриската групација ОМВ победи во арбитражниот спор и треба да добие 230 милиони евра од Газпром. Претходно оваа недела, ОМВ го потврди своето право да го бара паричниот надомест.
Се очекуваше дека ова најверојатно ќе резултира со „негативно влијание“ врз односите, јавива германската новинска агенција ДПА.
Откако тоа предвидување сега се оствари, австрискиот канцелар Карл Нехамер на 15 ноември изјави дека Австрија нема да дозволи да биде уценувана и дека е обезбедно снабдување со алтернативно гориво.
„Ни еден дом нема да биде ладен“, изјави Нехемер.
Суспензијата значи дека Русија сега ќе испорачува значителни количини гас само на Унгарија и Словачка, што е сосема спротивно на децениската доминација во која таа задоволуваше 40% од потребите за гас на ЕУ пред инвазијата на Москва на Украина во 2022 година, јавува новинската агенција Ројтерс.
Австрија беше првата западноевропска земја што купи руски гас кога СССР потпиша договор за гас во 1968 година, само неколку месеци пред советската инвазија на Чехословачка.
Оваа година, врската ќе заврши по одлуката на Меѓународната стопанска комора за спорот меѓу рускиот Гаспром и австриската ОМВ.
„Газпром“ одби да коментира, јавува Ројтерс.
Австрија е една од ретките европски земји кои сè уште зависат од рускиот гас, бидејќи голем дел од остатокот од континентот го намали увозот по руската инвазија врз Украина.
ОМВ соопшти дека се подготвува за евентуалното прекинување на рускиот гас и дека сè уште може да испорачува гас на своите клиенти со увоз преку Германија, Италија и Холандија.
Известувањето за крајот на испораките за Австрија дојде кога рускиот претседател Владимир Путин и канцеларот Олаф Шолц од Германија, најголемиот руски клиент на гас до моментот кога силите на Москва не ја нападнаа Украина, за прв пат разговараа телефонски по последниот нивни разговор во декември 2022 година.
Еврокомесарот за енергија Кадри Симсон на маргините на конференцијата на ОН за климата во Азербејџан изјави за Ројтерс дека сите земји на ЕУ што добиваат гас преку рутата на Украина имаат пристап до други извори на снабдување кои би можеле да ја пополнат празнината.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете