Достапни линкови

Вести

Цивилизирана дебата меѓу Волц и Венс

Демократот Тим Волц и републиканецот Џеј-Ди Венс, 1 октомври 2024 година
Демократот Тим Волц и републиканецот Џеј-Ди Венс, 1 октомври 2024 година

Демократот Тим Волц и републиканецот Џеј-Ди Венс се спротивставија околу кризата на Блискиот Исток, имиграцијата, даноците, абортусот, климатските промени и економијата на потпретседателската дебата на која имаше повеќе политички несогласувања, а помалку лични напади.

Венс праша зошто Харис не направила повеќе за решавање на инфлацијата, имиграцијата и економијата додека служела во администрацијата на претседателот Џо Бајден.

„Ако Камала Харис има толку одлични планови за тоа како да се справи со проблемите на средната класа, тогаш таа треба да ги направи сега - не кога бара унапредување, туку на работата што и ја даде американскиот народ пред три и половина години“, рече Венс.

Волц го опиша Трамп како нестабилен лидер кој им давал приоритет на милијардерите и ги сврти критиките на Венс по прашањето за имиграцијата, напаѓајќи го Трамп за притисок врз републиканците во Конгресот да се откажат од двопартискиот нацрт-закон за безбедност на границата на почетокот од оваа година.

Дебатата во Центарот за емитување на Си-Би-Ес во Њујорк започна со ескалацијата на кризата на Блискиот Исток, откако Израел продолжи со нападот врз јужен Либан, а Иран изврши одмазднички ракетни напади против Израел.

Волц рече дека Трамп е премногу „променлив“, додека Венс тврди дека Трамп го направил светот побезбеден за време на неговиот мандат.

На прашањето дали ќе поддржи превентивен напад врз Иран од страна на Израел, Венс посочи дека тоа е одлука на Израел, додека Валц не одговори директно на прашањето.

Волц, исто така, го критикуваше Трамп за неговата улога во назначувањето на тројца судии од Врховниот суд на САД, кои се приклучија на одлуката на судот за елиминирање на речиси половина век националното право на абортус, прашање што се покажа како штетно за републиканците.

Волц (60), либерален гувернер на Минесота и поранешен учител во средно училиште, и Венс (40), најпродаваниот автор и конзервативен американски сенатор од Охајо, се претставија себеси како двајца кандидати со длабоко спротивставени ставови за прашањата важни за дражавата.

Во јуни, Трамп учествуваше во дебата со претседателот Бајден, чии лоши перформанси доведоа до повици да се повлече од претседателската трка. Откако Харис стана кандидат на демократите, таа учествуваше во дебата со Трамп минатиот месец.

Гласачите во 6 од 50 американски држави веќе имаат можност да гласаат предвреме. До 16 октомври ќе се организира предвремено гласање во уште 14 држави.

Пезешкијан вели дека ракетниот напад е одговор на израелската агресија

 Масуд Пезешкијан, претседател на Иран
Масуд Пезешкијан, претседател на Иран

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го поздрави „одлучниот“ одговор против агресијата на Израел, по ракетниот напад врз Тел Авив како одговор на убиството на водачите на Хамас и Хезболах.

„Во согласност со легитимните права и со цел да се воспостави мир и безбедност во Иран и во регионот, беше даден одлучен одговор на агресијата на ционистичкиот режим“, напиша Пезешкијан на платформата Х и повика да не се влегува во конфликт со Иран.

Иранските Чувари на револуцијата, идеолошката армија на Иран, соопшти дека ракетниот напад што Иран го изврши врз Израел е одговор на убиствата на лидерите на Хамас и Хезболах.

Според соопштението, Израел бил нападнат како одговор на убиството на Исмаил Ханије и Хасан Насралах, како и на Абас Нилфорушан, помошникот лидер на Чуварите на револуцијата, кој беше убиен во нападот на лидерот на Хезболах, Насралах.

Ова беше втор напад на Иран врз Израел во последните шест месеци, по нападот во април кога Техеран тврдеше дека дејствува во „легитимна самоодбрана“ по нападот во кој беше уништен конзулатот на Иран во Дамаск и убиени седум воени функционери, а кој му се припишува на Израел.

Чуварите на револуцијата соопштија дека истрелале десетици балистички ракети и биле насочени кон важни безбедносни и воени цели во Израел, прецизирајќи дека тие биле насочени кон три воени бази околу Тел Авив за време на операцијата.

По тие напади, Иран го затвори аеродромот во Техеран за цивилната авијација.

Иран се закануваше дека ќе му врати на Израел по атентатот на лидерот на Хамас Исмаил Ханије на крајот на јули во Техеран, што му се припишува на Израел.

Чуварите на револуцијата соопштија дека постапиле во согласност со Повелбата на ОН и по „период на воздржаност“ откако беше нарушен суверенитетот на Иран по атентатот на Ханије во Техеран.

Водачот на Хезболах Хасан Насралах беше убиен во израелски напад врз јужните предградија на Бејрут, упориште на шиитското движење финансирано од Иран. Во тој напад беше убиен и иранскиот генерал Абас Нилфорушан.

Девет невладини организации во Грузија ставени во регистарот на „странски агенти“

Демонстрантите излегоа на улиците на Тбилиси на 28 мај за да протестираат против законот за „странски агенти“
Демонстрантите излегоа на улиците на Тбилиси на 28 мај за да протестираат против законот за „странски агенти“

Девет грузиски невладини организации се додадени во регистарот на „странски агенти“ во земјата, што е првпат откако пред два месеци стапи на сила контроверзниот закон за странски агенти.

На јпрво пет невладини организации беа додадени на листата на 1 октомври: Младинска организација на Украинците во Грузија - Свитанок, Професионален сојуз на фармери и земјоделски работници од Грузија, Куќа на млади Кутаиси, Унија на христијани и Еврејска културна и образовна фондација.

Набргу потоа, беа додадени четири други организации: Девојки-светски лидери, Младински дом Тбилиси, Инклузивни практики и Здружение на иницијативи, развој и вработување.

Имињата на овие организации, заедно со нивните финансиски обелоденувања, се објавени на официјалната веб-страница на Грузискиот јавен регистар на странски агенти.

Според законот, медиумите и невладините организации кои добиле повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски извори во 2023 година се обврзани да се регистрираат како субјекти кои работат „во интерес на странска сила“. Минатата година мнозинството грузиски медиуми и непрофитни организации го добија тоа ниво на финансирање од надвор.

Процесот на регистрација мора да се заврши преку Домот на правдата во Тбилиси.

Дополнително, на Министерството за правда му беа доделени широки овластувања за следење и испитување на организациите за усогласеност, вклучително и овластување за пристап до чувствителни информации како што се личните податоци.

Многу организации и медиуми изразија силно противење на законот, а неколку јавно одбија да го почитуваат. Неусогласеноста, вклучително и нерегистрацијата, носи високи финансиски казни.

Грузиските меѓународни партнери изразија сериозна загриженост за законот, за кој критичарите тврдат дека го отсликува контроверзното законодавство за „странски агенти“ на Русија, алатка која Москва широко ја користи за да го потисне несогласувањето и да ги ослабне демократските институции.

Итна седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата на Блискиот Исток

илустрација
илустрација

Советот за безбедност на ОН денеска (2 октомври) ќе одржи итна средба за да ја разгледа ескалацијата на непријателствата на Блискиот Исток, соопшти Швајцарија, која овој месец е претседавачот со Советот.

„Закажавме состанок во 10 часот по њујоршко време (16:00 часот по средноевропско време)“, соопшти швајцарското претседателството.

Иран вчера истрела околу 200 балистички ракети кон Израел, што според соопштението на Револуционерната гарда е одмазда за убиствата на лидерите на Хезболах и Хамас.

Израел соопшти дека повеќето од ракетите биле пресретнати и најави дека ќе одговори на нападот.

Нетанјаху: Иран направи голема грешка и ќе плати за тоа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападот на Иран врз неговата земја не успеал и вети дека ќе возврати.

Иран вчера истрела околу 200 балистички ракети кон Израел како одмазда за израелската кампања против сојузниците на Техеран Хезболах во Либан.

„Иран направи голема грешка вечерва и тие ќе платат за тоа“, рече Нетанјаху на почетокот на состанокот на политичко-безбедносниот врв на земјата.

„Режимот во Иран не ја разбира нашата решеност да се браниме и нашата решеност да возвратиме на нашите непријатели“, додаде тој.

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари изјави дека Израел ќе избере како и кога ќе одговори на вечерашниот ирански напад.

Хагари рече дека има „мал број на удари“ од 180 балистички проектили истрелани кон Израел, објави „Тајмс оф Израел“.

„Повеќето од ракетите беа пресретнати од Израел и одбранбената коалиција предводена од САД, посочи тој.

Од друга страна, иранската Револуционерна гарда соопшти дека 90 отсто од ракетите што Иран ги лансираше кон Израел успешно ги погодија нивните цели.

Иранските вооружени сили соопштија дека ќе ги гаѓаат „базите и интересите“ на поддржувачите на Израел во регионот, доколку директно интервенираат против Техеран, додавајќи дека секој одговор на Израел на неговиот ракетен напад ќе биде дочекан со „големо уништување“ на израелската инфраструктура.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека во тек се разговори меѓу американските и израелските претставници за тоа како треба да изгледа израелскиот одговор на ракетниот напад од Иран.

Бајден повтори дека Вашингтон „целосно го поддржува“ Израел по нападот од Иран и ги повика сите народи во светот да им се придружат во осудата на иранскиот напад.

Голем број на повредени во вооружен напад во Тел Авив

Архивска фотографија - Израелски полицаец обезбедува агол на улица во Тел Авив, Израел.
Архивска фотографија - Израелски полицаец обезбедува агол на улица во Тел Авив, Израел.

Израелската полиција соопшти дека вооружени напаѓачи отвориле оган во Тел Авив на границата со Јафа на 1 октомври во 19 часот по локално време и дека имало голем број жртви.

ТВ-снимката покажа како вооружени лица се симнуваат на железничка станица и отвораат оган.

Израелските медиуми објавија дека најмалку четири лица се тешко повредени.

Израелската служба за брза помош МДА соопшти дека добила извештај во 19.01 часот по локално време за луѓе повредени од истрели.

Лекарите и болничарите пружиле медицински третман на лице место на голем број повредени лица со различен степен на повреди, вклучително и некои кои биле во несвест, соопшти МДА.

Милановиќ не даде согласност хрватската армија да учествува во мисија за поддршка на Украина

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ.
Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ.

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ не даде согласност на предложената владина одлука за учество на припадници на хрватската армија во мисијата за поддршка на Украина, соопштено е на 1 октомври.

„Хрватска на кој било начин не може значително да влијае на војната во Украина, ниту може да ја запре. Но, со промислена и одговорна политика на државните органи, може да го спречи ширењето на војната кон хрватските граници и да обезбеди мир и безбедност за сите хрватски граѓаните“, рече Милановиќ додавајќи:

„Затоа одбив да дадам претходна согласност за одлуката за учество на хрватската армија во мисијата за поддршка на Украина“, изјави Милановиќ, а пренесе прес-службата на претседателот на Хрватска.

На веб-страницата на претседателот на Хрватска, се наведува дека хрватската Влада преку министерот за одбрана побарала од претседателот и врховниот командант на вооружените сили претходна согласност за предложените одлуки за учество на хрватските војници во мисии, операции и активности на НАТО алијансата, Европската унија и Обединетите нации.

Според Уставот на Хрватска, сите предложени одлуки ги донесува хрватскиот Сабор со мнозинство гласови од сите пратеници доколку претседателот на државата даде претходна согласност за одлуките.

Доколку претседателот не даде согласност, хрватскиот Сабор може да донесе такви одлуки само со двотретинско мнозинство од сите пратеници.

Како што се наведува во соопштението, Владата побарала одобрение за 13 одлуки, меѓу кои и продолжување на учеството на воениот персонал во операциите на НАТО КФОР и СЕА ГАРДИЈАН, како и во мисијата во Ирак.

„Претседателот не даде претходна согласност само за одлуката за учество на припадници на хрватската армија во активностите на НАТО за безбедносна поддршка на Украина (НСАТУ)“, се наведува во соопштението.

„Таа мисија потенцијално може да има штетно влијание врз националните интереси на Република Хрватска“, рече Милановиќ.

Најавено е дека Уставот на Хрватска предвидува Владата да побара од хрватскиот Сабор да гласа за предложената одлука и доколку предложената одлука на Владата добие поддршка од две третини од пратениците, одлуката ќе стапи на сила и претседателот ќе ја почитува.

Милановиќ потсети дека владиниот предлог се заснова на одлуката на НАТО од состанокот во јули годинава во Вашингтон, на кој учествуваше и тој, но дека не се спротивставил на таа одлука на ниво на НАТО, бидејќи самите земји членки одлучуваат дали и на кој начин сакаат да учествуваат во таа активност.

Висок претставник на САД вели дека Иран подготвува балистички ракетен напад врз Израел

Борбен тенк на израелската армија е распореден на позиција долж границата со Либан во северен Израел на 1 октомври 2024 година.
Борбен тенк на израелската армија е распореден на позиција долж границата со Либан во северен Израел на 1 октомври 2024 година.

Иран се подготвува „неизбежно“ да изврши напад со балистички ракети врз Израел, според висок претставник на американската администрација кој предупреди на „тешки последици“ доколку тоа се случи.

Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека САД активно ги поддржуваат израелските одбранбени подготовки.

Иранските државни медиуми не сугерираат дека било каков напад е неизбежен.

Ова доаѓа откако израелската војска на 1 октомври ги предупреди луѓето и евакуираше речиси дваесетина либански погранични заедници, неколку часа откако објави дека почнува ограничени копнени операции против Хезболах.

Претставниците на Белата куќа веднаш не понудија никакви докази што ќе ги поддржат нивните разузнавачки наоди.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант разговараше со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин за заканата од напад од Иран, се вели во соопштението на израелското Министерство за одбрана.

Тие разговараа за „оперативната подготвеност на Израел да ги брани своите граѓани и воени средства, како и за положбата на американските сили во регионот“, се вели во соопштението.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант разговараше со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин за заканата од напад од Иран, се вели во соопштението на израелското Министерство за одбрана.

Тие разговараа за „оперативната подготвеност на Израел да ги брани своите граѓани и воени средства, како и за положбата на американските сили во регионот“, се вели во соопштението.

Израелската војска соопшти дека започнала „целни и прецизни“ напади во Либан во, како што го нарече „ограничен“ копнеен упад што започна во текот на ноќта, додавајќи дека нејзините војници биле вклучени во „тешки борби“ со Хезболах поддржан од Иран, милитантната група која контролира голем дел од областа, и покрај противењето на САД на потегот поради стравувањата од поширок конфликт на Блискиот Исток.

Хезболах, која беше означена како терористичка организација од страна на Соединетите држави, соопшти дека одговорила на израелската офанзива со истрелување на низа проектили кон Израел, вклучително и на нејзината разузнавачка агенција во близина на Тел Авив.

Претставник на израелската безбедност изјави дека елитните командоси и падобрански единици биле вклучени во упади во јужен Либан, кои поминале само на кратко растојание преку границата.

Претходно, Авичај Адрае, портпарол на израелската војска, во порака објавена на арапски на Телеграм напиша дека во јужен Либан се водат „тешки борби“.

„За ваша лична безбедност ве замолуваме да не патувате со возила од север кон јужниот дел на реката Литани“, рече Адрае.

Адрае рече дека операцијата ја вклучува елитната 98-ма дивизија, која неодамна беше распоредена на север од Газа, и ќе ги таргетира упориштата на Хезболах.

Израел вети дека ќе го продолжи притисокот врз Хезболах и прогласи воена зона во делови од северната граница со Либан, и покрај повиците од целиот свет за деескалација на ситуацијата.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами рече дека Израел не треба да се „заглави во мочуриште“ во Либан.

Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес изјави дека Израел треба да престане со копнените напади во Либан за да избегне ескалација на конфликтот.

На 30 септември, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро исто така го повика Израел „да се воздржи од каков било копнеен упад и да го прекине огнот“.

Тој, исто така, го повика Хезболах „да го стори истото и да се воздржи од каква било акција што може да доведе до регионална дестабилизација“.

САД мора да се подготват за „долгорочна“ конфронтација со Русија, вели Хелсиншката комисија

Претседателот на американската Хелсиншка комисија Џо Вилсон (десно) за време на посетата на Буча, Украина во 2023 година.
Претседателот на американската Хелсиншка комисија Џо Вилсон (десно) за време на посетата на Буча, Украина во 2023 година.

Соединетите држави мора да се подготват за „долгорочна“ конфронтација со Русија која нема да заврши кога авторитарниот претседател Владимир Путин ќе замине од политичката сцена, се вели во новиот извештај на двопартиската комисија.

Поразувањето на Русија од Украина на бојното поле е од клучно значење за победата во таа конфронтација, а Вашингтон треба да направи се што може за да обезбеди победа на Киев, наведе американската Хелсиншка комисија во својот извештај од 30 септември.

Комисијата, која беше формирана во 1975 година за следење на човековите права во советскиот блок, е составена од 18 пратеници рамномерно поделени меѓу Претставничкиот дом и Сенатот, како и тројца претставници на извршната власт.

„Нема да има надеж за мирна и стабилна Русија додека таа и понатаму е ангажирана во војна и окупација на своите соседи“, соопшти Комисијата.

Најмалку 8 загинати во руски напади додека Украина го одбележува „Денот на бранителите“

Последици од рускиот напад на Запорожје. 1 октомври 2024 година
Последици од рускиот напад на Запорожје. 1 октомври 2024 година

Најмалку осум лица загинаа, а неколку се ранети во руски напади врз украинските региони Херсон, Запорожје и Суми на 1 октомври, додека загрозената земја го одбележа Денот на бранителите среде се потешката ситуација на бојното поле на истокот, каде што офанзивата на Москва постигнува постепен напредок.

„Руски напад врз Херсон, токму во центарот на градот. Засега се потврдени 6 смртни случаи“, напиша претседателот Володимир Зеленски на X, додавајќи дека уште шест лица се ранети.

Луѓето загинале кога руски проектили погодиле пазар во центарот на Херсон, додека другите шест биле ранети во одделен напад на автобуска постојка во јужниот град, изјави регионалниот гувернер Олександар Прокудин на Телеграм.

Градот Херсон беше ослободен од украинските трупи во ноември 2022 година, принудувајќи ги руските војници да се повлечат кон исток преку реката Днепар.

Но, Русија продолжи да го напаѓа Херсон на редовна основа од другата страна на реката, оставајќи бројни цивилни жртви и оштетувајќи ја цивилната и енергетската инфраструктура.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG