Вести
Зеленски: Со нетрпение ја очекуваме ерата на САД под водство на Трамп
Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку социјалната мрежа Икс испрати честитки за, како што вели, „импресивната победа“ на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.
Тој вели со Трамп имале одлична средба во септември кога детално разговарале за односите на Украина и САД, стратешкото партнерство, Планот за победа и начинот како да се стави крај на руската агресија, а сега со нетрпение го очекува неговото претседателствување.
„Ја ценам посветеноста на претседателот Трамп на пристапот ’мир пред сила‘ во глобалните работи. Токму тоа е принципот што практично може да донесе мир во Украина. Се надевам дека заедно ќе го спроведеме тоа на дело. Со нетрпение ја очекуваме ерата на силни Соединети Американски Држави под решително водство на претседателот Трамп“, вели Зеленски додавајќи дека Украина очекува двопартиска поддршка од САД.
Во честитката тој посочува дека Украина е посветена на развивање политичка и економска соработка што ќе донесе корист за двете нации.
„Украина, како една од најсилните европски воени сили, е посветена на обезбедување долгорочен мир и безбедност во Европа и во трансатлантската заедница со поддршка на нашите сојузници. Со нетрпение очекувам лично да му честитам на претседателот Трамп и да разговараме за зајакнување на стратешкото партнерство на Украина со САД“, вели Зеленски.
Честитката дојде набргу откако Трамп се обрати пред неговите поддржувачи во Палм Бич, Флорида, оценувајќи дека ова е „политичка победа каква што Америка нема видено досега“.
Мицкоски му честиташе победа на Трамп
Премиерот Христијан Мицкоски му ја честиташе победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на претседателските избори во САД.
Честитката од премиерот на Северна Македонија стигна веднаш по обраќањето на Трамп пред поддржувачите во Палм Бич, Флорида, каде прогласи победа на изборите.
„Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата. Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи“, вели Мицкоски во честитката.
Тој додава дека „Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион“.
Честитки до Трамп од регионот испратија и српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
Меѓу првите се огласи и унгарскиот премиер Виктор Орбан нарекувајќи го ова „најголемиот камбек во политичката историја на САД“.
Трамп: Америка нема видено ваква политичка победа
Ова е најголемото политичко движење во историјата. Никогаш во Америка немало вакво движење. Ќе ја излечиме Америка, порача републиканскиот кандидат Доналд Трамп прогласувајќи победа на изборите во САД против неговата ривалка, демократската кандидатка Камала Харис.
Трамп се обрати пред неговите поддржувачи во Палм Бич, Флорида, оценувајќи дека ова е „политичка победа каква што Америка нема видено досега“, а вети и дека следува „златно доба за Америка“.
„Со секој здив ќе се борам за вас, за вашите семејства, за иднината… Нема да запрам додека не испорачаме силна и безбедна Америка“, рече Трамп.
Тој се заблагодари на поддршката од гласачите, потенцираше дека како републиканци ја вратиле контролата над Сенатот, како и дека веројатно „ќе ја задржат контролата и во Претставничкиот дом“.
Во обраќањето, тој ја спомена и миграцијата, која беше една од клучните теми во неговата кампањата. Како што рече, луѓе треба да доаѓаат во САД, но тоа да го прават легално.
Заблагодарувајќи се на својот тим, тој во говорот ги спомена неговите деца и сопругата Меланија Трамп, а имаше и низа пофални зборови за милијардерот Илон Маск велејќи дека „тој е гениј“ и таквите мора „да ги заштитиме“.
Неговиот потпретседателски кандидат, Џеј-ди Венс во краткото обраќање порача дека ова е „најголемиот политички камбек во историјата на САД“.
„Под лидерството на Трамп нема да престанеме да се бориме за вас, за иднината на вашите деца. Ќе имаме и најголем економски кампбек во историјата“, рече Венс.
По ерупцијата на вулканот, Индонезија ќе пресели илјадници луѓе
Индонезија трајно ќе пресели илјадници жители од околината на вулканот што еруптираше во последните денови, при што загинаа девет лица, соопштија официјални лица во среда (6 ноември), пренесува АФП.
Властите го подигнаа нивото на тревога на планината Левотоби Лаки-Лаки на највисоко ниво по неколкуте ерупции од неделата вечерта, велејќи им на локалните жители и туристите да го избегнат кратерот во радиус од седум километри.
Повеќе од 2600 семејства кои живеат во областа околу вулканот на популарниот туристички остров Флорес добија совети да се преселат трајно, се вели во соопштението на Агенцијата за ублажување на катастрофи (BNPB).
„Планината не може да се помести. Мораме да се движиме. Мораме да расчистиме радиус од седум километри“, рече шефот на агенцијата Сухарјанто.
Тој додаде дека владата ќе им помогне на локалните жители да се преселат во нова област или да изградат куќи на земјиште што веќе го поседуваат.
Одлуката е „еден од долгорочните чекори за ублажување“ во пресрет на идните ерупции, рече портпаролот на БНПБ, Абдул Мухари.
Левотоби Лаки-Лаки еруптираше три пати во текот на ноќта во понеделникот (4 ноември), исфрлајќи пепел до два километри на небото, пред повторно да еруптира во вторник.
Инаку Индонезија, огромна архипелашка нација, доживува чести ерупции поради нејзината локација на Пацифичкиот „Огнен прстен“, област со интензивна вулканска и сеизмичка активност.
Трамп ја однесе победата и во Пенсилванија, според проекциите
Републиканскиот кандидат и поранешен претседател на САД, Доналд Трамп, победи и во трета од вкупно седумте сојузни држави кои се сметаа за клучни за исходот од американските претседателски избори.
Републиканецот победил во Пенсилванија која му носи 19 електроски гласови, според пренесуваат Ројтерс и Асошиејтед прес.
Претходно, Трамп беше проектиран за победник и во Северна Каролина и Џорџија, кои имаат по 16 електори.
Наскоро се очекува тој да се обрати пред своите поддржувачи во Палм Бич, Флорида.
Според американскиот систем, граѓаните не одлучуваат кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот.
Победник е тој што ќе стигне до 270 електорски гласови.
За останатите четири одлучувачки држави Аризона, Мичиген, Невада и Висконсин, сè уште нема проекции.
Резултатите од останатите сојузни држави се според очекуваното и предвидувањата од анкетите.
Неколкумина уапсени на протестите во Израел, поради смената на министерот Галант
Израелската полиција уапсила неколкумина учесници на синоќешните протести во Ерусалим и Хаифа поради одлуката на израелскиот премир Бенјамин Нетанјаху да го смени министерот за одбрана Јоав Галант.
„Тројца демонстранти се приведени во Ерусалим поради напад на полицијата и пробивање на бариерите во близина на улицата Аза каде демонстрантите се собраа пред резиденцијата на Нетанјаху, се вели во соопштението на полицијата“, пишува израелскиот весник „Тајмс оф Израел“.
Потврдено е дека автопатот 1 кон главниот град, кој демонстрантите го блокираа со камења, повторно е пуштен за сообраќај.
Полицијата во Хаифа соопшти дека две лица биле уапсени, меѓу кои и еден демонстрант осомничен за намерно подметнување пожар на автопатот.
„Некои од демонстрантите се судрија со полицијата, а во одреден момент почнаа да се движат кон автопатот за да го попречат сообраќајот“, се вели во соопштението на полицијата во Хаифа.
Во Тел Авив полицијата ги засолни демонстрантите додека тие протестираа против одлуката на премиерот на автопатот Ајалон, кој беше блокиран неколку часа.
Нетанјаху вчера (5 ноември) потврди дека Галант е разрешен, и дека него ќе го замени министерот за надворешни работи, Израел Кац.
Иако, според Нетанјаху, постоела „продуктивна соработка“ во првите месеци од војната, „последниве месеци се појавија значителни разлики во стратегијата меѓу него и Галант“.
Премиерот на Израел изјави дека „Галант донел одлуки и давал изјави кои се спротивставуваат на одлуките на владата“.
Камала Харис нема да се обрати во изборната ноќ
Демократската кандидатка и актуелна потпретседателка на САД, Камала Харис, нема да се обрати во изборната ноќ, соопштија од нејзиниот тим.
„Има уште гласови за борење“, рече Седрик Ричмонд, копретседател на нејзиниот изборен штаб пред поддржувачите собрани на Универзитетот Хауард.
За нејзините гласачи тоа беше знак да си заминат дома.
Од друга стана, пак, нејзиниот ривал, републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп се очекува да се обрати пред своите поддржувачи во Палм Бич, Флорида.
Тој веќе е на пат кон изборниот штаб каде се собрани неговите поддржувачи, најавиле од неговиот тим.
Трамп е во водство на изборите, а медиумите веќе проектираа дека тој победил и во две (Џорџија и Северна Каролина) од седумте сојузни држави кои се сметаат за клучни за исходот од изборите.
Според американскиот систем, граѓаните не одлучуваат кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот.
Првиот што ќе стигне до 270 електори ќе биде 47. претседател на САД.
Проекциите на медиумите во моментов говорат дека Трамп има 246 електорски гласови, наспроти Харис со 214.
Доколку 78-годишниот Трамп победи на изборите, ќе биде најстариот претседател според возраста во моментот на инаугурацијата, првиот осуден претседател, а само вториот кој ќе служи два мандати кои не се последователни – еден по друг.
Зеленски: Севернокорејските војници во Русија се дополнителна нестабилност во светот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека првите престрелки на украинската армија со севернокорејските војници го отвориле патот за дополнителна нестабилност во светот.
„Првите битки со севернокорејските војници отворија ново поглавје на нестабилност во светот“, рече украинскиот лидер во вечерното обраќање (5 ноември).
Судирот меѓу украинските и севернокорејските сили го потврди и министерот за одбрана Рустем Умеров во интервју за јужнокорејската телевизија.
Украинската разузнавачка агенција претходно објави дека околу 12 000 севернокорејски војници, меѓу кои 500 офицери и тројца генерали, пристигнале во Русија, а обуката се одржува во пет воени бази.
Зеленски го критикуваше недостатокот на одговор на Западот кон Русија, откако таа ги вклучи севернокорејските трупи во војната.
Во четвртокот, тој истакна дека слабиот одговор од меѓународната заедница може да го охрабри рускиот претседател Владимир Путин да го зголеми тоа воено присуство.
Зеленски почна да предупредува за присуството на севернокорејски војници во Русија на 13 октомври. Западните сојузници тоа го нарекоа голема ескалација, но не одговорија со мерки, ниту најавија дека ќе го сторат тоа.
-Првите илјадници војници од Северна Кореја се во близина на украинската граница. Украинците ќе бидат принудени да се бранат од нив, рече Зеленски за време на викендот. „И светот само ќе гледа повторно“, додаде тој.
Тој посочи дека Украина има точни податоци за сите локации на кои се распоредени севернокорејски војници во Русија. Но, како што наведе, „западните сојузници не и дадоа на Украина оружје со долг дострел потребно за напад на тие цели“.
Проекции: Трамп победи и во Џорџија
Републиканскиот кандидат Доналд Трамп победи и во сојузната држава Џорџија, пренесува Ројтерс според проекциите на „Едисон Рисрч“.
Џорџија е една од седумте држави кои се сметаат за одлучувачки за исходот во изборите, а во кои и Трамп и неговата ривалка, демократската кандидатка Камала Харис, имаа реална шанса за победа, според анкетите.
На изборите во 2020 година, демократот Џо Бајден победи во Џорџија која важи за сигурна републиканска држава освојувајќи предност пред Трамп со помалку до 12.000 гласа.
Оваа победа беше прва за демократски претседателски кандидат во Џорџија по речиси три децении.
Претходно, според медиумските проекции, Трамп ја однесе победата и во Северна Каролина, уште една од седумте одлучувачки држави.
Џорџија и Северна Каролина носат по 16 електроски гласови.
Според американскиот систем, граѓаните не одлучуваат кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот.
За останатите пет одлучувачки држави Аризона, Мичиген, Невада, Пенсилванија и Висконсин, проекции се очекуваат наскоро.
Трамп засега е во водство
Поранешниот претседател Доналд Трамп, републикански предизвикувач, и натаму има предност на претседателските избори во САД, со победи во повеќето традиционално републикански држави, вклучително и Северна Каролина, првата држава „бојно поле“ , стеснувајќи го патот до победата на демократите и нивниот кандидат, потпретседател Камала Харис.
Според неофицијалните проекции на американските медиуми, Трамп води пред Харис со 230 гласови од Изборниот колеџ наспроти 205 на Харис. 270 гласови од изборниот колеџ се потребни за да стане Трамп 47-ми претседател на земјата.
Малку по 20 часот, според локално време, најголемата држава - Калифорнија, со 54 електорски гласови, според проекциите, се изјаснила за Харис, како што се очекуваше, како и државата Вашингтон.
Но, клучните држави од битката - Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Пенсилванија и Висконсин - сеуште се неизвесни.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете