Вести
Поднесено обвинение против десетмина за криумчарење луксузни автомобили
Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката за обезбедување докази и поднесе обвинение против вкупно десет лица осомничени дека учествувале во дејствија на криумчарење на луксузни автомобили, како и фалсификување службени и други исправи.
Во текот на 2021 и 2022 година, тие со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола.
Двајца од обвинетите се службени лица – референти од Одделението за управни работи во МВР, кои ја овозможувале постапката за регистрација на возилата во државава, иако знаеле дека се криумчарени.
Еден дел од возилата по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.
Во овие активности бил вклучен и 11-тиот осомничен, државјанин на Република Грција, за кого кривичниот прогон ќе биде отстапен грчките органи.
Заедно со поднесеното обвинение, надлежниот јавен обвинител до Судот доставил предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за четворица од обвинетите.
По едно лице се трага со веќе распишана меѓународна потерница поради неговата инволвираност во друг сличен предмет со криумчарење луксузни возила кој го водеше Основното јавно обвинителство Скопје.
За еден обвинет на сила се мерки на претпазливост.
Францускиот шеф на дипломатијата Баро во Сирија, ќе му се придрижи и германската колешка Бербок
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро пристигна во Дамаск за да се сретне со новиот лидер на Сирија, со што ја започна посетата на највисоко ниво досега од страна на западна земја.
На министерот Баро ќе му се придружи и неговата германска колешка Аналена Бербок, соопшти Берлин.
Тие заеднички ќе разговараат во име на Европската Унија со новиот сириски лидер Ахмед ал Шара, шеф на коалицијата на бунтовниците предводени од исламистите што го соборија долгогодишниот владетел на Сирија Башар ал Асад на почетокот на декември.
„Заедно, Франција и Германија стојат покрај сирискиот народ, со сета нивна различност“, рече Баро во објавата на X, додавајќи дека Франција и Германија сакаат да промовираат „мирна транзиција“.
Во соопштението, Бербок рече дека Германија сака да и помогне на Сирија да стане „безбеден дом“ за целиот нејзин народ и „функционална држава, со целосна контрола врз нејзината територија“.
Двајцата министри планираат да го посетат и затворот Сајднаја, недалеку од главниот град.
Сајднаја беше место на вонсудски егзекуции, мачења и присилни исчезнувања и беше олицетворение на злосторствата извршени врз противниците на Асад.
Од неговото соборување, група странски претставници отпатуваа во Дамаск за да се сретнат со новите водачи на земјата.
Франција и Германија веќе испратија делегации од пониско ниво минатиот месец.
Израелските сили собориле ракета на Хутите истрелана од Јемен кон Израел
Израелската противвоздушна одбрана пресретна уште една ракета истрелана од Јемен, објавија денеска израелските одбранбени сили (ИДФ), пренесе агенцијата ДПА.
Ракетата била соборена откако навлегла во израелскиот воздушен простор, објави ИДФ на својот канал Телеграм.
Се истражуваат информациите за оштетувањапредизвикани од паѓањето на остатоците од ракетата во околината на градот Модиин, што се наоѓа меѓу Тел Авив и Ерусалим.
ДПА пренесува дека стотици илјади Израелци рано утринава беа разбудени од сирените за тревога, по што мораа набрзина да побараат засолниште.
Исламистичката милиција Хути во Јемен, како палестинската исламистичка милиција Хамас во Појасот Газа и либанската милиција Хезболах, се сојузници Иран, со главниот непријател на Израел.
Хутите постојано лансираат проектили кон Израел и кон комерцијални бродови во Црвеното Море во знак на солидарност со Хамас, движењето кое учествува во актуелниот конфликт со Израел уште откако го нападна Израел во октомври 2023 година, убивајќи 1.200 и земајќи 250 заложници.
Хутите првично не го коментираа последниот ракетен напад врз Израел, пренесе ДПА.
Пронајдено тело на убиен 39 годишен маж во Тетово
Убиен е 39 годишен маж во Тетово. Телото е пронајдено во неговиот дом со прострелна рана во главата.
Полицијата соопшти дека 39 годишниот маж живеел со својот татко, кој кога пристигнала брзата помош бил пронајден во бессознание и веднаш пренесен во Ургентниот центар во Тетово.
Од полицијата соопштија дека утврдиле оти убиството го извршил 65 годишниот татко по физичка пресметка со синот.
Убиството било извршено со ловечка пушка на 31 декември. Ловечката пушка била пронајдена покрај телотo на 39 годишниот маж.
Од полицијата велат дека во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот, односно дека по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во 2023 година е забележан раст на убиствата за 27 проценти во однос на 2022 година. Биле извршени 23 убиства од кои расветлени 21. Десет од овие убиства се извршени со огнено оружје, додека останатите со употреба на ладно оружје. Според податоците на полицијата, пет од 23-те убиства биле извршени при семејно насилство.
Три тела извлечени од реката Вардар откако автомобил излета од патот кај село Рашче
Најмалку тројца загинале при сообраќајна несреќа која се случила па патот од Сарај кон Рашче, откако автомобил излетал од патот и паднал во реката Вардар. Центарот за управување со кризи соопшти возилото кое излетало во близина на село Рашче е извадено од реката.
„Од него се извадени телата на три женски лица, потрагата по четвртото машко исчезнато лице кое најверојатно излетало во водите на Вардар продолжува“, се вели во кусото соопштение од ЦУК.
Како што информираат од МВР, екипа на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ била на терен и учествувала во вадењето на автомобилот од реката.
На местото се присутни јавен обвинител, полициски и екипи на Итната медицинска помош. Засега нема официјални информации за вкупниот број на патници што се наоѓале во автомобилот.
Повикувајќи се на свои полициски извори, ТВ Алсат неофицијално објави дека во возилото се наоѓале пет лица од исто семејство, меѓу кои и 4-годишно дете. Според Алсат, детето излетало од автомобилот пред тој да падне во реката, и било било пронајдено од случајни минувачи.
„Во 18 часот од ГОБ ‘Св. Наум Охридски’ сме известени дека кај нив од страна на случајни минувачи е донесено четиригодишно дете, кое потоа е пренесено во Клинички центар“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Мицкоски изрази сочувство до семејствата на жртвите во Цетиње
Македонскиот премир Христијан Мицкоски изрази сочувство до семејствата на жртвите кои го изгубија животот во трагичниот настан што се случи во Цетиње, Црна Гора на 1-ви јануари.
Црна Гора го одбележува првиот ден од тридневната жалост на 2 јануари по смртоносниот инцидент со масовно пукање на Нова година. Дванаесет лица, вклучително и две деца, беа убиени во Цетиње откако вооружен маж дивеше доцна на 1 јануари. Уште четири други луѓе беа ранети при пукањето.
„Во овие тешки мигови, од името на Владата, како и од мое лично име, изразувам најискрено сочувство до семејствата на жртвите кои го загубија најмилото. Нивната болка е неизмерна, а загубата непоправлива. Нашите мисли и молитви се со нив, како и со сите кои беа погодени од овој трагичен чин. Длабоко сочувствуваме и со граѓаните на Црна Гора кои во овој момент се соочуваат со голема тага и вознемиреност“, вели Мицкоски во телеграмата со сочувство.
Тој упати поддршка до сите надлежни институции во Црна Гора кои со голема посветеност работат на расветлување на овој немил настан и на враќање на мирот и безбедноста во заедницата.
„Македонија стои рамо до рамо со братскиот црногорски народ во овие болни мигови и останува подготвена да понуди каква било поддршка што би била потребна. Нека почиваат во мир сите невини жртви, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување“, посочува Мицкоски во телеграмата со сочувство.
Сочуство изразија и регионалните лидери.
Во изјавата на својот Инстаграм профил, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека реагирал на веста „со тага, неверување и жалење“. Тој, исто така, понуди поддршка, и вети „секаква форма на помош од Србија“.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман со телеграма изрази сочуство
„За жал, насилството стана секојдневие и не познава граници“, напиша тој.
Жељко Комшиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина, исто така, изрази сочувство и ја истакна својата поддршка за Црна Гора во телефонскиот разговор со Милатовиќ.
Амбасадата на САД во Подгорица им се придружи на другите во изразувањето на своето сочувство, велејќи во објавата на X дека „го изразуваме нашето искрено сочувство до семејството
Вучиќ: Имав „отворен, искрен и тежок“ разговор со американскиот потсекретар за енергетика
Српскиот претседател Александар Вучиќ објави на 2 јануари дека имал „отворен, тежок и искрен“ разговор со американскиот потсекретар за економски раст, енергија и животна средина, Хозе Фернандез.
Во објава на својот официјален Инстаграм профил, Вучиќ напиша дека со Фернандез разговарале за „важни прашања од билатералната соработка меѓу Србија и САД, особено во областа на енергетиката“.
„Санкциите беа посебна тема, а за неколку дена ќе можам да ги откријам сите детали. Сигурно немам премногу добри вести за граѓаните на Србија, но Србија ќе ја зачува стабилноста и енергетската безбедност“, изјави Вучиќ, без да прецизира за кои конкретни санкции имало зборови.
Претходно на 13 декември, Вучиќ изјави дека „за неколку дена“ САД ќе воведат санкции за нафтената индустрија на Србија (НИС) поради руската сопственост во поранешната државна компанија.
Десет дена подоцна, американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил изјави дека „нема најави“ дека ќе бидат воведени санкции за НИС.
Хил тогаш за јавниот медиумски сервис изјави дека „има загриженост“ за тоа дали нафтената индустрија на Србија во рацете на Русија некако помага во финансирањето на војната во Украина и дека тоа се легитимни прашања што треба внимателно да се разгледаат.
Од 2008 година, НИС е во мнозинска сопственост на руската државна компанија Гаспром Нефт и нејзината „чадор“ компанија Газпром.
Европската унија и САД го ставија Гаспром Нефт на црната листа во 2014 година по руската анексија на украинскиот полуостров Крим. Гаспром не е покриен со санкции од Западот.
И покрај обидите за диверзификација на изворите на снабдување од почетокот на руската инвазија на Украина, Србија сè уште е доминантно зависна од руските енергетски извори, а оваа зависност беше еден од клучните аргументи на официјален Белград да не воведе санкции кон Москва.
ЕК:Нема проблеми со гасот по истекот на договорот меѓу Русија и Украина
Европската комисија на 2 јануари објави дека по истекот на договорот за транзит на руски гас преку Украина на 31 декември 2024 година, нема проблеми со снабдувањето со гас и дека се обезбедени алтернативни рути.
Во соопштението објавено на 2 јануари, Директоратот за енергетика на Европската комисија наведува дека е одржан вонреден состанок на Комисијата со Координативната група за гас и земјите членки од Централна и Источна Европа, дека е разговарано за ситуацијата и дека е заклучи дека нема загриженост за безбедноста на снабдувањето со гас.
„Тој состанок потврди дека благодарение на ефикасната подготвителна работа и координација во регионот и пошироко, нема загриженост за безбедноста на снабдувањето“, се наведува во соопштението.
Се додава дека снабдувањето со гас е обезбедено со алтернативни патишта (Германија, Италија) и повлекување од складиштето.
„Европската гасна инфраструктура е флексибилна и прилагодена за прием на гас што не е од руско потекло“, се посочува во него.
Директоратот соопшти дека од 2022 година значително се зајакнати нови капацитети за увоз на течен природен гас (ТПГ).
„Нивоата на складирање од 72 проценти се малку над просекот (69 проценти) за овој период од годината. Комисијата одржува редовен мониторинг и комуникација со земјите-членки и учесниците на пазарот за да обезбеди сигурност во снабдувањето на најпогодените земји-членки и да спречи шпекулации“, беше наведено во заклучено на соопштението.
Договорот што овозможува снабдување со руски гас во Европа преку Украина, кој Киев и Москва го потпишаа во 2019 година, беше на сила до 1 јануари и покрај војната и беше финансиски профитабилен за двете страни.
По прекинот на транзитот на гас преку Украина и повеќе од две години од саботажата на гасоводот „Северен тек“ во Балтичкото Море, Европа ќе добива руски гас само преку гасоводот „Турски тек“ и неговото продолжување „Балкански тек“.
Според официјалните податоци, само во 2023 година преку Украина во Европа пристигнале 14,65 милијарди кубни метри гас, пренесува новинската агенција Франс прес.
ФБИ пронајде 150 рачно изработени бомби во приватен дом во Вирџинија
Американските федерални агенти запленија најголема залиха до сега на рачно изработен експлозив, се вели во судската пријава која федералните обвинители ја доставиле минатиот месец до окружниот Суд во Вирџинија.
Инспекторите заплениле повеќе од 150 рачно изработени бомби при претрес на домот на сега уапсениот Бред Спафорд во Вирџинија, соопштија обвинителите.
Во судското барање за мерка притвор е наведено дека ова е „најголемата заплена по бројот на готови рачно изработени експлозивни направи во историјата на ФБИ“.
Според судските документи, повеќето од бомбите биле пронајдени во одвоена гаража во домот на приведениот, заедно со алатки и материјали за правење бомби
„Неколку дополнителни рачно ирзаботени бомби беа пронајдени во ранец во спалната соба на домот, целосно необезбедени, во домот што осомничениот го дели со неговата сопруга и двете мали деца“, е наведено во судскиот документ напишан од обвинителите.
36-годишниот Спафорд е обвинет за поседување огнено оружје со кој го прекршува „Националниот закон за огнено оружје“.
Адвокатите на одбраната во вторникот тврдеа дека властите не приложиле докази дека тој планирал насилство, истакнувајќи дека обвинетиот до сега немал криминално досие.
„Во записникот нема ниту трошка доказ дека г-дин Спафорд некогаш се заканувал некому и тврдењето дека некој може да биде во опасност поради нивните политички ставови и коментари е бесмислено“, напишаа адвокатите на одбраната.
Истрагата против него започнала во 2023 година кога доушник им кажал на властите дека Спафорд складирал оружје и муниција. Претресот бил извршен на 17 декември.
На сослушувањето на 31 декември, федералниот судија Лоренс Леонард утврди дека Спафорд може да биде пуштен во домашен притвор во домот на неговата мајка, но се согласи да го задржи во притвор додека обвинителите поднесуваат дополнителни аргументи за задржување во притвор.
Најмалку 10 тинејџери се ранети при пукање пред ноќен клуб во Њујорк
Десет лица се ранети во пукање пред ноќен клуб во Њујорк додека чекале да влезат на концертот кој се одржувал во клубот на новогодишната ноќ, соопшти полицијата.
Околу 15 млади на возраст од 16 до 20 години луѓе стоеја пред ноќниот клуб во областа Квинс, кога четворица мажи пешки им се приближиле и отвориле оган врз групата, рече началникот на њујоршката полиција Филип Ривера на прес-конференцијата на 2 јануари.
Биле испукани околу 30 истрели пред вооружените напаѓачи да избегаат. Потоа биле видени како влегуваат во возило седан со странски таблички.
„Има нулта толеранција за овие бесмислени престрелки“, рече Ривера.
Тој додаде дека шест девојки и четири момчиња се пренесени во болница со повреди кои не се животозагрозувачки.
Мотивот не беше веднаш познат, но Ривера рече дека „ова не е тероризам“.
Организаторите на настанот во ноќниот клуб ја повикаа јавноста да контактира со полицијата за какви било информации за пукањето.
„Длабоко сме тажни поради неодамнешниот и несреќен изолиран инцидент што се случи. Нашите срца се со сите оние кои се погодени од овој бесмислен чин“, се вели во објавата на ноќниот клуб на социјалната мрежа Инстаграм.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете