Вести
ССМ: Основните минимални трошоци во јануари зголемени за 391 денар
Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија.
Од ССМ велат дека во делот на храната и пијалоците е забележано зголемување од 123 денари.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов изјави дека за 12 месеци, минималните трошоци во делот на храната и пијалоците се зголемени за 10,43 проценти што значи дека инфлацијата не е 3,5 проценти како што покажуваат статистичките податоци, туку над 10 отсто.
Вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6089 денари или 10,63 проценти.
„Не дека граѓаните во Македонија живееме многу добро и имаме многу добри плати, па пазариме и со тоа ја подгреваме инфлацијата и платите се виновни за зголемувањето на инфлацијата, туку трговците се алчни и се богатат на грбот на работниците со тоа што го користат секој момент за дополнително да се збогатат. Дури се сомневаме и дека она што го ветуваат сега дека во наредните месеци ќе го задржат нивото на цените на основните прехранбени производи е мамка за да не ги намалат цените на производите кои на светските берзи бележат намалување,“ рече Трендафилов.
Според него, цената на житото на светските берзи е намалена за околу 13 проценти, додека кај нас, како што посочи, цената на лебот е намалена само за еден денар и нема намалување на цените на брашното и други производи.
Според ССМ, платите треба да се зголемат за најмалку 20 проценти. Велат дека нивното барање за растот на платите и на минималната плата е повеќе од оправдано.
Гарчевиќ: Западен Балкан е на „маргините на интересите“ на администрацијата на Трамп
Западен Балкан нема да биде високо на листата приоритети на администрацијата на новоизбраниот претседател на Соединетите Држави, Доналд Трамп, оценува за Радио Слободна Европа професорот од Универзитетот во Бостон, Веско Гарчевиќ.
„Промената на претседателот во таа смисла нема значително да влијае на пристапот кон Балканот. Тоа може да се заклучи врз основа на искуството од неговиот претходен мандат“, вели професорот по меѓународни односи.
Трамп положи заклетва за својот втор мандат на 20 јануари. За време на првото обраќање по инаугурацијата, тој најави низа извршни наредби, кои потоа ги потпиша. Меѓу другото, тој првично ги повлече САД од Парискиот климатски договор, потпиша извршни наредби со кои илегалната имиграција на границата меѓу САД и Мексико е прогласена за вонредна состојба.
Според професорот Гарчевиќ, Западен Балкан може да се разгледува во поширок контекст, особено во рамките на односите со Русија и Украина.
„Регионот може да се позиционира во однос на западните партнери во Европската Унија или како дел од стратешките односи со Москва“, рече тој.
Гарчевиќ смета дека Америка под водство на Трамп би можела да ги оствари своите интереси на Балканот независно од ЕУ.
„И тоа би била најголемата разлика во споредба со сегашната администрација и претходните, кои најмногу делуваа во согласност со Европската Унија. Ова особено важи за прашања како што се односите меѓу Србија и Косово и ситуацијата во Босна и Херцеговина“, рече Гарчевиќ.
За време на неговиот прв мандат, Трамп беше сведок на потпишувањето на договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија во септември 2020 година.
Според Гарчевиќ, можно е администрацијата на Трамп да развие независни билатерални пристапи, вклучувајќи го и решавањето на косовското прашање, односите меѓу Србија и Косово, но и во рамките на Босна и Херцеговина. Гарчевиќ посочува дека е нереално да се очекува дека администрацијата на Трамп ќе се откаже од клучните позиции на американската надворешна политика на Балканот.
„Би било големо изненадување доколку Америка го повлече признавањето на Косово или се откаже од Дејтонскиот договор. Сепак, некои политичари во регионот имаат големи очекувања, особено претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Милорад Додик, претседателот на Република Српска, како и делумно Албанија“, рече тој.
Според него, Додик има конкретни интереси поврзани со новата администрација.
„Неговиот клучен интерес е укинување или ублажување на санкциите наметнати на него, неговото семејство и соработниците. Значи, тоа е прашање на многу личен интерес“, нагласи тој.
Додик со години е на списокот со санкции на САД, а САД првпат го санкционираа во јули 2017 година, односно шест месеци по инаугурацијата на Трамп и преземањето на првиот претседателски мандат.
Јужнокорејскиот претседател Јун го бранеше воведувањето воена состојба пред Уставниот суд
Отповиканиот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-јеол денеска (21 јануари) пред Уставниот суд ги бранеше своите постапки за време на краткотрајната воена состојба на 3 декември. Тој истакнал дека не и наредил на армијата да ги отстрани пратениците од Парламентот, со цел да ги спречи да ја укинат воената состојба.
Јун на сослушувањето потенцира дека служел како претседател со „силна посветеност на слободната демократија“.
„Во оваа земја, Парламентот и медиумите се многу помоќни од претседателот и се во многу супериорна позиција“, навел Јун.
Јун стана првиот актуелен претседател на Јужна Кореја кој беше уапсен минатата недела поради краткотрајното прогласување на вонредна состојба на 3 декември. Тој беше формално процесуиран во притвор вчера, откако судот го одобри налогот, наведувајќи ја загриженоста дека осомничениот може да уништи докази.
Прогласувањето вонредна состојба од страна на Јун ги шокираше Јужнокорејците, ја потресе четвртата по големина азиска економија и воведе невиден период на политички превирања.
На 14 декември пратениците гласаа за негово отповикување и оттогаш тој е суспендиран од функцијата.
Во меѓувреме, Уставниот суд размислува дали да го потврди тој импичмент и да го отстрани трајно или да му ги врати претседателските овластувања.
Радев ја обвини Европа за жртвите во офанзивата на Украина
Претседателот Румен Радев ги обвини европските лидери за жртвите во контраофанзивата на Украина против руските сили во својот говор на Економскиот форум во Софија денеска (21 јануари).
Ова е уште една изјава на Радев во која тој ги брани позициите за војната кои се совпаѓаат со оние на Кремљ. Москва лажно тврди дека западните сојузници ја охрабруваат Украина да влезе во војна со Русија.
Руската војска започна неиспровоцирана војна против Украина во февруари 2022 година. Во 2023 година украинските сили започнаа контраофанзива со цел враќање на териториите окупирани од Русија. Постигна ограничен успех, а во последните месеци руската армија беше во офанзива.
Во 2024 година украинските сили за првпат ја нападнаа руската област Курск.
Бугарскиот претседател Радев во вторникот изјави дека украинската контраофанзива е резултат на охрабрувањето на европските лидери и не ги осудува постапките на Русија, која ги окупира украинските територии.
„Кој ќе ја преземе одговорноста за стотиците илјади жртви во контраофанзивата на Украина, која многу европски лидери ја охрабрија со утопиското уверување за победа над Русија“, рече Радев.
Најавената цел на Украина на контраофанзивата беше да ги врати украинските територии заземени од руската армија.
Нема податоци за човечки загуби на двете армии за време на контраофанзивата.
Во декември, украинскиот претседател Володимир Зеленски пријави 34000 мртви и 370000 ранети на украинска страна од почетокот на војната. Русија не ги пријави своите загуби, но новинарските истражувања ја потврдија смртта на речиси 90000 руски сили од почетокот на војната, додека проценките за бројот на ранетите се стотици илјади.
Радев ги критикуваше санкциите против Русија воведени поради нејзината неиспровоцирана воена инвазија на Украина.
„Во меѓувреме, со години се наметнува сугестијата дека руската економија ќе колабира за неколку месеци, но европските влади паѓаат, а европските економски санкции против Москва стануваат бесмислени поради купувањето на руски енергетски ресурси од земјите на глобалниот Југ“, рече Радев.
Бугарскиот претседател долго време ги бранеше позициите за војната во Украина кои се совпаѓаат со политиките на Кремљ. Тој рече дека испраќањето воена помош за Киев само го продолжува конфликтот и дека поддржувачите на помагањето на украинскиот отпор против руската воена агресија се „љубители на војна“.
Во 2024 година Радев се изјасни против помагањето на украинскиот отпор „до конечна победа“ и одби да ја претставува Бугарија на самитот на НАТО во Вашингтон во јуни, каде што меѓудругото се разговараше и за помошта за Украина.
Германија ќе го убедува Трамп да ја преиспита одлуката за повлекување на САД од СЗО
Германија ќе се обиде „да го убеди американскиот претседател Доналд Трамп да ја преиспита одлуката“ за повлекување на Соединетите Држави од Светската здравствена организација (СЗО), изјави денеска германскиот министер за здравство Карл Лаутербах.
„Најавата на новиот претседател на САД дека се повлекува од Светската здравствена организација (СЗО) е сериозен удар за меѓународната борба против глобалните здравствени кризи“, рече Лаутербах.
Трамп синоќа во Белата куќа ја потпиша извршната наредба за повлекување од СЗО, само неколку часа по преземањето на функцијата.
„Светската здравствена организација нас не ограбува. Сите ги ограбуваат САД, но тоа повеќе нема да се случува“, рече Трамп.
Според СЗО, САД се најголемиот донатор и партнер на организацијата.
САД обезбедија милијарда и 284 милиони долари во 2022 и 2023 година.
Во 2020 година, Трамп ги повлече САД од СЗО, обвинувајќи ја организацијата дека не успеала да се справи со пандемијата на коронавирусоит и дека е марионета на Кина. На неговиот прв ден како претседател во 2021 година, Џо Бајден ги врати САД во СЗО.
Болните од рак повторно без биолошка терапија
Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија останале без биолошка терапија. Како што информираат за МИА дел од нив, на клиниката во моментов ги нема лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“.
„Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина и нешто што ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија. Иако минатата година со анекс се одобрија дополнителни сретства, очигледно и тие не беа доволни. Недостаток на терапија има од петокот, се обидува Онкологија да добие дополнително средства да се затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет“, изјави за МИА, Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“.
Марјановиќ за МИА нагласи дека како пациентка и како здружение, инсистираат да има промена на позитивната листа.
Од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје велат дека состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, што се реализираат согласно буџетот за 2024 година.
„Овој буџет беше изработен во претходната година врз основа на проценките во тој период и не ги одразуваше целосно тековните потреби на клиниката. Дополнително, треба да се земат предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и сложеноста на административните и финансиските процеси што влијаат врз набавката на лекови“, велат од Клиниката.
Во врска со предизвиците поврзани со тендерските постапки, како што информираат, веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите, во соработка со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство.
„Нашата цел е да обезбедиме навремено и континуирано снабдување со овој вид терапија за пациентите, веруваме дека со овие мерки, актуелниот недостаток ќе биде надминат во најкраток можен рок. Во меѓувреме, пациентите се третираат со терапијата што моментално е достапна во Клиниката, согласно препораките на специјалистите и медицинските протоколи за третман“, се наведува во одговорот на Клиниката на прашањата на МИА.
Во последниот извештај на Државниот завод за ревизија за работата на оваа клиника беше посочено дека биолошка терапија нема за сите пациенти, туку само за 24 отсто од нив.
Минатата година новинарските истражувања открија дека покрај тоа што на Клиниката за онкологија се крадела биолошката скапа терапија за болни од карцином, има сомнежи дека пациентите добивале физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.
Кина е „загрижена“ поради повлекувањето на САД од Парискиот климатски договор
Кина денеска (21 јануари) изрази „загриженост“ поради повлекувањето на САД од Парискиот климатски договор по вторпат.
„Климатските промени се заеднички предизвик, со кој се соочува целото човештво и ниту една земја не може да остане незасегната или сама да го реши проблемот“, изјави портпаролот на кинеското Министерството за надворешни работи Гуо Џиакун.
Пекинг соопшти дека се надева на соработка со Вашингтон за решавање на трговските прашања, откако американскиот претседател Доналд Трамп го почна вториот мандат, при што се закани дека ќе воведе високи царини.
„Кина е подготвена да го зајакне дијалогот и комуникацијата со САД. Се надеваме дека САД ќе соработуваат со Кина за заеднички да промовираат стабилност, развој на кинеско-американските економски и трговски односи“, додаде Гуо.
Новиот американски претседател Доналд Трамп го потпиша првиот сет извршни наредби на крајот од неговата церемонија на полагање заклетва во Вашингтон.
Меѓу нив, тој прво ги повлече САД од Парискиот климатски договор. Соединетите Држави, вториот најголем загадувач во светот по Кина, го напуштија Парискиот договор за климата за време на првиот мандат на Трамп, но Џо Бајден го врати за време на својот.
Најмалку 10 загинати во пожар во хотел во турски ски-центар
Најмалку 10 лица загинаа во пожар во хотел во ски-центар во северозападна Турција, соопшти рано денеска (21 јануари) министерот за внатрешни работи на земјата Али Јерликаја.
Триесет и двајца други се повредени во пожарот, кој се случил во провинцијата Болу.
Државната новинска агенција Анадолу објави дека пожарот избувнал во текот на ноќта, а причината е сè уште нејасна.
Како одговор на ситуацијата, 30 противпожарни возила и 28 амбулантни возила биле распоредени на местото на настанот. Сликите покажуваат дека пламенот го зафатил покривот и горните катови на хотелот во ски-центарот Карталкаја, популарна дестинација за локалното население.
Службите за итни случаи продолжуваат да се борат со пламените. Дрвената фасада на хотелот овозможила пожарот брзо да се прошири, објави телевизијата НТВ.
На видео снимките се гледа како луѓето очајнички се обидуваат да избегаат. Очевидец за весникот Хуријет изјави дека видел луѓе како скокаат низ прозорецот.
Според извештајот, хотелот бил целосно полн со 234 луѓе кои престојувале таму кога избувнал пожарот, за време на училишниот распуст во Турција.
Трамп потпиша серија извршни наредби на првиот ден од неговиот мандат
Новиот американски претседател Доналд Трамп го потпиша првиот сет извршни наредби на крајот од неговата церемонија на полагање заклетва во Вашингтон.
Тој потпиша извршна наредба со која им наредува на американските власти да престанат да издаваат документи за државјанство на деца родени во САД чии родители немаат правен статус.
Меѓу другото, тој првично ги повлече САД од Парискиот климатски договор. Соединетите Држави, вториот најголем загадувач во светот по Кина и најголемиот загадувач во историјата, го напуштија Парискиот договор за климата за време на првиот мандат на Трамп, но Џо Бајден го врати во својот.
Трамп најпрво потпиша извршна наредба со која поништи 78 извршни наредби на неговиот претходник Џо Бајден, вклучително и отстранување на Куба од листата на држави спонзори на тероризмот, објавија американските медиуми.
Потоа, заедно со повлекувањето на САД од договорот за климата, тој, исто така, го забрани издавањето на нови федерални регулативи додека тој и неговата влада не ја преземат целосната контрола врз нив, привремено го забрани вработувањето во федералната влада, освен за војската и националната безбедност и ја прекина работата од дома за федералните службеници.
Тој, исто така, ги помилува осудените за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, околу 1500 од нив, иако само 20 отсто од Американците го поддржуваат тој потег.
Во салата, тој исто така им нареди на сите федерални агенции да се справат со зголемената криза на трошоците за живот, потпиша наредба за враќање на слободата на говорот и забрана на цензурата, пренесува телевизијата ABC.
Во понеделникот (20 јануари), Трамп потпиша извршни наредби со кои илегалната имиграција на границата меѓу САД и Мексико се прогласува за вонредна состојба, означувајќи ги криминалните картели како терористички организации. Трамп, исто така, потпиша наредба за суспендирање на американската програма за преселување бегалци на четири месеци.
Трамп ги укина санкциите наметнати од поранешната администрација на Бајден за екстремно десничарски доселенички групи и поединци од Израел за наводно извршување насилство врз Палестинците на окупираниот Западен Брег.
Новоизбраниот претседател ги укина извршните наредби кои промовираа различност, еднаквост и инклузија (DEI) и ги промовираа правата за ЛГБТК+ луѓето и расните малцинства, исполнувајќи ги ветувањата за намалување на заштитата за најмаргинализираните Американци.
Трамп потпиша извршна наредба за започнување на процесот на повлекување на САД од Светската здравствена организација (СЗО).
Во понеделникот, новиот американски претседател потпиша извршна наредба со која се става крај на напорите на поранешниот претседател Џо Бајден да ја блокира експлоатацијата на нафта на Арктикот и големите области долж американскиот брег.
Трамп, исто така, потпиша извршна наредба со која се одложува спроведувањето на законот за забрана на платформата за социјални медиуми ТикТок во кинеска сопственост за 75 дена.
Трамп рече дека размислува за воведување царини од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико, кои ќе стапат на сила на 1 февруари. Тој исто така рече дека ќе има средби со рускиот претседател Владимир Путин и дека на САД им е потребен Гренланд за националната безбедност.
Талибанците разменија неколку американски затвореници за авганистански осуденик
Владата на Талибанците во Авганистан соопшти дека по „долгите преговори“ САД ослободиле авганистански затвореник во замена за американски затвореници.
„Авганистанскиот борец Кан Мохамед, кој отслужува казна во затвор во Америка, беше ослободен во замена за американски државјани и беше испратен дома“, соопшти Министерството за надворешни работи под контрола на талибанците, во е-пошта до Икс, прецизирајќи дека уапсениот авганистански државјанин издржувал доживотна казна затвор во Калифорнија, откако беше уапсен „пред повеќе од две децении“.
Најавата за размена уследи еден ден по инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. Кога републиканецот беше реизбран во ноември, талибанската влада наведе дека се надева дека ќе отвори „ново поглавје“ во билатералните односи со САД.
„Овие мерки на САД се позитивни и придонесуваат за нормализирање и развој на односите меѓу двете земји“, соопшти авганистанското МНР и покрај тоа што ниту една земја во светот досега не го признала владеењето на Талибанците во Кабул.
САД во февруари 2020 година, под администрацијата на Доналд Трамп, го потпишаа „Договорот од Доха“, кој го отвори патот за повлекување на американските трупи од Авганистан по 20-годишно присуство во земјата.
Една година подоцна, Талибанците ја презедоа власта.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете