Деветтото издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ се затвора денеска со официјално прогласување на најдобрите филмови во сите натпреварувачки категории.
Оваа година, околу 180 ученици од основните и средните училишта заедно гледаа филмови, учествуваа во креативни работилници и мастер класови. Некои од нив во приказната се вклучија премиерно, за други Џифони е познато, но секогаш предизвикувачко искуство.
Таков пример е средношколецот Марко Петровски, ученик во трета година во скопската гимназија „Орце Николов“. Го посетува фестивалот од шесто одделение, а освен дружба и можност за заедничко гледање филмови, низ годините, преку „Џифони“ добил и самодоверба.
„Џифони ме научи да имам повеќе самодоверба кога сакам да го искажам своето мислење. Затоа што, во првите години не ни помислував да го кажам своето мислење за филмот за време на дискусиите. Па потоа, споделував мислење за еден до два филма „преку сила“. Годинава, успеав конечно да соберам доволно храброст за да зборувам после сите филмови, на сите дискусии и да го кажам моето мислење, да го споделам со другите. Па дури и на мастер класовите да споделам мислење, да поставам прашање за тој што го држи мастер класот“, изјави 17 годишниот Петровски за РСЕ.
Новитет годинава се т.н хабови, во кои околу 50 средношколци од пет македонски градови ја следеа програмата онлајн. Една од нив е Медиса Беќири од село Жировница, ученичка во прва година во гимназијата во село Ростуше. Следела филмови онлајн, но се вкучила и во дел од работилниците.
„Јас бев дел од работилницата за дигитален дизајн и беше многу интересно. Правевме различни дизајни и дискутиравме за дизајните што ги правеа и другите. Се пријавив за да доживеам нешто ново и за да стекнам нови пријателства“, додаде Беќири за РСЕ.
Вели, следната година би сакала да учествува од Скопје и да го доживее искуството во живо.
Во живо е поинаку
Тоа што оваа година на двете локации, Кинотека и Младински културен центар, младите имаа шанса да се дружат во живо, за дел од учесниците е неспоредливо подобро во однос на опцијата-онлајн. Такво е доживувањето на седмооделенката Јана Ѓоргиевска, за која ова е второ учество на фестивалот, но прво во живо.
„Годинава сум многу среќна што се одржува во живо. Според мене во живо многу е поинтересно гледањето филм, дискусиите, работилниците. Ликовната работилница во живо за мене беше многу поинтересна. Тогаш имаш многу поголема инспирација отколку кога си дома. Исто така и на музичката работилница - бидејќи да пееш на „Зум“ кадешто се одржуваа работилниците и да пееш во живо или да свириш не е исто“, изјави Ѓоргиевска за РСЕ.
Видете и ова: „Џифони“- Со дискусија до развивање на критичка мисла кај младитеОд повторната средба во живо со пријателите „џифонци“, Марко Ѓоргиевски добил впечаток дека учествува прв пат, иако ова е негово седмо учество.
„Со дружбата оваа година, после ланското издание на „Џифони“ кое беше онлајн, ова беше како некој свеж почеток, како одново да сум, за прв пат на фестивалот“, истакна Петровски
Темата на фестивалот годинава е „Подобрувајќи го светот“. Ако се прашуваат младите вљубеници во концептот на Џифони, светот би бил подобар со повеќе можност за реална, наместо виртуелна дружба, шанси за споделување ставови и критичко мислење, како и вмрежување во име на пријателството и на некое подобро утре.