Ќе се бара ли мед повеќе во „медената земја“?

илустрација

Годинешните приноси на мед ќе бидат двојно помали во споредба со претходните години, велат македонските пчелари. Поради климатските промени и нелојалната конкуренција производството на најслаткиот пчелин производ се намалува, а поради зголемените трошоци за производство, цената на медот расте.

Мед ќе има, ама тегла од ова слатко задоволство есенва ќе не чини 600 денари во просек. Производителите на мед велат дека поскапувањето е неминовно, пред се, поради зголемените цени на горивата, шеќерот, опремата за работа. Но она што ги загрижува пчеларите е намаленото производство на мед, кое во споредба со претходните години е и повеќе од двојно помалку.

Во близина на скопската населба Ѓорче Петров ги посетивме пчеларниците на Венче Билбилоски. Повеќе од 25 години произведува мед и раскажува дека последните неколку години се се потешки за производство на мед. Во промената на климатските промени ја гледа главната причина за намалените приноси на мед.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Медот и поскап и се помалку го има

„Сведоци сме на енормно ниски температури во време на вегетација, во април кога сите овошки цветаат. Тогаш може да падне снег и ниски температури под нула што значи дека негативно се одразува на нектарењето на пчелите а тие се првите знаци кога пчелата треба добро да се развие. После тоа климатските промени негативно влијаат и во летниот период кога температурите се над 35 до 40 степени. Таа температура многу малку одговара за нектарење. Цветовите лачат нектар, а пчелите не се во состојба да го соберат или собираат онолку колку што може да искористи. И затоа приносите се многу помали,“ објаснува Билбилоски, претседател на пчеларското здружение „Матица“.

Покрај климата која не им оди во прилог на пчелите, пчеларите се жалат на нелојалната конкуренција.

„Тој недостиг на мед фалсификаторите го злоупотребуваат правејќи некои додатоци за медот, сирупи итн. а наша цел е на купувачите да им укажеме на тие недостатоци, да можат многу полесно да го познаат вистинскиот мед“, вели Билбилоски.

Токму против таквите манипулации министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски деновиве најави и промени во моделот на субвенционирање на земјоделците. Промените на условите и критериумите под кои ќе се добиваат субвенциите ќе важат и за пчеларите.

Осумдесетгодишниот Бранко Тасевски од кумановско Пелинце целиот свој живот го поминал со пчелите. Признава дека ова лето не било поволно за производителите на мед. Неколкупати досега користел субвенции, но сугерира дека поради зголемените трошоци ресорното министерство треба да го зголеми износот на финансиска помош која им ја дава на оваа категорија земјоделци.

Тасевски меѓудругото, вели дека треба да се прават поголеми контроли од надлежните и да не им се дозволи на фалсификаторите или увозниците да прават злоупотреби со медот.

„На пазарите повеќе се продава фалсификуван мед, таков мед има колку сакаш. Ние постојано се бориме против таквата нелојална конкуренција. Но нас ни треба помош од државата. На пример државата треба да врши редовни контроли за бројната состојба на пчелите, да ги открие манипулаторите и да се прават редовни контроли за квалитетот на медот од стручните служби“, вели Тасевски.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе ја презентираа првата работна верзија за новиот модел на субвенционирање во земјоделието.

Предложениот концепт ги става сите чинители во еден систем, односно земјоделците своето производството ќе треба да го предадат во регистиран капацитет, на тој начин ќе нема трговци што ќе откупат на црно, со што ја спречуваме појавата на сива економија.

Видете и ова: Климатските промени ги намалија приносите и ги зголемија цените на производите

Фокусот се става за зголемување на домашното производството за оние производи што се извезуваат, поддршка во зголемување на приносот, а со тоа и намалување на увозната зависност од стратешки култури.

„Досегашната поддршка на земјоделците не се крати, туку се распределува во повеќе програми преку воведување дополнителни услови и критериуми за да имаме зголемено производство на храна“, уверуваат од ресорното министерство.

Од пчеларското здружение „Матица“ се надеваат дека новите промени во моделот на субвенционирање ќе биде на подобро.

„Се надеваме дека ќе се исфилтрира бројот на вистинските пчелари. Оние пчелари коишто не се регистрирани нема да можат да ги добиваат тие субвенции, а вистинските пчелари ќе може да добиваат поголеми субвенции“, вели Билбилоски.

Билбилоски и Тасевски продолжуваат да ги одгледуваат пчелите со многу љубов и посветеност. Заработката од оваа дејност не е голема, но како што велат нема поголемо задоволството од тоа да се јаде квалитетен, домашно произведен мед.

Инаку според пресметките, во земјава има околу 315.000 пчелни семејства и секое носи од 8 до 10 килограми мед. Регистрирани се 7000 пчелари.

Минатата година Министерството евидентирало пријавени 312 илјади пчелни семејства од пчелари кои се пријавиле за субевнции. Во 2012 година имало 150 илјади пчелни семејства.