Ќе расте ли евроскептицизмот по бугарското не?

илустрација

Македонските граѓани не ја кријат разочараноста од бугарското вето за македонските евроинтеграции. Според Иван Стефановски од невладината „Евротинк“, очекувано е сега да порасне евроскептицизмот. Сепак тој апелира реформите да продолжат, а државата да не се однесува како „налутено дете“

Блокадата од Бугарија за Македонија да не ја отвори преговарачката рамка за официјален почеток на преговорите со Европската Унија за повеќето граѓани е разочарувачка, но не и изненадувачка постапка, со оглед на меѓусебните препирања во изминатиот период. Сепак и покрај неповолното сценарио за нашата земја, граѓаните веруваат дека еден ден ќе ги отвориме долгоочекуваните преговори за членство.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

За ЕУ и покрај пречките на патот

„Сигурно дека сме разочарани. Не очекувавме така да одговорат. А исто ние сме со доброседски односи и тоа го искажавме уште на почетокот. Истото требаше и тие да го сторат бидејќи се трудиме да најдеме заедничко решение за работите кои се спорни“, вели пензионерката Нетка Лозановска.

„Не е добро воопшто, не само за нас, и за нив исто така не е добро, зошто си го изгубија својот авторитет“, вели Џемаил Шеќеров, жител на Скопје.

„Можеби некогаш, но се сомневам дека ќе станеме дел од ЕУ бидејќи од секоја страна блокади имаме и така“, вели еден од анкетираните граѓани.

Дел од граѓаните сметаат дека новата пречка на патот кон ЕУ ќе го зголеми евроскептицизмот, но сепак, се надеваат дека ќе го дочекаат денот кога ќе ги отвориме преговорите за членство.

„Мислам дека ова ќе ја намали довербата на луѓето во ЕУ, мислам дека требаше ЕУ повеќе да се ангажира околу оваа состојба што ни се случува нас“, околу преговарачите, вели Лозановска.

„Јас не сакам да станеме членка, зошто тие не потценуваат нас. Европа, Европа што запнале за Европа? Овде катастрофа судство, сите институции се катастрофа а вие сакате во Европа. И се да им дадат на Бугарите, Европа пак ќе бара ние економски да стоиме на нозе, па да не примат“, вели Димче Ордески од Скопје.

„Оптимист сум, да. Навивам за тоа. Може ќе се смени ситуацијата. Јас сакам да сме дел од ЕУ. Децата ми се таму, и ние одиме почесто, зошто да не бидеме дел од Унијата и ние“, прашува Шеќеров.

Бугарското МНР за РСЕ кажа што точно бара Софија

Со оглед на контекстот во кој се наоѓаме, очекувано е зголемување на евроскептичните чувства кај македонските граѓани, кои пак, во последните неколку години покажуваат солидна поддршка за членство во ЕУ, или во проценти 70 насто поддршка. Но, тоа не мора да биде случај, посочува Иван Стефановски, извршен директор на Центарот за европски стратегии „Евротинк“ од Скопје.

„Ќе споделам со вас еден мал куриозитет, дури и по ветото на Макрон минатата година, Евротинк направи еврометар истражување каде што поддршката кон ЕУ се зголеми. Така што понекогаш нашите граѓани знаат да изреагираат импулсивно, во овој случај позитивно односно да се зголеми поддршката, што е многу интересно, меѓутоа имајќи го предвид целиот контекст јавниот дискурс, наративите околу кои е спакувана целата приказна, за жал можеме да очекуваме намалување на поддршката за членство“, вели Стефановски.

Видете и ова: Северна Македонија пак во чекалницата на ЕУ

Независно од последниот развој на настаните кои не одат во полза на земјава, Стефановски вели дека во никој случај не смееме да запреме со реформите, туку напротив да се работи забрзано во областите на јавната администрација, борбата против корупцијата и организираниот криминал, грижата за здрава животна средина и др. приоритети.

„Не смееме да го развиваме кај нас оној синдром на мало искарано дете кое сега ќе биде навредено и налутено и ќе чучне некаде во некој ќош, напротив треба одговорно да се носиме со сите предизвици. Овој пат не е лесен и никој не кажал дека ќе биде лесен, мора да се опстои и ниту еден милиметар не смее да се отстапи од тврдењето дека ЕУ е нашата единствена траекторија на движење“, заклучува Стефановски.

Одлуката на Бугарија да стави вето за пристапните преговори со РСМ официјална Софија ја правда со тврдењата дека Скопје го прекршило Договорот за доброседство потпишан меѓу двете држави во 2017 година во неколку области- формулациите за историјата и јазикот, застој во работата на историската и меѓувладината комисија, поддршка на претензиите за признавање на македонското малцинство во Бугарија и говор на омраза и пречки за бугарскиот бизнис во Северна Македонија.

Македонските власти не ја кријат разочараноста од постапките на источниот сосед и се уште се надеваат на договор, иако се помалку веројатно е дека во наредните неколку недели би можел да се постигне договор со Бугарија со што би се деблокирал патот на Северна Македонија кон ЕУ.